ТЕСТ: KIA Sportage 1.6 T-GDi 180 AWD GT-Line 

KIA Sportage е еден од оние автомобили кои имаат големо значење во автомобилската индустрија. Со претходната генерација, Sportage стана еден од најпродаваните автомобили на македонскиот пазар, а следната петта генерација на овој модел освен што ја задржа позицијата на најпродаван автомобил може да се каже и дека ги дуплираше резултатите. Ова е автомобил кој има многу работи кои го прават да биде толку посакуван од купувачите. Сега ја имаме и новата фејслифт верзија на тековната генерација на Sportage, па ајде да видиме што е променето. 

Со производ како Sportage, премногу експериментирање е непрепорачливо, па дури може да биде и ризично. Затоа, за време на фејслифтот на моделот, инженерите и дизајнерите на брендот се фокусираа првенствено на подобрување на она што веќе беше добро. Ќе почнам контроверзно – со тврдење дека Sportage целосно го заслужи својот легендарен статус. Да, на некој начин ова е легендарен автомобил. Исто како што Nokia ја воведе ерата на мобилните телефони, Sportage ја воведе ерата на таканаречените компактни теренски возила. Претставена во 1993 година, првата генерација на автомобилот ги комбинираше компактните надворешни димензии со исклучително пространа внатрешност, практичност и одлични теренски можности. Тоа беше, едноставно кажано, повеќенаменско возило по разумна цена. И денес – за разлика од Nokia – Sportage останува бестселер.

Петтата генерација на KIA Sportage е еден од најпопуларните компактни теренци во Македонија (а и во цело Европа). Од претставувањето на петтата генерација во 2021 година, приближно еден милион примероци од Sportage веќе се појавија на патиштата низ Европа. Ова значи бестселер. А освежувањето на бестселерите е ризична работа. Петтата генерација на Sportage беше револуционерна не само поради својата понуда на достапни погонски склопови, туку и поради својот сосема нов стил на надворешноста и ентериерот. Но, како што знаеме, брендовите честопати сакаат барем да го освежат дизајнот, па затоа Sportage претрпе фејслифт.

KIA се фали дека дизајните на нивните автомобили се базираат на принципот „Opposites United“. Поконкретно, освежениот модел добива нови браници напред и назад. Sportage изгледа масивно, но има многу интересни детали. Предниот дел сега добива комплетно нови LED светла кои се протегаат скоро до долниот дел на браникот, тука е и новата решетка во форма на тигрест нос. Да бидам искрен, не бев воодушевен од новиот дизајн на предниот дел на фотографиите, но во живо приказната е комплетно различна. Бидејќи тест моделот е во врвното GT-Line ниво на опременост, предниот браник е со поспортски стил. Благодарение на новите фарови и решетката, автомобилот изгледа пошироко, помускулесто и похрабро. Од друга страна, иако фаровите се стилски референци на EV3, EV9 и освежениот Sorento, секој од овие три модели лесно се разликува на патот. За среќа, обединувањето не отиде предалеку.

Целокупната форма на каросеријата останува непроменета, како и димензиите. Неговата должина од 4.540 мм и меѓуоскиното растојание од 2.680 мм го позиционираат Sportage директно во сегментот на компактни SUV возила. Фејслифтот носи неколку нови бои, меѓу кои е оваа Wolf Grey од тестираниот модел – оваа боја првично беше наменета ексклузивно само за Anniversary edition верзијата, но поради големата популарност од KIA се одлучија да ја понудат и кај новата фејслифт верзија. Тука се и новите дизајни на тркалата кои имаат малку чуден и футуристички стил. Тест автомобилот е со 19-инчни бандажи, стандардни кај GT-Line верзијата, додека основното ниво сега стандардно е опремено со 18-инчни тркала. 

Задниот дел на Sportage исто така претрпе промени, но не толку драстична како на предниот дел. Тука може да се забележат новите LED светла со променета графика. Покрај тоа, и браникот сега е со нов дизајн – и повторно, бидејќи станува збор за GT-Line верзијата тој е со подинамичен стил. Според мене, KIA направија полн погодок со освежувањето бидејќи промените кои се направени се суптилни и го подобруваат целокупниот изглед на автомобилот. 

Одиме во ентериерот, а тука промените се на некој начин револуционерни и ги има во поголем број. А најважно од сѐ е тоа што KIA ги послушаа критиките на купувачите – и токму тие работи се променети на подобро. Да почнеме со фактот дека GT-Line верзијата е навистина луксузна и има многу, многу опрема. Седиштата се двобојни и се од комбинација на кожа и велур, сите седишта добиваат греење, а предните седишта се дополнително и вентилирани и електрично прилагодливи. Нов е и дизајнот на воланот – кој поради несекојдневната форма нема да биде по сечиј вкус, но нуди добра функционалност. Плус, два екрани сега се скриени под едно стакло и со многу потенки рамки, што ѝ дава на целата контролна табла „полесен“ и поубав изглед. Најважното – пијано црните елементи тука нема да ги најдете! Централната конзола сега има мат завршница, пријатна за око и допир, многу помалку подложна на нечистотија и гребнатини. Генерално, мислам дека новиот Sportage се одликува со уште подобри материјали и квалитет на изработка од верзијата пред фејслифтот. Дури има и вистински шевови на горниот дел од контролната табла. 

Инфозабавниот систем има нов интерфејс, многу едноставен и јасен по форма и конечно Apple CarPlay и Android Auto се поврзуваат безжично, а од екранот можете да инсталирате дополнителни апликации, како што се YouTube и услуги за стриминг (можност за репродукција на видеа само кога автомобилот е во мирување). Екранот пред возачот исто така добива нов интерфејс, со неколку различни прикази. Информациите што се прикажуваат се јасни и лесно читливи – и без премногу анимации што е случај кај други конкуренти модели.

Целиот ентериер на новиот Sportage се чувствува рафиниран, интуитивен, ергономски и уреден. Дополнително, нема недостаток од големи, физички копчиња за лесно ракување и директен пристап до клучните функции. Инфозабавниот систем, со својата едноставност е исто така задоволство да се користи, дури и додека се вози. И има по нешто за секој аудиофил – Sportage може да биде опремен со висококвалитетен аудио систем од Harman Kardon. Седиштата се комфорни и убаво профилирано, а единствената замерка која ја имам е за долниот дел бидејќи е за нијанса пократок од тоа што би сакал јас. 

Исто така, има изненадувачки простор на задните седишта. Патниците на задните седишта уживаат во изненадувачки простор за главата и нозете. Прилагодливите потпирачи за грб на задните седишта, пак, овозможуваат удобно позиционирање. А тука има и засебни отвори за клима уредот, USB приклучоци и како што и веќе напоменав, греење на задните седишта сега е стандардно и во основното ниво.

Фактот што задните седишта се преклопуваат во сооднос 40:20:40 е плус, бидејќи овозможува транспорт на долги предмети и четири лица истовремено. Самиот багажник има капацитет од 591 литар на хартија, иако визуелно изгледа за нијанса помал. Подот е подвижен и може малку да се спушти за да се добие повеќе простор, но во таква позиција не е целосно рамен. Со спуштени задни седишта капацитет се зголемува на 1780 литри.

Во однос на достапните погонски единици, новиот освежен Sportage на нашиот пазар сега за сега е достапен со еден мотор во две различни верзии. Станува збор за добро познатиот 1.6-литарски T-GDi четири цилиндарски турбо бензински мотор, основната верзија испорачува 150 коњски сили, додека помоќната верзија има 180 коњски сили. Првата верзија е достапна со 6-степен мануелен менувач или 7-степен DCT автоматски менувач, додека втората верзија е исклучиво достапна со автоматски менувач и AWD погон на сите тркала. 

Тестираниот модел под хаубата го има помоќниот мотор кој испорачува 180 коњски сили при 6000 вртежи во минута и 265 Nm вртежен момент од 1500 вртежи во минута. Силата се пренесува кон сите четири тркала преку 7-степен DCT автоматски менувач што овозможува забрзување до 100 км/ч за 9.8 секунди и максимална брзина од 203 км/ч. Освежување претрпе и моторот, па сега добива интеркулер со течно ладење и турбополнач со променлива геометрија. Може да се каже дека перформансите кои ги нуди овој мотор се навистина задоволителни за повеќето купувачи на овој автомобил. Благодарение на вртежниот момент кој е достапен од релативно ниски вртежи овозможува ефикасно да го придвижува автомобилот без потреба од зголемување на вртежите на моторот. 

Менувачот 7DCT менува брзини непречено и брзо, и мислам дека се вклопува многу подобро со ажурираниот мотор отколку со верзијата пред фејслифтот. Во еко режим, понекогаш знае да „спие“, а кога забрзувате посилно, малку е побавно да се префрла во пониска брзина. Но, сепак е многу подобар отколку кај некои автомобили со благи хибридни системи. Sportage и со фејслифтот нема mild-hybrid систем кај овој мотор, што е навистина изненадување за овие времиња. Во однос на потрошувачката, во строго градски услови таа изнесува околу 10 литри, додека на автопат доколку се придржувате до пропишаната брзина таа бројка се намалува на околу 7.5 литри. Овие бројки може да се опишат како сосема очекувани и нормални со оглед на големината на автомобилот, погонот на сите четири тркала и фактот дека станува збор за чист бензински мотор. 

Во однос на возните карактеристики и чувството зад воланот не е многу променето, бидејќи не ни беше потребна некаква промена. Sportage и понатаму си останува еден од најпријатните и најспособни модели во сегментот во кој припаѓа. Бестселер не се станува туку така, автомобилот навистина ги штиклира сите полиња за одличен фамилијарен автомобил. Суспензијата и управувањето се ненадминливи. Дури и со големите 19-инчни тркала кои ги има тест моделот, Sportage успева многу успешно да ги исфилтрира сите дупки и нерамнини на нашите патишта. Управувањето е директно и прецизно, а се добиваат и доста солидни повратни информации од тркалата. Ова не е автомобил за динамично возење, но и во такви услови не се буни. Навалувањето во свиоци е убаво контролирано и едноставно се чувствувате безбедно. Инженерите најверојатно работеле и на мало подобрување на звучната изолација, при автопатски брзини кабината останува исклучително тивка. 

Освежениот Sportage стандардно е опремен со скоро сите најнови системи за безбедност и помош на возачот, а би ги пофалил и дека не се премноги иритирачки како кај некои други модели. Покрај стандардните режими на возење – Eco, Normal и Sport, оваа верзија со погон на сите тркала добива и Snow режим, како и 4WD Lock. Sportage користи интелигентен систем за погон на сите тркала, кој континуирано ги следи условите на возење и автоматски испраќа вртежен момент до тркалата со најголема влечна сила. При нормално возење, тој обично работи со 95% моќност на предните тркала и 5% на задните, но може веднаш да ја префрли моќноста по потреба за да се подобри стабилноста и управувањето. Достапно е и копче на воланот „4WD Lock“, кое наметнува поделба на моќноста 50/50 помеѓу предната и задната оска за максимална влечна сила при мали брзини (до приближно 30 км/ч) пред автоматски да се исклучи при поголеми брзини.


ГАЛЕРИЈА ОД ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ

Почетната цена на KIA Sportage 1.6 T-GDi 150 MT Concept изнесува 30.300 евра.

Цената на тестираниот модел KIA Sportage 1.6 T-GDi 180 DCT7 AWD GT-Line изнесува 42.900 евра.

Повеќе информации за автомобилот може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на KIA.

ЗАКЛУЧОК
KIA направија полн погодок со освежувањето на Sportage - ги послушаа критиките на купувачите и токму тие работи се подобрени, додека главните карактеристики поради кој е толку посакуван овој автомобил остануваат не променети. Sportage останува еден од најдобриот фамилијарен компактен SUV автомобил.
Одлични возни карактеристики
Квалитетна внатрешност
Присуство на физички копчиња
Врвна опременост
Краток долен дел на предните седишта
Понуда на само еден бензински мотор
4.5