На официјален настан беа свечено доделени наградите од шесттото издание на Изборот за Најпосакуван Автомобил во Македонија – „Златно Тркало“.
Златно Тркало претставува уникатен начин за избор на најпосакуваниот автомобил кај нас, преку гласање на целата јавност во Македонија која има пристап до интернет и социјалните мрежи. Целиот избор започна кон крајот на минатата годината, по што се формираше листата со финалист за гласање оваа година.
Овогодинешното издание беше и навистина големо. Вкупно 20 автомобили се натпреваруваа во 5 различни категории, а по бројните гласања токму публиката ги одбра победниците. Исто така, оваа година имаше навистина голем број на гласови, поточно нешто повеќе од 30.000 гласови!
Оваа година повторно го доделивме и признанието кое го даваме на македонци кои оставаат траг во автомобилската индустрија ширум светот. Оваа година добитник на признанието е Филип Аначковски, македонец кој работи во Bugatti-Rimac и кој веќе со години ја остава својата трага во автомобилската индустрија.
Победниците по категории за оваа година се:
- Најпосакуван Градски Автомобил за 2025 година е Geely Coolray
- Најпосакуван Семеен Автомобил за 2025 година е Opel Grandland
- Најпосакуван Електрифициран Автомобил за 2025 година е Peugeot 3008
- Најпосакуван Премиум Автомобил за 2025 година е Audi A5
- Главна Награда – Најпосакуван Автомобил за 2025 година е Cupra Formentor
Изборот Златно Тркало e организиран во соработка со нашите колеги од Автоплус, CarClub.mk и RPM.mk. Кон крајот на секоја година формираме листа на нови автомобили кои се пристигнати на нашиот пазар во период од една година и потоа на листата на гласање се наоѓаат модели кои овластените импортери ќе ги номинираат. Кога ќе започне гласањето, токму вие – нашата публика ги одбирате победниците. Со доделување на наградите, официјално заврши овогодинешниот циклус, а веќе од денес започнува следниот циклус каде повторно, заедно со вас – ќе ги избираме најпосакуваните автомобили во Македонија.















