Македонска премиера на целосно новиот Audi Q7

По повеќе од една деценија присуство на пазарот, еден од најпознатите SUV модели на Audi влегува во ново поглавје. Новата, трета генерација на Audi Q7 пристигна во Македонија, носејќи значително освежен дизајн, модернизирана кабина, нови технологии и унапредени погонски решенија. Германскиот производител овојпат се одлучи за еволутивен пристап кон добро познатиот концепт, задржувајќи го фокусот на комфорот, просторноста и моќните шестцилиндрични мотори.

Новиот Q7 претставува целосно нова генерација на големиот SUV, кој со години е еден од клучните модели во понудата на Audi. Иако неговиот претходник успеа да остане конкурентен и по повеќе од 11 години на пазарот, новата генерација носи сериозни промени во областите кои се најважни за современите купувачи во овој сегмент. На прв поглед, новиот Audi Q7 остава впечаток на значително помоќен и помасивен автомобил. Дизајнерскиот пристап носи поизразени линии, нагласени пропорции и преден дел кој дополнително го истакнува карактерот на големиот SUV. Иако се забележува одредена поврзаност со најновите модели на брендот, Q7 успева да го задржи својот препознатлив идентитет.

Посебно внимание е посветено на светлосните групи. Напред се вградени дигитални Matrix LED светла со микро-LED технологија, додека задниот дел добива OLED светла од третата генерација. Освен што придонесуваат за препознатливиот изглед, новите светлосни технологии имаат и дополнителна безбедносна функција. Во одредени ситуации, системот може да проектира светлосни предупредувања на патот, со цел подобро да ги информира останатите учесници во сообраќајот.


Една од најинтересните работи кај новиот Audi Q7 е изборот на погонските единици. За почеток, германскиот производител се одлучи за 3.0-литарскиот V6 TDI мотор, достапен во две различни изведби. Основната верзија располага со 245 коњски сили и 500 Nm вртежен момент, додека помоќната варијанта испорачува 299 КС и 630 Nm. Двете изведби стандардно се комбинирани со осумстепен Tiptronic автоматски менувач и познатиот quattro погон на сите четири тркала.

Дополнително, новиот Q7 ја добива и MHEV Plus технологијата, односно унапреден благ хибриден систем кој користи дополнителен електричен генератор и литиум-железо-фосфатна батерија. При тргнување и забрзување, системот може привремено да испорача дополнителни 24 КС и 370 Nm вртежен момент, овозможувајќи подобра реакција на педалата за гас и помазна работа на погонскиот склоп. Интересен додаток е и електричниот компресор, кој достигнува до 90.000 вртежи во минута за само 250 милисекунди. Неговата задача е да го минимизира турбо-задоцнувањето и да обезбеди поконстантна испорака на моќноста.

Практичноста отсекогаш била една од најважните карактеристики на Audi Q7, а новата генерација оди чекор понатаму. Купувачите ќе можат да избираат помеѓу конфигурации со пет, шест или седум седишта. Особено интересна е новата шестседишна конфигурација, која за првпат станува достапна кај моделот. Во овој случај, вториот ред добива две индивидуални седишта наместо класична клупа, создавајќи распоред 2+2+2 и овозможувајќи повисоко ниво на комфор за патниците при подолги патувања.

За оние на кои им е потребна максимална функционалност, останува достапна и верзијата со седум седишта. Во зависност од конфигурацијата, багажниот простор располага со капацитет од 806 литри кај верзијата со пет седишта, односно 722 литри кај изведбата со седум седишта. Дополнително, Audi подготви нови решенија за полесно организирање на багажот, дополнителни точки за прицврстување и електрично управувана задна врата која може да се отвори и со движење на ногата.

Најголемите промени во кабината се однесуваат на дигитализацијата, квалитетот на материјалите и функционалноста. Возачот добива закривен OLED дисплеј кој ги обединува дигиталните инструменти и инфозабавниот систем, додека за првпат во стандардната опрема е вклучен и посебен екран наменет за совозачот. Унапреден е и гласовниот асистент Audi Assistant, кој добива интеграција со ChatGPT за посложени прашања и барања на кои системот не може самостојно да одговори.

Централната конзола располага со два безжични полначи со Qi2.2 технологија и моќност од 25 W, додека патниците на вториот и третиот ред добиваат USB-C приклучоци со моќност до 60, односно 100 W. За љубителите на квалитетниот звук, достапен е и опционален аудио систем од Bang & Olufsen со 22 звучници и импресивни 1.360 вати. Во понудата се вклучени и специјални актуатори интегрирани во седиштата, кои создаваат вибрации синхронизирани со музиката. Посебно внимание заслужува и новиот панорамски покрив со прилагодлива транспарентност. Наместо класична ролетна, Audi користи стакло поделено на девет независни сегменти, чија транспарентност може да се менува според желбите на патниците.

Како што доликува на голем премиум SUV, новиот Q7 нуди неколку различни решенија за потпирањето. Покрај стандардната конфигурација со класични пружини, достапни се адаптивно воздушно потпирање и адаптивно спортско воздушно потпирање. Системот може да користи податоци за геолокација за однапред да ги прилагоди карактеристиките на потпирањето според условите на патот. На овој начин, автомобилот може подобро да се подготви за одредени нерамнини или препреки, со цел да обезбеди повисоко ниво на удобност.

Дополнително се унапредени и системите за асистенција. Меѓу нив се издвојува системот за итни ситуации, кој во случај возачот да престане да реагира може самостојно да го забави автомобилот, да ја задржи неговата траекторија и безбедно да го запре. Достапни се и функцијата за автоматско повторување на претходно запаметени маневри за паркирање, како и Reverse Assist, кој може автоматски да ја повтори последната измината траса во должина до 50 метри при движење наназад.

Новиот Audi Q7 пристигнува на македонскиот пазар со почетна цена од 114.000 евра за верзијата со 3.0-литарскиот V6 TDI мотор со 245 коњски сили. Помоќната изведба, која располага со 299 КС и 630 Nm вртежен момент, започнува од 117.000 евра.

Повеќе информации за автомобилот може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Audi.