Прво возење со новата фејслифт Opel Astra и Astra Sports Tourer 

Opel ме покани да одам во Хрватска за првите тест возењa на новата освежена Opel Astra – поканата ја прифатив со задоволство, па ајде да видиме што има да понуди оваа нова освежена верзија на еден од најпопуларните хечбек автомобили. 

Astra е навистина легендарен автомобил во компактната класа со 90 години историја! Да, приказната за овој компактен автомобил започнува со името Kadett уште во далечната 1936 година, за потоа во 1991 година името да биде сменето во Astra. По повеќе од четири децении, брендот продолжува со моделот Astra, обезбедувајќи разумна опција во компактната класа. Сега, фејслифт верзијата на Astra L доаѓа со умерени ажурирања од техничка перспектива, но нуди разновиден спектар на погонски единици и две форми на каросерија.

Уште кога прв пат се појави на пазарот во 2021 година, тековната генерација на Astra изгледа убаво и не премногу нападно, со аголен изглед и пријатни пропорции. Па затоа и не беа потребни премногу козметички ажурирања со фејслифтот. За пофалба е и тоа што Германците не ја „напуштаат“ својата легенда и покрај растечката популарност на SUV возилата, тие сè уште гледаат простор за класични компактни возила. Opel одржува силно чувство на независност и покрај тоа што е дел од Stellantis групацијата, фалејќи се дека новата Astra е „дизајнирана и конструирана“ во Риселсхајм. Ова е смела изјава со оглед на тоа што работи како платформата, моторите, па дури и некои прекинувачи се делат со нејзиниот француски братучед.

Освежената Astra е препознатлива уште на прв поглед главно по својот нов преден светлосен потпис. Дизајниран е да личи на компас, а покрај осветленото лого на брендот, четири линии околу логото се осветлени. Визуелната проценка ќе ја оставам на вам, но на дизајнерите не може да им се одрече оригиналноста и препознатливоста. Покрај подмладувањето на изгледот, инженерите се фокусираа главно на она што возачите всушност ќе го ценат – ги подобрија фаровите, удобноста и ефикасноста на погоните.

Потеклото на автомобилот останува голема атракција. Astra продолжува да се дизајнира и произведува во Риселсхајм, Германија. Во време кога многу традиционални германски брендови го преместуваат производството подалеку на исток или надвор од Европа поради трошоците, оваа информација носи тежина поврзана со одредено ниво на квалитет и изработка. Главните промени на дизајнот се фокусирани на предниот дел, па затоа профилот и задниот дел остануваат речиси непроменети во однос на пред фејслифт верзијата. Opel, исто така, одлучи да навлезе во минатото, ентузијастите за класични автомобили сигурно ќе ги ценат новите бандажи инспирирани од дизајните познати од Kadett и Rekord. Патем, тие се именувани по овие модели. Друг знак на историјата се препознатливите „жабри“ зад Ц-столбот, чие присуство е инспирирано од Kadett D. Дополнително, достапна е и нова интересна „Klover Green“ боја. Во време на голема популарност на темни-сиви бои, вистинско освежување е да се види некоја ваква „свежа“ боја. 

Најважната новост кај освежената Astra е употребата на новите Intelli-Lux HD адаптивни фарови – познати од новиот Grandland. Овој систем има повеќе од 50.000 пиксели (25.600 од секоја страна, за да бидем попрецизен) кои го отсекуваат околниот сообраќај во реално време со „хируршка“ прецизност. Светлината е посветла и порамномерна без да ги заслепува возачите што доаѓаат од спротивната насока. Според податоците на производителот, базирани на практични тестови, возачот сега може да детектира пречки 30 до 40 метри порано со брзина од 80 км/ч. Ова значи околу една до две секунди повеќе време за реакција. Како дел од тест возењето, имав можност накратко да пробам и како функционираат во реалност овие нови светла – и нивната работа е навистина за пофалба, би рекол дека ова е опција што мора да ја ставите кога ја конфигурирате вашата Astra. 

Кога станува збор за ентериерот, со освежувањето Opel малку ја промени својата стратегија и го следеше здравиот разум. Поточно, гласот на своите клиенти. Opel ги послуша барањата на клиентите и заклучи дека покривањето на секој можен елемент со сјајна пијано црна пластика не е најдобра идеја, затоа што лесно се гребе и тешко се одржува чиста. Сепак, штета е што им требаше толку долго да разберат нешто што беше очигледно од самиот почеток. Но, подобро подоцна отколку никогаш. Наместо пијано црна пластика, сега имаме мат сива површина што изгледа значително подобро – ја има и на централната конзола и на воланот. Задржувањето на физичките копчиња е исто така благодарение на клиентите. За среќа, ова осигурува дека ергономијата на користење на основните функции во освежената Astra останува на многу високо ниво. Ако Opel имал намера да им се допадне на конзервативните клиенти со ова, сигурно направил потег во вистинската насока.

Останатите промени може да се опишат како „класичен фејслифт“. Како стандард добиваме Intelli-Seats со ергономски вдлабнатини (седиштата сертифицирани од AGR бараат дополнителна доплата), опремата вклучува рециклиран тапацир (вегански велур), а воланот сега е обложен со еко-кожа.

Многу внимание е посветено и на мултимедијата, која е ажурирана со нов софтвер (значително побрз од претходно), помош од ChataGPT и моќен планер за патување за електричната верзија. Пристапот кон дигитализацијата на кокпитот останува непроменет, па така пред возачот се наоѓа 10-инчна дигитална инструмент табла и 10-инчен централен дисплеј за инфозабавниот систем. Не сите промени се веднаш видливи –  звучната изолација заслужува голема пофалба, бидејќи лесно може да се опише како меѓу најдобрите во својата класа.

Кабината на Astra нуди навистина добра просторност, како и разумни решенија за складирање напред. Вклучувајќи пристојни џебови на вратите, преграда пред совозачот со доволна големина, длабок преграден простор под централниот потпирач за раце со поделен капак и неколку држачи за чаши вградени во тунелот кај менувачот. 

Што се однесува до багажниот простор, Hybrid верзијата нуди најголем багажен капацитет кој изнесува 422 литри (кај хечбек изведбата), односно 1339 литри со преклопени задни седишта. Astra Electric губи малку капацитет поради поставеноста на батериите и нуди 352 литри, односно 1268 со спуштени седишта. Предност за Sports Tourer изведбата, покрај поголемиот капацитет (597 – 1634 литри) е тоа што има задни седишта што се делат и се преклопуваат во сооднос од 40:20:40, додека хечбекот мора да се задоволи со конфигурација од 60:40.

Opel Astra останува еден од ретките модели во средната класа што нуди навистина широк спектар на погонски склопови без да мора да ја менува платформата. Купувачите можат да избираат помеѓу целосно електрична верзија, plug-in хибрид, благ хибрид и класичен дизел. Ваквата разновидност е исклучителна меѓу денешните компактни возила.

Ќе почнам од верзијата која претпоставувам ќе биде и најпопуларна на нашиот пазар (една од причините за ова е и актрактивната цена). Станува збор за 1.5-литарскиот дизел мотор кој Stellantis реши да го врати во понуда. Испорачува 130 коњски сили и 300 Nm вртежен момент, спарен е исклучиво со 8-степен автоматски менувач и треба да понуди просечна потрошувачка која би се движела од 5 до 6 литри. 

Следно во понудата е Hybrid верзијата – поточно, 1.2-литарски турбо-бензинец спарен со mild-hybrid систем. Тука моќноста изнесува 145 коњски сили, а силата се пренесува преку 6-степен eDCT автоматски менувач во кој е интегриран електромотор. Дополнително, има и мала 48V литиум-јонска батерија со капацитет од приближно 0,9 kWh. Овој погон е веќе познат од други модели на Opel и нуди доста разумна потрошувачка дополнето со возење во електричен режим при мали брзини во градски услови.

Најмоќната Astra е Plug-in хибридната верзија која комбинира 1.6-литарски турбо-бензинец и електромотор, а силата сега се пренесува преку нов 7-степен автоматски менувач со двојна спојка. Клучната промена тука е поголемата батерија од 17,2 kWh (претходно 12,4 kWh), што го зголемува електричниот досег на 82-84 километри според WLTP.

За крај, тука е и целосно електричната верзија која сега има малку поголема батерија со вкупен капацитет од 58 kWh (претходно 54 kWh). Моќноста кај оваа верзија останува на 156 коњски сили. Со подобрена аеродинамика и ефикасност, досегот е зголемен на 454 километри (34 километри повеќе од претходно) за хечбекот и 445 километри за Sports Tourer. Со користење на брзиот полнач од 100 kW може да се надополни батеријата од 20 до 80% за околу половина час. Нова карактеристика е функцијата V2L (Vehicle to Load), која ѝ овозможува на батеријата на автомобилот да напојува надворешни апарати како што се електрични велосипеди или опрема за кампување.

Kога станува збор за возните карактеристики, Opel Astra останува еден од поинтересните модели во сегментот на компактни автомобили. Уште при првото возење остава впечаток на добро избалансиран и зрел автомобил, со нагласен фокус на удобноста и стабилноста. Квалитетот на возење е на доста високо ниво, нерамнините се апсорбираат сигурно и без непотребни вибрации, додека бучавата е одлично изолирана, што придонесува за порелаксирано патување на подолги релации. Со освежувањето, Opel работеле на подобрување на звучната изолација, а како стандард се добива и акустична шофершајбна, додека повисоките нивоа на опременост добиваат и странични акустични стакла. 

Суспензијата е внимателно избалансирана кај сите верзии што имав  можност да ги возам, вклучително и потешките електрични и plug-in хибридни изведби. Од Opel потенцираа дека освежениот модел има нова суспензија на предниот дел и навистина се чувствува разликата, ова особено се чувствува кај Plug-in хибридната верзија. Суспензијата нуди добра комбинација помеѓу комфор и контрола, овозможувајќи автомобилот да остане стабилен дури и при подинамично возење. Шасијата е цврста и добро поставена, што дополнително ја нагласува сигурноста во свиоци и при повисоки брзини. Управувањето е лесно, прецизно и доволно директно, токму онака како што се очекува од модерен компактен автомобил. Тоа овозможува возачот да има добра контрола и чувство за патот, без да бара преголем напор. При подинамично возење, Astra се однесува неутрално и предвидливо, што инспирира доверба и дозволува прилично вешто маневрирање дури и под притисок. Слободно може да се каже дека нуди и одредена доза на возачко уживање, нешто што не е секогаш случај кај автомобили од оваа класа. Дури би рекол  дека зад воланот на Astra се чувствува поголем ангажман и поврзаност со автомобилот, особено во споредба со другите вакви модели од Stellantis групацијата. 

SUV автомобилите можеби се помодерни и далеку повеќе популарни во моментов, но постојат традиционални вредности кај хечбек автомобилите како што е Opel Astra. Доброто е тоа што Opel ги слушнале критиките на клиентите и успеале токму тие најважни работи сега да ги направат подобри. 

Новата Opel Astra ќе биде достапна на македонскиот пазар многу наскоро, а неофицијално почетната цена за верзијата со 1.5-литарски дизел мотор ќе изнесува 26.490 евра, додека цената за хибридната верзија ќе изнесува 27.900 евра.