Не се случува многу често да наидам на автомобил во кој е многу тешко да се најдат сериозни маани. Со растечките барања на клиентите и бројот на нови технологии, просторот за грешки исто така се зголемува правопропорционално. Сепак, тоа не е случај со новата генерација на BMW X1. Овој модел е еден од најпродаваните на брендот, па дури и самата автомобилска компанија е свесна за неговата важност.
Иако BMW X1 е портата кон светот на SUV модели на брендот, ако зборуваме за големината, дефинитивно не е најмал – X2 е всушност најмалиот SUV во гамата на BMW. Третата генерација на X1 значително порасна во споредба со својот претходник. Но, да почнеме од основата – односно техничкиот дел.
Новиот X1 е поставен на модуларната платформа UKL2, наменета за автомобили со погон првенствено на предната оска, која сепак, претрпе темелна модернизација. Каросеријата со новата генерација порасна на 4500 мм во должина (+53 мм), 1845 мм во ширина (+24 мм) и 1642 мм во висина (+44 мм). Меѓуоскиното растојание со вредност од 2692 мм значи подобрување од цели 22 мм. Новиот BMW X1 на тој начин се израмнува со должината на првата генерација на моделот X3, која исто така растеше со текот на годините, а сето ова е доволен доказ за тоа колку новите автомобили вистински пораснаа – и тоа што порано значеше „мал“ автомобил сега повеќе не е мал автомобил.
Излгедот продава – и BMW многу добро го сфатиле ова кога ја дизајнирале надворешноста на новиот X1. Првата генерација на X1 не беше баш еден од најубавите модели во својот сегмент. Со текот на времето, овој модел созреа и втората генерација беше далеку поатрактивна од првата, особено со фејслифт верзијата. Па затоа, со оваа трета генерација BMW не експериментираа премногу (како што е случај со други нови модели од овој бренд…) и решиле надворешниот дизајн да биде една темелна еволуција на претходникот. Да, на прв поглед овие две генерации се тотално различни, но главните форми и некои ситни детали се префрлени и кај новиот модел. На предниот дел, истакнатите и речиси вертикални „бубрези“ го привлекуваат вниманието. Но, во споредба со поголемите модели на BMW, тука „бубрезите“ не се толку големи и контроверзни и одлично се вклопуваат со автомобилот. Тука се и стандардните LED фарови кои користат карактеристична и добро позната графика.
Профилот на автомобилот изгледа елегантно мазно, во што помагаат и аеродинамичните вдлабнати рачки. Иако не импресионираат со практичноста, секако придонесуваат за помал коефициент на аеродинамичен отпор со вредност од cx 0,26, а ова го прави новиот X1 најаеродинамичен модел во сегментот. На задниот дел се особено привлечни големите LED светла и во исто време доста интересен е и нивниот потпис. Браникот е со остри линии и различни елементи, а во горниот дел на багажникот е интегриран и суптилен спојлер.
Ми се допаѓа тоа што автомобилот е повеќе класична школа на BMW без непотребни креации што предизвикуваат мешаница и предизајнираност, како во случајот со одредени нови модели на брендот кој предизвикаа бурни реакции. Новиот X1 е дизајниран со сигурност и докажани пропорции со причина. Конкретно тестираниот модел е елегантната xLine верзија со која се добиваат голем број на хромирани елементи на надворешноста, а во комбинација со оваа „Phytonic Blue“ боја автомобилот изгледа совршено. Единствено не сум голем фан на 18-инчните бандажи кои ги има тест примерокот, но има доста голем избор на бандажи од кои може да изберете.
Ако надворешноста е една убава еволуција на претходникот, внатрешноста претрпе фундаментална промена, која речиси целосно го усвои распоредот познат од Серија 2 Active Tourer, а овој концепт за прв пат го видовме кај електричниот iX. На контролната табла сега доминира панел кој комбинира два екрани од 10 инчи – дигитална инструмент табла пред возачот и екран за инфозабавниот систем во средината. Од кабината исчезна посебниот панел за климатизацијата, чија контрола сега е интегрирана во инфозабавниот систем. Повеќето од класичните физички копчиња се исто така отстранети и залудно ќе го барате популарното ротационо тркалце за контрола на iDrive системот. BMW одлучи помалите модели да се контролираат исклучиво само на допир.
Таблата со инструменти има одлична резолуција, брзо ракување и позната графика, чиишто режими на прикажување и содржина може прилично лесно да се менуваат со копчињата на воланот – но потребно е малку да се навикнете на контролата. Отстранувањето на панелот за климатизација е малку чуден потег, но живееме во време на целосна дигитализација и сакале или не мора да го прифатиме тоа. Сепак, во долниот дел на инфозабавниот екран сè уште има брз пристап до прилагодување на температурата и влегување во главното мени, каде што може да го прилагодите интензитетот на вентилацијата или да го активирате греењето на седиштата или на воланот. Би сакал посебни копчиња за овие функции, но BMW се обиде да ги компензира со барем малку автоматизација. Меѓутоа, штом почнав да „чепкам“ малку повеќе во системот на автомобилот, бев шокиран од тоа колку ставки всушност содржи неговото целосно мени. Системот работи многу брзо и респонзивно, а графиката е кристално чиста. Но, ако сакате целосно да го искористите потенцијалот на iDrive 8 системот, треба да одвоите малку повеќе време за да го проучите целосно.
Во однос на квалитетот на изработка и изборот на материјали, немам скоро никакви замерки. Кабината изгледа многу модерно, а благодарение на светлата „Oyster“ комбинација, ентериерот изгледа уште полуксузно и ви дава многу пријатно чувство додека сте во кабината. Седиштата се многу добро профилирани и нудат фантастична станична поддршка, а исто така нудат високо ниво на удобност за подолги патувања. Немам апсолутно никакви поплаки и за внатрешниот простор, кој е навистина дарежлив. Широкиот асортиман на прилагодувања на седиштата и воланот им нуди на речиси сите можност да најдат удобна положба зад воланот. Напред има доволно простор и за патниците и за складирање на најразлични ситници. Џебовите во вратите се доволно пространи, но покрај тоа, BMW X1 нуди и специјална преграда за мобилен телефон, комплет со безжичен полнач со практичен систем за „држење“ на мобилниот телефон, пар држачи за пијалоци и, пред сè, огромна преграда во централниот тунел.
Централниот потпирач за рака доби целосно нов дизајн, а во предниот дел се сместени контролерот за автоматскиот менувач, копче за избирање на режим на возење, поставките на системите за помош и едноставните мултимедијални контроли кои се кратенки до одредени функции. Одоздола има голем простор за складирање кој нуди многу лесен пристап. Самиот потпирач за рака е ергономски поставен и е доста пријатен.
Просторот на задните седишта е уште повеќе имресивен, дури и „на око“ изгледа доста големо, а кога ќе се сместите добивате чувство дека седите во доста поголем автомобил, а не во основниот SUV на брендот. Дури и малку повисоките патници ќе имаат доволно простор и за нозете и за главата. Дополнително, X1 е опремен и со лизгачка задна клупа која овозможува поместување до 13 сантиметри. Седиштата се поделени во сооднос 40:20:40 и исто така овозможуваат прилагодување на наклонот.
Багажникот има стандарден волумен до 540 литри. Меѓутоа, кај тест примерокот бидејќи е со mild-hybrid систем, дел од просторот беше земен од батеријата, поради што волуменот на хартија се намали на рамно 500 литри. Со преклопени задни седишта се добива капацитет од 1545 литри. Багажниот простор е сосема задоволителен со неговите едноставни форми, странични џебови, куки и прилично пространата преграда под двојното дно. Стандардно се добива и електрично отворање и затворање на вратата од багажникот. Со својот внатрешен простор, BMW X1 навистина изгледа како надарен автомобил кој може да ја исполни улогата на единствен автомобил во семејството.
Палетата на мотори кај новиот BMW X1 е прилично едноставна и до одреден степен ја копира претходната генерација. Клиентите повторно можат да избираат од класични мотори со внатрешно согорување (некои дополнети со mild-hybrid електрификација), plug-in хибриди, а исто така достапна е и целосно електричната iX1 верзија.
Понудата започнува со верзијата sDrive 18i – 1.5-литарски турбо-бензинец со 136 коњски сили, следна е sDrive 20i верзијата која го користи истиот мотор, но тука испорачува 156 коњски сили. На врвот на понудата кај бензинците е xDrive 23i – 2.0-литарски мотор кој испорачува 204 коњски сили. Кај дизелите, достапен е еден 2.0-литарски мотор, во три различни верзии – со 150 коњски сили (sDrive 18d), со 163 коњски сили (xDrive 20d) и со 197 коњски сили (xDrive 23d). Во однос на plug-in хибридите, достапни се две верзии кој го користат истиот 1.5-литарски турбо-бензинец и работат во комбинација со електромотор и батерија – xDrive 25e верзијата испорачува 245 коњски сили, а xDrive 30e испорачува 326 коњски сили. Сите верзии стандардно доаѓаат со 7-степен автоматски менувач со двојна спојка.
Тест моделот е xDrive20d верзијата, односно под хаубата работи 2.0-литарски четирицилиндричен дизел од семејството Efficient Dynamics мотори дополнително спарен со mild-hybrid технологија. Вкупната системска моќност на овој погон е 163 коњски сили од 3750 до 4000 вртежи во минута и 400 Nm вртежен момент од 1500 вртежи во минута. Силата се пренесува на сите четири тркала благодарение на xDrive погонот преку 7-степен автоматски менувач со двојна спојка – сето ова овозможува забрзување од 0 до 100 км/ч за 8.6 секунди и максимална брзина од 210 км/ч. Накратко за mild-hybrid системот – дизелот е дополнет со електричен мотор со моќност од 14 kW и вртежен момент од 55 Nm, ова е дел од автоматскиот менувач и ја зема својата енергија од батерија од 48 V која е поставена под подот на багажниот простор. Електричниот мотор работи според стандардните mild-hybrid практики, т.е. истовремено како стартер/генератор, и му помага на дизелот главно при стартување, но и при последователно забрзување.
Она што морам да го пофалам е перфектното функционирање на целиот погонски систем и екстремно тивката работа на дизелот – долго време не сум возел автомобил со дизел мотор кој работи толку тивко. Во однос на перформансите, уште од најниските вртежи и во највисоките брзини, погонот влече мазно и непречено, менувачот одлично си ја врши работата и возењето во „тргни-застани“ ситуации е без сецкање – што е ситуација со голем дел од автомобилите со вакви mild-hybrid погонски единици. Во оваа верзија и да сакате не можете вие сами да менувате брзини бидејќи за да се добијат педали на воланот мора да го земете M Sport пакетот. Да бидам искрен, воопшто не ми фалеше тоа бидејќи немав потреба на кој било начин да се мешам со совршено координираниот систем. Сосема адекватна е и динамиката, забрзувањето е и повеќе од добро и ќе ги задоволи потребите на сите купувачи на овој автомобил. Според стандардите на 2.0-литарски дизели, конкретниот мотор е тивок, многу флексибилен и исто така економичен. Во градски услови на возење измерив просечна потрошувачка која се движеше околу 7 литри, додека на отворен пат потрошувачката без никаков проблем се спушта на 5 литри – што е одлична бројка.
Новиот BMW X1 ја користи UKL2 платформата, односно истата платформа од претходната генерација, но сега е малку обновена. Моторот е поставен попречно напред и првенствено ги придвижува предните тркала. Доколку е потребно, автомобилот ја поврзува и задната оска, а тоа се случува целосно незабележливо (ова важи за xDrive верзиите). Измените на платформата влијаат и на сетапот на суспензијата, како и на самите амортизери. Стандардно, предната оска е опремена со специјални амортизери со променливи карактеристики според ударот и се обвиени со дополнителна обвивка. Тие имаат поцврста карактеристика кога се компресирани и растегнати, додека во средишната положба се помеки. Автомобилите на BMW се познати по одличната динамичност и црврстиот сетап на суспензијата, па и новиот X1 не е исклучок од ова правило. Да, X1 не е на врвот во класата кога станува збор за удобност и меко филтрирање на нерманини, но со 18-инчни тркала шасијата удобно е избалансирана помеѓу удобноста и безбедноста. Кога возите на патишта со нормална нерамномерност , автомобилот се чувствува прилично удобно, не се наведнува премногу во свиоци, и иако управувањето не нуди значителни повратни информации, автомобилот се чувствува многу агилен и стабилен. Меѓутоа, кога ќе поминете низ некои поголеми нерамнини, може да почувствувате како подвозјето „удира“ и се пренесуваат вибрации во кабината. Во исто време, тајмингот на сопирачките е малку чуден и бара привикнување.
Во однос на динамичност и агилност, можам да кажам дека X1 е на врвот во својата класа. Иако станува збор за SUV модел и на 90% од купувачите на овој автомобил тоа нема да им биде воопшто важно, X1 е спремен да „голта“ свиоци без никаков пробем дури и со малку поголема брзина. Потврдата суспензија и директното управување тука доаѓаат до израз и придонесуваат за одлична контрола врз автомобилот. Дополнително, одличното намалување на бучавата на моторот, шасијата и аеродинамичниот шум околу телото при брзини на автопат се достојни за огромна пофалба. На брзини од 130-140 км/ч во кабината е исклучително тивко и рафинирано. Едноставното долгите патувања во овој автомобилот се вистинско уживање.
ГАЛЕРИЈА ОД ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ
Почетната цена на BMW X1 sDrive18i изнесува 45.360 евра.
Цената на тестираниот модел BMW X1 xDrive20d xLine изнесува 62.070 евра.
Повеќе информации за автомобилот може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на BMW.



























