ТЕСТ: KIA XCeed 1.6 GDi DCT PHEV Executive

Во изминативе неколку години, KIA XCeed бил веќе неколку пати во мојата „тест гаража“ – и тоа во скори сите можни верзии што се достапни на нашиот пазар. Овој пат, станува збор за нова верзија која сега прв пат е достапна во понудатата на KIA Македонија. А тоа е Plug-in Hybrid верзијата на XCeed – можеби и најдобрата верзија за овој автомобил. 

XCeed PHEV не е нов во понудата на брендот, оваа верзија беше достапна и кај пред фејслифт моделот, но со оглед на ситуацијата во нашата држава кога станува збор за електрификација не е воопшто чудно што импортерот на KIA за Македонија не ја нудеше оваа верзија до сега. Не дека сега работите се премногу различни во однос на инфраструктурата на полначи за електрични возила и во однас на некакви субвенции за истите…Сепак, бројот на полначи низ Македонија е малку зголемен (далеку од доволен) и полека купувачите почнуваат да ги разбираат одредените придобивки кои ги нудат овие PHEV и целосно електричните автомобили. 

За оние кои сакаат да го искусат возењето електричен автомобил, но не се подготвени на компромиси со него, PHEV – односно автомобил со хибриден погон и можност за полнење на батеријата преку „штекер“, е најдоброто решение. Малите батерии и електричен мотор со умерена моќност треба да бидат доволни за секојдневно патување, а кога треба да одите некаде подалеку или побрзо, има мотор со внатрешно согорување и резервоар за гориво, чие полнење е побрзо и полесно од полнењето на батериите во електричен автомобил. И како функционира корејската интерпретација на Plug-in хибриден автомобил во пракса?

Пред да зборуваме за техничките податоци и возните карактеристики, само накратко за дизајнот и опремата која се добива кај овој автомобил. Во однос на надворешниот изглед, XCeed PHEV излгеда идентично како и секоја друга верзија на моделот. Освен „капачето“ на предното лево крило каде што е местото за полнење на батеријата и значката PHEV на багажникот нема никакви други разлики. Нема ни „модерни“ акценти во сина или зелена боја (како што има кај голем дел од конкурентите) или привлечни додатоци за подобрување на аеродинамиката. И тоа е многу добро, бидејќи дизајнот на XCeed е навистина убав нема  потреба да се менува. Ми се допаѓа ова размислување кај некои од автомобилските компании кој PHEV или целосно електричните верзии ги прават да изгледаат исто или слично како и верзиите со бензин или дизел мотор под хаубата – и самите купувачи многу полесно ги прифаќаат ваквите електрифицирани модели. Сега нема да должам повеќе за дизајнот – тие работи може да ги прочитате ТУКА – во тестот на верзијата со бензински мотор.

Во однос на опремата што споменав погоре – имам кажано и претходно, но сега ќе повторам пак. Нивоата на опременост што се достапни за моделите на брендот и стандардната опрема во нив, импортерот на KIA за Македонија ги прави специјални според потребите на нашиот пазар. Па затоа, ако споредите со моделите кај некои од соседните држави ќе видите дека опремата е комплетно различна. Во разговор со одговорните лица во KIA, дознав дека конкретно за PHEV и целосно електричните автомобили ќе се нуди само едно (евентуално две) ниво на опременост кое ќе ја содржи скоро сета опрема која е достапна за одредениот модел. Па така, XCeed PHEV стандардно е опремен со – сите достапни системи за асистенција и помош на возачот, предни и задни паркинг сенозри, задна паркинг камера, автоматски клима уред, греење на предни и на задни! седишта, греење на волан, инфозабавен систем од 10.25-инчи со вградена навигација, 12.3-инчна дигитална инструмент табла, панорамски сончев покрив, Smart key, Smart Parking Assist, eлектрично подесување на возачко седиште со меморија, адаптивен темпомат, предни и задни LED светла, 18-инчни бандажи и многу друго…

Внатрешноста во XCeed PHEV е исто така идентична како и кај другите верзии, единствената разлика е што добива неколку нови копчиња за хибридниот систем. Лично, ми се допаѓа тоа што со фејслифтот, KIA не направи драстични промени во дизајнот и функционалноста на кабината. Пред возачот е дигиталната инструмент табла која има одлична графика и е лесно читлива – PHEV верзијата добива и нов малку различен приказ. Централно во горниот дел е инфозабавниот систем кој работи доста добро и брзо, плус е многу едноставен за ракување – нешто што вистинска реткост во денешно време. Под него се физички и ротациони контроли за клима уредот, а класични копчиња може да се најдат и на централната конзола околу менувачот, како и од левата кај воланот. 

Седиштата се во комбинација на штоф и кожа, и нудат одлична странична поддршка, а истовремено се и доста удобни за подолги патувања. Просторот на задните седишта е идентичен како и кај ICE верзиите, а тоа значи сосема доволен простор за двајца патници да може да седат комплетно удобно. Патниците тука добиваат и засебни отвори за климатизацијата, USB приклучок, како и греење на страничните седишта.

Промени во просторот и практичноста има во багажникот. Во нормалните верзии капацитетот е 426 литри, додека тука кај PHEV верзијата на располагање се достапни 291 литар багажен капцитет. Вака можеби звучи како многу мал багажник, но во реалноста има навистина солиден простор, а причината поради тоа е што „изгубените“ литри се всушност дел од двојниот долен под. Со спуштени задни седишта, капацитетот на багажникот изнесува 1243 литри. 

Ајде сега за техничките податоци и целиот хибриден погон. Под хаубата на овој XCeed работи добро познат 1.6-литарски GDi четирицилиндричен атмосферски бензинец кој испорачува 105 коњски сили и 147 Nm вртежен момент. Дополнително на ова, тука е и батерија од 8.9 kWh и електромотор кој испорачува 61 коњска сила и 170 Nm вртежен момент. Сето ова заедно овозможува системска моќност од 141 коњска сила при 5700 вртежи во минута и 265 Nm вртежен момент достапен од 1000 вртежи. Силата се испорачува кон предните тркала преку 6-степен DCT автоматски менувач. Перформансите на овој погон не се „изненадувачки“ – од 0 до 100 км/ч забрзува за 11 секунди и постигнува максимална брзина од 193 км/ч (во чисто електричен режим максималната брзина е 120 км/ч). 

Според официјалните податоци на KIA, со полна батерија може да се поминат до 60 километри, а времето на полнење на батеријата од целосно празна до целосно полна трае околу 2 часа и 30 минути. Во пракса, со полна батерија во строго градски услови на возење јас успеав да поминам реални 50 километри. Што е навистина фантастична бројка која не е премногу далеку од официјалната. Океј, можеби нема секогаш да може да се поминат 50 километри, тука многу фактори играат улога – начин на возење, сообраќај, надворешна температура и слично. Но, со нормално возење во град со сигурност ќе поминете минимум 45 километри. 

Plug-in Hybrid автомобилите бараат одредено привикнување за правилен начин на користење за да може да го искористите максимумот на придобивките. А од сите видови на електрифицирани погони, според мене Plug-in Hybrid верзиите имаат највеќе смисла и го нудат најдоброто од двата света – особено во нашата држава. XCeed PHEV само на струја може да помине реални 50 километри, тоа е сосема доволно за секојдневното возење низ град – ако ја полните редовно батеријата тоа значи дека практично цело време ќе возите на струја. Ова е токму една од навиката која треба да ја применувате со овој автомобил, секогаш кога имате можност треба да го приклучите на полнач, а не само кога батеријата ќе биде целосно празна. Сега за сега, јавните полначи кои се достапни низ Македонија се бесплатни – и тоа значи дека доколку постојано ги користите овие полначи, вие ќе возите во буквална смисла на зборот „безпари“. Од друга страна, кога батеријата не е полна или кога треба да одите на подолго патување – тука е бензинскиот мотор и автомобилот функционира нормално како и секој друг со мотор со внатрешно согорување.

Самата работа на хибридниот погон е навистина за пофалба, електромоторот, бензинецот и менувачот се перфектно калибрирани и работат речиси совршено. При стартување, автомобилот секогаш е во Eco режим, па така тргнувањето и возењето е секогаш на струја. Во овој класичен стандарден режим, автомобилот работи како хибрид и го користи електричниот погон што е можно повеќе. Но, ако треба да престигнете некого, со посилно притискање на педалата за гас се буди интеракцијата на двата мотори. Тогаш автомобилот влече сосема пристојно, но самото забрзување едноставно има значително доцнење. Ова може да се елиминира со режимот Sport, кој ги одржува двата мотори постојано подготвени и пореспонзивни. Е сега, она што сите го чекате со нетрпени – потрошувачка! Автомобилот го тестирав во најразновидни услови за да можам да добијам неколку различни и реални податоци за потрошувачката. Прво, во градски услови на возење со полу полна батерија каде што автомобилот е во класичен хибриден режим, а тоа значи повремено го користи електромотор и повремено кога е потребно и бензинецот измерив просечна потрошувачка која се движи околу 3 литри (може да биде и пониско од ова). Второ, исто во градски услови, но со целосно испразнета батерија и користење исклучиво само на бензинецот потрошувачката изнесува 8 литри. На автопат, со брзини според ограничувањата и со полу полна батерија потрошувачката изнесува 5.5 литри, додека со празна батерија во истите услови оваа бројка се качува на 6.5 литри. 

Во однос на возењето, plug-in хибридната верзија всушност нуди и најдобри возни карактеристики. Сетапот на суспензијата тука е сосема различен за да може да се справи со поголемата тежина, која изнесува 1671 килограми. Ова е 112 килограми повеќе од верзијата со 1.6 CRDi MHEV дизел мотор и 203 килограми повеќе од основната бензинска верзија со 1.0 T-GDI мотор. Една од најголемите предности на корејскиот автомобилски производител во последниве години е она што до неодамна беше нивен недостаток – суспензијата и управувањето. XCeed вози лесно, самоуверено и  пред се, многу пријатно. А најинтересно е тоа што речиси и да не чувствувате дека автомобилот е „подигнат“. Покрај тоа, зголемената тежина навистина не ја чувствувате до толку. Да, ова не е спортски автомобил, но сосема пристојно се справува во подинамични ситуации на возење. Истото важи и за удобноста – иако автомобилот има 18-инчни тркала со гуми со низок профил, никогаш не е неудобно или претврдо. Сепак, треба да внимавате малку на некои подлабоки нерамнини. XCeed, од друга страна, убедува со растојанието од подлогата, со овие 18-инчни тркала има 184 мм растојание од подлогата, што ви овозможува да го третирате како кросовер и без проблем да може да возите по некој лајт off-road пат (или без проблем да може да го качувате по тротоари…)

ГАЛЕРИЈА ОД ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ

Цената на KIA XCeed 1.6 GDi PHEV Executive изнесува 40.950 евра.

Повеќе информации за автомобилот може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на KIA. 

ЗАКЛУЧОК
XCeed PHEV е одличен модел со добро калибриран погонски систем и секојдневната употреба на овој автомобил е пријатна и без проблеми. Оваа верзија е главно наменета за клиенти кои живеат во центарот на градот, имаат пристап до полначи и голем дел од времето го поминуваат токму во градски услови на возење. Во спротивно, оваа верзија нема смисла и подобра опција би била верзија со класичен ICE мотор.
Одличен реален опсег во чисто електричен режим
Добро усогласен погонски систем
Ергономија и практичност во кабината
Намален багажен простор
Перформанси на поголеми брзини
4