Петтата генерација на популарниот KIA Sportage неодамна доби темелно освежување, а новиот модел е веќе достапен на македонскиот пазар. Освежениот Sportage има нова предна маска, подобрен заден дел и силно модифициран ентериер. И тоа не е сè што е дотерано во овој автомобил.
Европскиот успех на корејската марка во голема мера се темели на овој автомобил. Sportage ужива големо признание, бидејќи комбинира атрактивен стил и доста добри мотори. Големата популарност за овој модел е присутна и во Македонија, Sportage неколку години по ред е најпродаваниот автомобил на нашиот пазар. Сега сето ова ќе го добиеме во уште порафинирано издание.
Навистина има многу промени. Корејците не само што го променија стилот на овој автомобил, туку и се посветуваа на „ситници“ кои се навистина важни. Освежениот KIA Sportage е визуелно помасивен и се ослободи од пластиката на надворешноста. Корејската марка има нов визуелен концепт, кој паметно го нарекува Opposites United. Ова име опфаќа малку по„аголна“ линија на новите модели, за што најдобар пример во случајот на Sportage е предната маска. Малку поголема решетка и карактеристични „вертикални“ светла одговараат на обликот на овој автомобил.
Назад, светлата се исти, но имаат нов светлосен потпис. Sportage доби и различни браници и нови бандажи во големини од 17 до 19 инчи. Тие се одликуваат со интересни геометриски форми.
Најважната визуелна промена тука е ентериерот. Корејците го послушаа гласот на клиентите и се откажаа од неколку елементи. Прво, тие се збогуваа со пијано црната пластика. Централната конзола сега е завршена со сива мат пластика, што е многу поестетска. Распоредот на копчињата на ова место е исто така променет.
Панелот за контрола на климата, кој служи и како контрола за навигација и радио контрола, останува ист. Мултимедијата користи нов софтвер и нуди повеќе функции. Екранот за инфозабавата е 12,3 инчи, како и дигиталните инструменти. Тука има и нов волан – двокрак, со дебел „центар“, достапен и во двобојна верзија (со светла кожа). Фејслифтот очигледно не влијаеше на димензиите, а сигурно не на капацитетот на багажникот. Новиот Sportage сè уште нуди од 587 до 1776 литри простор за товар.
На нашиот пазар, освежениот Sportage е достапен во три нивоа на опременост специјално „подесени“ за овој пазар – основното Concept ниво сега добива уште повеќе стандардна опрема, а дел од новостите се: адаптивен темпомат, Blind Spot систем, 18-инчни алуминиумски бандажи, греење на задните седишта, греење на предните седишта и на волан, навигација, предни и задни паркинг сензори, задна камера и многу друго. Скалило погоре се наоѓа нивото Ultimate кое добива работи како Harman Kardon аудио систем, адаптивни LED Matrix светла, различни седишта и така натаму. На врвот на понудата е GT-Line нивото кое стандардно е опремено со сета достапна опрема за освежениот Sportage.
Во однос на моторите, сега за сега достапен е 1.6-литарскиот T-GDi турбо бензинец со 150 и со 180 коњски сили. Првата верзија е достапна со 6-степен мануелен менувач или пак со 7-степен DCT автоматски менувач, додека помоќната верзија доаѓа исклучиво со автоматски менувач. Врвната GT-Line верзија е достапна само со помоќниот мотор и AWD погон на сите тркала.
Цените за новиот Sportage започнуваат од 30.300 евра за верзијата со мануелен менувач, додека верзијата со автоматски менувач чини 32.300 евра. GT-Line верзијата има цена од 42.900 евра.

































