ТЕСТ: Nissan Juke 1.0 DIG-T Tekna

Првата генерација на Nissan Juke направи историја како автомобил со еден од „најлудите“ дизајни на сите времиња. Плус, Juke ја започна цела оваа инвазија на компактни кросовер модели. Во своите 10 години од постоење, Juke доби околу 24 конкуренти, но од сите тие модели, Juke со својот уникатен и радикален дизајн се издвојува највеќе и кога ќе го видите на улица нема шанси да го помешате со некој друг автомобил. Минатата година, Nissan ја претстави втората генерација на својот компактен-купе кросовер кој сега е со помодерен надворешен и внатрешен дизајн, многу нови технологии и малку поголеми димензии – Прочитајте го тестот за да ги дознаете моите импресии!

Првата генерација на Juke беше доста успешен модел за Nissan, од своето претставување па се до минатата година продадени се повеќе од 1.5 милиони примероци на глобално ниво и да бидеме реални тоа е огромен успех. Новата втора генерација е поставена на CMF-B платформата со која новиот Juke е полесен за 23 килограми, а оваа иста платформа ја користат и новите Renault Captur и Clio. Должината на новиот Juke изнесува 4210мм што е за 75мм повеќе од претходниот модел, ширината е 1800мм што е за 29мм повеќе, меѓуоскиното растојание сега е 2636мм и е поголемо за 105мм и висината е зголемена за 13мм и сега изнесува 1595мм. Ајде сега да зборуваме за дизајнот – Juke отсекогаш бил автомобил кој или ви се допаѓа премногу или едноставно го мразите. Новиот модел е со малку посмирен, помодерен и не толку екстравагантен дизајн и луѓето на кои не им се допаѓа сега се во значајно помал број. Втората генерација го задржува карактеристичниот дизајн и не губи од својата оригинална персоналност, но на прв поглед изгледа многу поумерено. Округлите светла, кои беа главниот белег на Juke, останаа и тоа се главните светла кои сега стандардно се со LED технологија. Дневните светла кои се поставени над главните светла, сега се со различна форма и не се толку испакнати како претходно туку дискретно се вклучени во лицето на автомобилот и ја следат „V-Motion“ решетката за ладилникот. Профилот на Juke ги открива своите карактеристични и динамични облини, а забележителна е и купеовската форма која ја има – кога ќе ги додате на се ова и 19-инчните бандажи, новиот Nissan Juke добива спортски и уникатен карактер. Задниот дел е широк и со многу остри линии, додека динамичните контури на широките крила создаваат визуелна робустност. На крајот, силуетата на Juke е хипер-привлечна и ова е автомобил за оние кои сакаат да бидат забележани во еден неконвенционален и уникатен модел. Тест моделот привлекуваше и дополнително внимание бидејќи беше во “Red Fuji” металик боја, која мене лично особено ми се допадна и овој автомобил се купува токму во вакви храбри бои!

Да одиме внатре и да го видиме ентериерот – штом ќе ја отворите вратата го добивате оној „wow ефект“. Во споредба со претходниот модел, разликата внатре е голема и веднаш приметлива. Квалитетот на материјалите и завршната обработка е навистина многу добра, особено оние делови кој често се допираат и се во видно поле. Сите контроли се јасно поставени и лесни за ракување, а за пофалба е и тоа што Nissan ги оставиле физичките копчиња за оние функции кои често се користат. Доста интересен детал се трите отвори за климата во средина кои придонесуваат за спортскиот изглед, а ова го дополнуваат и спортските седишта кои во наслонот за главата имаат вградени звучници кои допринесуваат за неверојатен „ 360° surround ефект“ – овој Bose Personal Plus аудио систем е достапен како опција и би го препорачал за сите оние кои се љубители на музика. Аналогните инструменти пред возачот останаа, но сега е поставен голем дисплеј во средина на кој се прикажува навигација или други битни информации. На горниот дел од централната конзола е поставен нов 8-инчен дисплеј за infotainment системот кој има солидна графика и е релативно лесен за користење. Како и сите други модерни автомобили, стандардно добивате wireless поврзување со Apple CarPlay и Android Auto, како и Google Voice Assistant. Најновите напредни безбедносни системи се исто така дел од новиот Juke – стандардно е вклучено lane keeping assist, emergency braking, sign reading и друго. А пак како опција достапно е и blind spot monitoring, reversing traffic monitoring, adaptive cruise control и driving assistant.

Во споредба со претходниот модел, на задната клупа сега има значително повеќе простор. Благодарение на зголеменето меѓуоскино растојание, просторот за нозете е зголемен за 58мм, а просторот за главата за 11мм. За оние кои се високи до 185cm ќе има доволно простор и седење ќе биде удобно – тројца патници би можеле да се сместат, но единствено за некои кратки релации низ град. Зголемен е и капацитетот на багажникот, и тоа за 20% споредено со својот претходник. Во нормална форма, на располагање се достапни 422 литри багажен простор, а доколку ги спуштите задните седишта се добива капацитет од 1305 литри. Подот во багажникот може да го регулирате бидејќи нуди двојно дно, а под тоа се наоѓа уште еден оддел за оставање на некои помали работи.

Новиот Nissan Juke моментално е достапен само со еден мотор, а тоа е 1.0-литарски трицилиндарски турбо-бензинец кој располага со 117 коњски сили достапни при 5.250 вртежи во минута и 200 Nm вртежен момент достапен од 1.750 до 4.000 вртежи во минута. Силата се пренесува само на предните тркала и не е достапна опција за погон на сите четири тркала (реално не е ни потребно). Може да одберете 6-степен мануелен менувач или 7-степен DCT автоматски менувач – мојот тест модел дојде со мануелниот менувач. Перформансите не се кој знае какви, но за купувачите на овој автомобил ќе бидат сосема доволни. Забрзувањето од 0 до 100 км/ч трае 10.4 секунди, додека максималната брзина изнесува 180 км/ч. Ограничената понуда на мотори не претставува некаков проблем бидејќи моторот што е достапен е навистина добар. Изолацијата која е поставена е на многу добро ниво, така што во кабината нема премногу да го слушате оној класичен трицилиндарски звук. Одзивот на педалата за гас во нормален режим е океј, но доколку префрлите во спортски режим педалата за гас е доста пореспонзивна. Мануелниот менувач е прецизен и фин за користење, брзините се доста кратки, а тоа значи дека во градски услови на возење ќе треба малку повеќе да работите со него – калибрацијата на менувачот со моторот е перфектна. Официјалната просечна потрошувачка во градски услови според Nissan изнесува околу 6 литри на 100 изминати километри, јас не стигнав до таа бројка и мојата просечна потрошувачка од неколку дневното возење изнесуваше 8 литри – сосема коректна и реална потрошувачка.

Nissan Juke е достапен во пет нивоа на опременост – Visia, Acenta, N-Connecta, Tekna и N-Design. Моделот што го имав на тест беше во едно од највисоките нивоа, а тоа е Tekna. Стандардната опрема вклучена во ова ниво содржи – Intelligent cruise control, Intelligent driver alertness, Blind spot monitor, Rear cross traffic alert, автоматски клима уред, сензор за дожд, спортски седишта, амбиентално осветлување, 8-инчен екран на допир со навигација, предни и задни паркинг сензори, 360 степени паркинг камери, греење на предни седишта, full LED предни и задни светла, 19-инчни алуминиумски бандажи, затемнети стакла и многу друго…

И за крај ајде да зборуваме за возењето – првата работа што ќе ја забележите одма штом седнете зад управувачот е високата седечка позиција која ви дава чувство на сигурност и добра прегледност. Во голем дел од конкурентите на Juke седењето е исто како и во некој хечбек модел, а со тоа го немате чувството дека сте во кросовер/SUV модел. Сетингот на шасијата ќе го задоволи сечиј вкус на возење – изненадувачки е тоа што и со огромните 19-инчни бандажи возењето во град е доста удобно, а ќе треба малку повеќе да внимавате на сите поголеми дупки бидејќи гумите се со 45 профил. Управувачот е лесен и прецизен за маневрирање, прегледноста е на солидно ниво, освен кон задниот дел, а тоа се должи на малото задно стакло и купеовската форма. Затоа тука се паркинг сензорите и камерите кои ќе ви го олеснат паркирањето во тесните места. Со оглед на тоа дека Juke голем дел од времето ќе биде возен во градски средини навистина нуди добар комфор и со леснотија ќе го поминувате градскиот метеж. Да, изгледот можеби го прави новиот Juke спортски, но зад управувачот не очекувајте кој знае какви спортски карактеристики. Преку D-Mode копчето поставено кај менувачот може да одберете „Sport“ режим на работа, а со тоа управувачот добива плус тежина и педалата за гас е многу пореспонзивна – има солиден грип во кривини и е доста агилен, плус како за кросовер модел нема пренагласено навалување. Каков е Juke кога ќе ја напуштите урбаната средина и возите на отворен пат? – едноставно рафиниран и удобен. Звучната изолација е за пофалба бидејќи во кабината нема преголема бучава, освен од тркалата, а тоа е сосема нормално поради големината на бандажите на тестираниот модел. Без никаков проблем ќе може да поминете илјадници километри на отворен пат, а доколку го одберете и опционалниот ProPilot систем кој автоматски ја регулира брзината и ве држи во лента, патувањето ќе го поминете со уживанција и без замор.

Почетната цена за Nissan Juke Visia 1.0 DIG-T изнесува 18.900 евра.

Цената на тестираниот модел Nissan Juke Tekna 1.0 DIG-T изнесува 26.400 евра.

Повеќе информации за возилото може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Nissan!

ЗАКЛУЧОК
Новата генерација на уникатниот Nissan Juke со сигурност ќе го продолжи успехот на својот претходник. Со својот хипер-атрактивен дизајн, квалитетен и модерен ентериер, high-tech опции, како и зголемен простор на задните седишта и во багажникот ќе привлече уште повеќе млади клиенти кој сакаат да бидат забележани во својот автомобил.
ПОЗИТИВНО
Уникатен дизајн.
Комфорно и рафинирано возење.
Подобрена пространост на задната клупа.
НЕГАТИВНО
Нема електрифицирана верзија.
Достапен е само еден мотор.
4.5
More Stories
ТЕСТ: BMW 320d M Sport