Peugeot 308 дебитира во ново фејслифт издание 

Peugeot 308 за 2025 година се враќа со нов изглед. Под хаубата има мали промени, но најголемата нова карактеристика е ревидираната предна маска. Четири години по лансирањето на третата генерација, Peugeot 308 е подложен на фејслифт, со цел зајакнување на позицијата на моделот во Ц сегментот. Производителот се фокусира не само на посмел преден дел, туку и на посовремена мултимедија и подобрена понуда на мотори. Ова ќе осигури дека 308 ќе остане еден од клучните модели на брендот. 

Peugeot 308 за 2025 година има повеќе сјај. Фејслифтираниот француски компактен автомобил има целосно нов преден дел со решетка во боја на каросеријата. За прв пат во историјата на брендот, се појавува осветлено лого. Тенките LED фарови (дводелни) и троделните дневни светла, исто така, ја зголемуваат препознатливоста на моделот.

На задниот дел, црна светлосна лента со три LED диоди се појави како стандард на сите верзии. Новите дизајни на алуминиумски тркала од 17 и 18 инчи додаваат повеќе карактер, при што електричниот модел добива 18-инчни бандажи како стандард. Димензиите на автомобилот остануваат непроменети со должина од 4,37 метри, ширина од 1,85 метри и висина од 1,44 метри.

Повеќе гаџети во кабината. Внатрешноста се одликува со нови технологии. Peugeot 308 од 2025 година нуди две опции за мултимедијален систем: i-Connect и i-Connect Advanced. Вториот нуди TomTom навигација, OTA ажурирања и ChatGPT интеграција. Четири USB-C порти, безжичен Apple CarPlay и Android Auto се стандардни, а аудио систем Focal Premium од 690W е достапен на повисоки нивоа на опрема. Апликацијата MyPeugeot ви овозможува далечински да ја контролирате климатизацијата, полнењето и другите функции на автомобилот.

Во караванската верзија, багажникот нуди капацитет до 1.487 литри, а електричната задна врата го олеснува секојдневното користење. Дополнителните AGR седишта можат да бидат опремени со масажа и греење, додека AQS системот со функцијата Clean Cabin обезбедува квалитет на воздухот.

Електричен, благ хибрид, plug-in хибрид и дизел – што се крие под хаубата? Освежениот Peugeot 308 ќе биде достапен со четири типа системи за погон.

  • Peugeot E-308: целосно електрична верзија со мотор со 156 КС и 270 Nm вртежен момент, батерија од 58,4 kWh и досег до 450 километри. Исто така има и DC полнење до 100 kW (20–80% за 32 минути)
  • 308 Plug-in Hybrid: Повеќе моќност, поголема батерија. Оваа верзија има 1.6 турбо бензински мотор со 150 КС + 125 КС електричен мотор – вкупната моќност е 195 КС. Батеријата е со капацитет од 17.2 kWh и обезбедува електричен досег до 85 километри
  • Peugeot 308 Hybrid 145: Ова  е mild-hybrid верзијата која користи 1.2-литарски турбо бензински мотор и испорачува 145 КС. Погонот е спарен со автоматски менувач e-DCS6 и од Peugeot велат дека до 50% од градското возење е во електричен режим
  • 308 BlueHDi 130: добриот стар дизел останува на пазарот, станува збор за 1.5-литарски 4-цилиндричен мотор со моќност од 130 КС. Стандардно доѓа со EAT8 автоматски менувач

Сите електрифицирани верзии се опфатени со програмата Peugeot Electric. Ова вклучува 8-годишна гаранција (ограничена на 160.000 км) и за возилото и за батеријата. Возачите добиваат и картичка Free2Move, која им овозможува пристап до речиси еден милион точки за полнење низ цела Европа.

Дополнително, достапни се и дигитални пакети за услуги, вклучувајќи e-Coaching, e-Routes и Trip Planner. Новиот Peugeot 308 ќе се произведува во француската фабрика во Mulhouse. Продажбата ќе започне на есен оваа година. Цените ќе бидат објавени поблиску до лансирањето во салоните.