Peugeot ја претстави фејслифт верзијата на популарниот 2008

Еден од француските хитови штотуку доби освежување за да продолжи успешно да го освојува пазарот. Новиот Peugeot 2008 дебитира во фејслифт верзија која се промени не само визуелно, туку под хаубата може да се најдат и голем број новитети.

Втората генерација на трендовскиот кросовер штотуку го доживеа своето прво големо дотерување. Ова е добро време, бидејќи конкуренцијата исто така постојано ги освежува нивните автомобили. Во меѓувреме, овој француски автомобил е еден од најпродаваните во Европа, и никој овде не сака да се откаже од највисокото скалило на подиумот. Освежениот Peugeot 2008 доби нов стил и мали промени во внатрешноста, а под хаубата ќе најдеме интересни новитети.

Кај освежениот 2008 најмногу се смени предниот дел. Како што се очекуваше, новиот стил на предниот дел се базира на поголемиот Peugeot 508 и концептните автомобили прикажани во последните месеци. Ревидираните светла сега се комбинираат со препознатливите триделни LED дневни светла. Тие, сепак, не се поврзани со главните светла, туку се посебен елемент што се вклопува во црно куќиште. 2008 доби и нова решетка и различно дизајниран браник.

Задниот дел на фејслифт моделот се препознава и по модифицираната форма на браникот, како и по различниот светлосен потпис на задните LED светла. На сето ова, додадени се нови дизајни за тркалата и нова Selenium Grey боја.

Најголемите новости во кабината се освежената инструмент табла и мултимедијата. Французите и во двата случаи поставија  10-инчни дисплеи со висока резолуција. Инструмент таблата го задржа 3D ефектот, но има нов распоред и поинаква форма на презентација на податоци. Мултимедијата работи и на освежен софтвер кој е полесен за користење.

Фејслифт верзијата се одликува и по освежените бои во кабината, новиот тапацир и различната форма на рачката на рачниот менувач. Во случајот со автоматскиот, имаме мал и рамен селектор, типичен за автомобили од поранешна PSA/Stellantis.

Главната новост тука е електричниот Peugeot e-2008. Токму на оваа верзија се фокусираа Французите, иако нема изненадувања. Електричната верзија на овој автомобил го доби веќе познатиот погон, кој пристига во сите електрични автомобили базирани на платформата e-CMP. Освежениот 2008 доби батерија со капацитет од 54 kWh и мотор кој нуди 156 коњски сили. Целиот систем користи инсталација од 400 V, што обезбедува ефикасност и ефективност. Овие промени треба да резултираат со помала потрошувачка на енергија, а досегот ќе се зголеми на 450 километри.

Дополнително, Peugeot 2008 на почетокот на 2024 година ќе добие нов 1.2-литарски погон со 136 коњски сили. Овде зборуваме за mil-hybrid, кој се претпоставува дека е 15% поекономичен од сегашната верзија. Тука, 8-степениот автоматски менувач ќе биде заменет со 6-степен автоматски менувач со двојна спојка.

Во понудата си остануваат и класичните бензинци – односно, 1.2-литарскиот PureTech со 100 коњски сили кој е достапен исклучиво со мануелен менувач и појаката верзија на овој мотор со 130 коњски сили која е достапна и со мануелене и со автоматски менувач. Дизелот исто така ќе биде сеуште достапен, а станува збор за 1.5-литарски BlueHDi мотор со 130 коњски сили кој е исклучиво достапен со автоматски менувач.

Peugeot ја поедностави и понудата на нивоа на опременост, па со фејслифт верзијата ќе бидат достапни само три нивоа – Active, Allure и GT.

Официјалната продажба на новиот 2008 ќе започне во втората половина на оваа година.