Новиот Volkswagen ID.5 пристигна во Македонија

Во салонот на Volkswagen пристигна новиот електричен ID.5, односно „купе“ верзијата на ID.4 (кој неодамна го имав на тест). Проширувањето на ID моделите е една од најважните цели на Volkswagen. ID.5 е третиот модел од електричната гама на брендот кој е достапен на нашиот пазар.

Надворешниот дизајн на прв поглед е многу сличен како и кај ID.4. Но, има многу детали по кои се разликуваат овие два модели. ID.5 ја има истата форма на подигнат кросовер, но задниот дел е во стил на купе. Предниот дел e речиси идентичен како кај ID.4 со мали промени во отворите за воздух на браникот. Гледан од профил, ID.5 има закосена линија на покривот, а задниот дел е малку продолжен и е во класичен купе стил. Задните LED светла се идентични и кај двата модели, а она што се издвојува е интегрираниот спојлер, кој остава навистина добар впечаток. 

Внатрешноста е непроменета во однос на ID.4, тоа е точно истиот кокпит со истите опции. Пред возачот се наоѓа мала инструмент табла, а на централната конзола е 10-инчен екран за инфозабавниот систем. Бидејќи конкретниот модел од фотографиите е спортската GTX верзија, добива дополнителни промени во кабинатата. Тука се прекрасните спортски седишта, голем дел од местата во кабината се обложени со алкантара и црвени контрастни шевови. Логото GTX може да се забележи и на воланот и на праговите од вратите. 

Просторот на задните седишта кај овој модел е малку различен, особено над главата поради закосената линија на покривот, но сепак просторноста која ја нуди е одлична. Багажниот простор нуди капацитет од 543 литри и 1575 литри со спуштени задни седишта. 

Што се однесува до моторите и батериите тие се исти како и кај ID.4. Односно, на нашиот пазар е достапна само една батерија со капацитет од 77 kWh, но во три различни верзии – основната „Pro“ верзија има еден електромотор и испорачува 174 коњски сили, втората „Pro Performance“ верзија исто така користи еден електромотор, но испорачува 204 коњски сили, овие две верзии со полна батерија нудат досег до 544 километри. 

На врвот на понудата е GTX верзијата која користи два електромотори (по еден на секоја оска) и испорачува 299 коњски сили и 310 Nm вртежен момент. Забрзувањето до 100 км/ч трае 6.3 секунди, а максималната брзина е електронски ограничена на 180 км/ч. Оваа верзија со полна батерија нуди досег до 518 километри. 

Повеќе информации за новиот Volkswagen ID.5 може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Порше Македонија.