Porsche Driving Experience програмата е веќе долгогодишна традиција во Македонија. Секоја година се одржува Porsche Road Tour настанот на кој може да се пробаат сите модели кои ги нуди брендот, оваа година Porsche Road Tour се одржува по втор пат, но овој пат станува збор за Taycan Road Tour. Како што кажува и името, овој настан е наменет само за електричниот седан Taycan – поточно новата фејслифт верзија на Taycan, која освен визуелните промени доби и голем број механички измени.
Taycan е првиот целосно електричен модел на Porsche, а кога се појави на пазарот во 2019 година за многу кратко време привлече огромен број на клиенти. Сега, 5 години подоцна, Porsche одлучи дека е време за освежување на електричниот седан. Па така, новиот фејслифт модел освен суптилно променетиот надворешен дизајн, доби и поголема моќност, поголем досег, побрзо полнење и секако, подобри перформанси.
Почетокот на оваа рута е продажниот салон на Porsche во Скопје и на располагање имаме вкупно 5 автомобили. Поточно врвните верзии, Taycan Turbo и Turbo S, Taycan Turbo Sport Turismo и Taycan Turbo Cross Turismo.
Taycan не ми е непознат автомобил, до сега ги имам возено сите верзии кои се достапни и на крај импресиите се секогаш изненадувачки – било која верзија на Taycan со секое притискање на педалата за гас „до крај“ едноставно ве остава без зборови. И другата работа е тоа што и покрај „тивкото“ возење без агресивен звук од моќен бензински мотор, ова е вистински Porsche автомобил во однос на возни карактеристики.
Патувањето го започнувам во Taycan Turbo Sport Turismo и морам да признаам дека ова ми е најомилената верзија на електричниот седан. Има нешто специјално во караван моделите што ги прави навистина интересна алтернатива на се повеќе популарните SUV модели. Со освежувањето, Turbo верзиите сега добиваат батерија со капацитет од 105 kWh (97 kWh искористливи) што пак овозможува досег од 528 до 610 километри со полна батерија – се разбира, во зависност од условите на возење. Моќноста тука е 884 коњски сили и 940 Nm вртежен момент. Од 0 до 100 км/ч стигнувате буквално „додека трепнете“ или во бројки – за 2.7 секунди! Максималната брзина е електронски ограничена на 260 км/ч. На автопат, Taycan Sport Turismo е многу пријатен и комфорен автомобил, а рафинираноста е дополнително збогатена со одлична звучна изолација.
Крајната дестинација е Велес, а полека се приближуваме кон пат кој е полн со интересни свиоци. Застануваме за промена на автомобил и овој пат седнувам зад воланот на стандардната изведба на Taycan, исто така во Turbo верзија. На ваков пат, јасно се гледаат спортските гени на Porsche и кај овој електричен модел. Новата надградена суспензија кај освежениот Taycan прави „чуда“. Во Normal режим на возење успева да понуди комфорно и меко возење, додека во Sport режим тотално се трансформира во спортски автомобил – суспензија е значително поцврста, воланот е подиректен и педалата за гас многу пореспонзивна. Инженерите на Porsche направиле вистинска магија бидејќи тежината од 2290 килограми кај оваа верзија е доста успешно маскирана и ситуациите каде што како возач ја чувствувате поголемата тежина се минимални и тоа главно при поагресивно сопирање.
Следно на распоред е врвниот Taycan Turbo S – капацитетот на батеријата е ист како и во Turbo верзијата, а досегот тука е нешто поголем. Официјалните податоци велат дека со полна батерија може да се поминат од 558 до 634 километри. Дали овие бројки се добиваат и во реален свет во оваа ситуација не би можел да кажам. Перформансите на Turbo верзијата се веќе луди, но тука одиме уште еден степен повеќе…Моќноста на Taycan Turbo S е тотално луди 952 коњски сили и 1110 Nm вртежен момент. До 100 км/ч се стигнува за 2.4 секунди и максималната брзина исто така е ограничена на 260 км/ч.
Со новата функција push-to-pass, моќноста може да се зголеми до 70 kW (во зависност од моделот) со притискање на копчето на воланот и трае 10 секунди. Подобрите забрзувања генерално се резултат на повисоките перформанси на системот. Всушност има една „финта“, тие 952 коњски сили не се постојано достапни, туку се добиваат или со push-to-pass функцијата или со Launch Control функцијата. И какво е забрзувањето кога автомобилот ја испорачува максималната моќност? Со еден збор – БРУ-ТАЛ-НО! Сум возел и сум се возел во многу спортски автомобили, но тука во буквална смисла ги чувствувате органите и мозокот како се помрднуваат во вашето тело. Струјата прави вистински чуда…
Дали навистина ви се потребни перформансите кои ги нуди Taycan Turbo S, па и Taycan Turbo? За повеќето клиенти на Taycan најверојатно не се неопходни, но за оние што бараат нешто повеќе и едноставно сакаат да возат спортски и брз електричен автомобил тогаш доплатата за ваква верзија вреди. Јас лично не сум толку голем фан на „струјата“ и повеќе сакам да сум зад воланот на автомобил што користи бензин за да работи, но ја разбирам целата поента со електричните автомобили. Реалноста е дека повеќето електрични автомобили не нудат емоции што може да ги понудат автомобилите со мотор со внатрешно согорување, но кај Taycan приказната е малку различна. На крај на денот сепак зборуваме за автомобил кој доаѓа од рацете на Porsche, a ова е бренд кои ги прави најдобрите спортски автомобили. И го почитувам тоа што главната ДНК на брендот е задржана и кај овој модел.
Повеќе информации за Porsche Taycan може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Porsche.
ГАЛЕРИЈА