Тест: KIA Ceed 1.4 MPi ADVANCE

KIA Ceed e еден од најпопуларните хечбек модели во Македонија, а оваа нова трета генерација доаѓа со многу нови технологии и со многу богата стандардна опрема. Новиот Ceed сега е поставен на комплетно нова платформа и има промени во димензиите. Возилото е за 20 милиметри пошироко, 23 милиметри пониско, додека меѓуоскиното растојание останува непроменето.
Должината изнесува 4310мм, ширината е 1800мм, висината е 1447мм и меѓуоскиното растојание е 2650мм.

Надворешниот дизајн е комплетно сменет и сега е со поостри линии и многу поспортски изглед, а верувам дека повеќето од Вас ќе се сложите со мене дека KIA овој модел на Ceed го имаат доведено до перфекција. Во оваа класа на возила изборот е доста голем, а оваа трета генерација на Ceed се издвојува на еден свој начин од сите други конкурентни модели. Моделот кој што го имав на тест беше во повисокото ADVANCE ниво на опрема, а листата на стандардна опрема е прилично долга. Достапни се две нивоа на опременост: VISION и ADVANCE. Мојата препорака би било VISION нивото и верувам дека повеќето од Вас што ќе се одлучите за Ceed ќе го земете со тоа ниво бидејќи добивате мноогу стандардна опрема дури и во основното ниво!

Една од поважните промени во новиот Ceed е ентериерот, квалитетот на материјалите е многу подобрен за разлика од претходниот модел и скоро сите материјали се меки на допир.Океј, нормално има и места каде што се тврди пластики, но тие места се многу поретки. Се гледа и тоа дека KIA посветиле доста време за сите контроли да бидат на места каде што се лесно достапни и едноставни за користење при возење. Седиштата се удобни и нудат одлична поддршка, на предните седишта има доволно простор и за малку повисоките и лесно ќе може да ја најдат својата идеална возачка позиција. Во второто ниво на опременост (во кое што е тестираниот модел) добивате делови во кабината кои се во сребрена и сјајно црна боја за уште поубав и полуксузен изглед. Сите модели стандард добиваат 7 инчен дисплеј заедно со поддршка за Apple CarPlay и AndroidAuto за infotainment системот. Работи солидно, има лесно и едноставно мени, но сепак кога станува збор за графиката, некои од конкурентните модели имаат малку подобра. Ќе го пофалам и аудио системот кој има 6 звучника, а јачината и квалитетот кој го добивате е феноменален.За тие што ова нема да им биде доволно и сакаат уште подобар квалитет достапна е опцијата за JBL аудио систем кој има 8 звучника и многу повеќе Bass. Како опција достапен е и поголем 8 инчен дисплеј со кој добивате и вграден навигациски систем. Треба да се напомене и тоа дека во Ceed добивате многу повеќе стандардна опрема во споредба со конкурентните модели. Дел од опремата вклучува: паркинг сензори назад, задна паркинг камера, 7 инчен дисплеј, темпомат, патен компјутер, LED дневни светла итн…

На задните седишта лесно и удобно ќе можат да седат луѓе до 190cm, просторот за главата и нозете е сосема доволен. Треба да се возите тројца патници позади? Нема да имате проблем и со тоа, тунелот во средина кои го имаат некои други хечбек модели во Ceed го нема и подот е комплетно рамен. Па така нема да треба да се карате со пријателите за тоа кој ќе седи во средина бидејќи ќе имате доволно простор каде да ги ставите нозете и ќе може да седите скоро комплетно удобно. Багажникот за разлика од претходниот модел е зголемен за 15 литри и сега изнесува одлични 395 литри, а со тоа Ceed може да се пофали дека има доста поголем багажен простор од своите конкуренти. Формата е коцкаста и отварањето е широко, висината на подот може да се менува, а тоа значи дека може да го прилагодите за да добиете  комплетно рамен под. Со тоа нема да имате потешкотии при ставање и вадење на потешки работи од него. Деллива задна клупа(60:40) добиваат сите модели и со спуштени седишта багажниот простор прераснува во 1.291 литри.

На располагање имате три бензински и еден дизел мотор:

Бензински:
1.4 MPi со 100 коњски сили
1.0 T-GDi со 120 коњски сили
1.4 T-GDi со 140 коњски сили

Дизел:
1.6 CRDi со 136 коњски сили

Автоматски 7-степен менувач со двојна ламела е достапен само кај-1.4 T-GDi и 1.6 CRDi.
*сите овие мотори ги исполнуваат најновите EURO6d стандарди за загадување.

Моторот што јас би го одбрал е 1.0 турбо-бензинецот бидејќи нуди повеќе од доволни перформанси особено за возење во град и е солиден за на отворен пат, а потрошувачката нема да биде превисока. За дизел моторот би Ви го препорачал ако навистина повеќето од времето возите на отворен пат и поминувате многу километри годишно, во спротивно според мене тие екстра пари подобро би Ви било да ги дадете за некоја дополнителна опрема која што ќе Ви користи повеќе. Тестираниот модел беше опремен со 1.4 MPi атмосферскиот бензински мотор кој има 100 коњски сили и 134Nm вртежен момент. Искрено, овој мотор нема да ги задоволи сите купувачи, особено помладите.Не дека моторот не е добар, напротив, работи одлично, тивок е и има нормална потрошувачка(мојата просечна потрошувачка во градски услови на возење изнесуваше 7.6 литри на 100 изминати километри). Слабата страна се перформансите и забрзувањето кое го нуди, во која било брзина секогаш како да фали барем уште малку јачина…Овој мотор ќе ги задоволи сите потреби на фамилијарните луѓе на кои нема да им бидат толку важни коњските сили и брзото забрзување.

Стандардната опрема која ја добивате во ADVANCE нивото содржи: скоро сите најнови безбедносни системи, паркинг сензори назад, задна паркинг камера, Lane keep assist, автоматски клима уред, сензор за дожд, управувач и менувач обложени во кожа, темпомат, ограничувач на брзина, 7 инчен дисплеј за infotainment системот, патен компјутер, LED предни дневни светла, LED задни светла, електрика на ретровизори со греење, 16 инчни алуминиумски бандажи и уште многу друго…

Ceed е лесен за возење и во споредба со претходниот модел сега нуди многу повеќе комфор во возењето-Точно како што треба за еден мал фамилијарен хечбек модел. Управувачот е лесен и прецизен за маневрирање низ градските улици, а суспензијата одлично се справува со сите нерамнини на патот и не се осеќаат многу вибрации во кабината. Навалувањето во кривини е сведено скоро на минимум, но некои конкурентни модели се постабилни и поинтересни за возење на пат полн со кривини. Мора да се напомене и тоа дека изолацијата е многу подобрена и до брзини од 120 km/h нема непријатна бучава од тркалата и ретровизорите, која што ја има во претходниот модел.Па така со овој нов модел долгото патување ќе Ви биде порелаксирано. Напред и од страните поради тенките столбови имате одлична прегледност, назад поради помалото задно стакло прегледноста е намалена, но затоа задните паркинг сензори и задната паркинг камера ги добивате стандард во сите модели, а особено ќе им помогнат на тие што имаат страв да се паркираат во потесни места.

Почетната промотивна цена за KIA Ceed 1.4 MPi VISION изнесува 13.990€.
Цената на тестираниот модел KIA Ceed 1.4 MPi ADVANCE изнесува 16.340€.

Повеќе информации за возилото може да најдете на http://www.kiamotors.com.mk/ или да го посетите продажниот салон на KIA Motors.

ЗАКЛУЧОК
KIA Ceed е практичен хечбек модел кој со својот спортски дизајн изгледа доста примамливо и доаѓа со многу стандардна опрема. И кога на се тоа ќе ја ставите најдолгата гаранција од 7 години која ја добивате, вредноста на парите е многу повеќе од одлична.
ПОЗИТИВНО
Квалитетен ентериер.
Одлична стандардна опрема.
7 годишна гаранција.
НЕГАТИВНО
Просечен багажен капацитет.
1.4 MPi моторот не нуди импресивни перформанси.
5