ТЕСТ: Citroën C3 1.2 PureTech 83 Feel Pack

Тековната трета генерација на Citroen C3 се појави на пазарот во 2016 година и за многу кратко време го привлече вниманието на голем број купувачи. Денес, C3 е меѓу најпродаваните модели на брендот, па затоа, неодамна го доби и своето освежување кое што треба да придонесе да се продолжи успехот на автомобилот.

Бројките од продажбата покажуваат дека C3 е автомобил кој им се допаѓа на голем број луѓе, а кога дизајнот е погоден како што треба, тоа значи дека не треба да се прават некои драстични промени. Освежениот C3 ја задржа заоблената силуета и својата екстраваганција, а минималните промени кои се направени на надворешниот дизајн се доволни за да го задржат автомобилот да изгледа модерно и свежо. Главните промени може да се забележат на предниот дел, каде што е поставен нов браник, редизајнирана маска и логото на Citroen се протега по целиот преден дел и се спојува во новите дводелни фарови. Новост е и тоа што сега сите верзии на C3 стандардно се опремени со фарови кои користат LED технологија. Овие промени придонесоа за „лицето“ на C3 да изгледа подинамично и поатрактивно.

Во профил, освежениот модел добива редизајниран изглед на познатите Airbumps, односно сега се три на број, наместо седум од претходниот модел и еден од нив се истакнува со различна контрастна боја. Дополнително, алуминиумските бандажи кои се достапни само со големина од 16-инчи сега се со различен дизајн. Тестираниот модел кој е во второто Feel Pack ниво на опременост има 16-инчни бандажи, но всушност станува збор за раткапни кои се направени толку добро за да личат на алуминиумски бандажи. Задниот дел, освен малку редизајнираниот браник нема никакви други промени. Голем дел од купувачите на овој автомобил се релативно помлади луѓе на кои им е доста важно автомобилот да изгледа кул и интересно, па затоа нивото на персонализација кај овој освежен модел е доста зголемено во споредба со претходникот. Додадени се две нови бои за каросеријата – Elixir Red и Spring Blue (бојата на тестираниот модел) и сега има вкупно седум бои од кои може да изберете. Плус, има и четири различни бои за покривот, како и три нови бои за округлата форма во средината на покривот. Вкупно, C3 е достапен во 97 различни комбинации на персонализација, а тоа значи дека вашиот C3 може да го конфигурирате баш по ваш избор и да биде тотално уникатен.

Ја отвораме вратата и не пречекува скоро идентична внатрешност како и во претходниот модел, со некои минимални визуелни промени. Дизајнот на кабината е едноставен и минималистички, но во споредба со некои конкурентни модели можеби изгледа и малку застарено. Како и на надворешноста, така и тука во внатрешноста достапни се неколку нови Color пакети кои придонесуваат за поинтересен и посветол изглед. Фактот дека внатрешноста е опкружена со потврда пластика веројатно и не е премногу изненадувачки, сепак во оваа класа на возила не може да се очекува кој знае каков луксуз. Со доаѓањето на новата генерација би требало да има позначаен скок во однос на квалитетот на материјалите. Она што е новост во внатрешноста на освежениот C3 се Advanced Comfort седиштата на Citroen кои се исклучително удобни и дефинитивно се едни од најудобните седишта во класата. Навистина се многу меки и пријатни на допир, а и убаво се седи во нив. Сепак, како возач би сакал малку поголема странична поддршка, во свиоци при поголеми брзини чувствувате како телото ви се мрда.

Пред возачот се наоѓа класична аналогна инструмент табла со мал централен дисплеј, додека целосно дигитална инструмент табла не е достапна ни како опција. Во центарот на контролната табла е поставен инфозабавниот систем со екран на допир од 7-инчи од каде што се регулирааат и многу параметри на автомобилот, вклучително и климата. Не ми се допаѓа самата позиција на екранот бидејќи е поставен многу доле и што и да треба да правите мора да го тргнете погледот од патот. Исто така, имам замерка за уште две ергономски решенија – копчето за системот за задржување на возилото во лента е отстрането од левиот дел на контролната табла и сега е интегрирано во инфозабавниот систем, така што за негово исклучување се потребни повеќе движења, но добро е тоа што доколку го исклучите при следното стартување на автомобилот ќе остане исклучено. Втората замерка е за контролата на клима-уредот, нема никакво физичко копче за исклучување/уклучување и мора да притиснете на малата икона до екранот, па од таму да ја подесите температурата и јачината. Во неколку други модели на Citroen ова е малку подобро решено.

Просторот на задните седишта е во границите на класата во која припаѓа, двајца патници со висина до 180 cm ќе може да седнат удобно и да имаат доволно простор и за нозете и за главата. Сместувањето на тројца патници ќе биде малку тешко, освен ако не станува збор за деца. Инаку, задните седишта се слично меки и удобни како и предните.

Во багажникот на располагање се достапни 300 литри капацитет, што пак е во границите на класата. Отворањето е широко и просторот е во правилна коцкаста форма, но подот не е комплетно рамен со браникот. Доколку ви е потробен поголем простор и ги спуштите задните седишта, тогаш капацитетот на багажникот се зголемува на 922 литри.

Тестираниот примерок е придвижуван од најслабиот мотор во понудата, станува збор за 1.2-литарскиот PureTech атмосферски бензинец кој испорачува 83 коњски сили при 5750 вртежи во минута и 118 Nm вртежен момент при 2750 вртежи во минута. Силата се пренесува на предните тркала исклучиво преку 5-степен мануелен менувач. Колку за интерес, забрзувањето од 0 до 100 км/ч трае 13.3 секунди и максималната брзина изнесува 169 км/ч. Перформансите на овој мотор и неговите 83 коњски сили можеби изгледаат мали на хартија, но се сосема доволни за возење во градски услови. На автопат, над 100 км/ч полека останува без здив, што е и сосема разбирливо. Овој мотор е доволен и се покажува во најдобро светло исклучиво во градот. Мануелниот менувач има традиционално долги патеки. Односите на преносот се кратки, што е уште еден доказ дека атмосферецот е главно наменет за градско возење. Кога ќе ја постигне својата работна температура, моторот е релативно тивок и економичен. Во градски услови, измерив просечна потрошувачка која се движеше од 6.5 до 7 литри (со константно уклучена клима). На отворен пат, потрошувачката се движи околу 8 литри. Јас сепак, без размислување би ја одбрал турбо верзијата на овој 1.2-литарски бензинец, перформансите се драстично подобри и разликата во цена не е толку голема.

Освен атмосферскиот бензинец, освежениот C3 е достапен и со 1.2-литарски PureTech турбо бензинец кој испорачува 110 коњски сили, стандардно е опремен со 6-степен мануелен менувач, а како опција може да се земе и 6-степен автоматски менувач. Исто така, C3 е еден од ретките автомобили во својата класа кој сеуште е достапен и со дизел мотор, односно 1.5-литарски BlueHDi со 100 коњски сили и 5-степен мануелен менувач.

Citroen на своите автомобили отсекогаш става главен акцент на комфорот и удобноста, а освежениот C3 не е исклучок од тоа правило. Всушност, ова е најкомфорниот модел во својата класа, во градски услови на возење успева перфектно да ги исфилтрира сите дупки и нерамнини и да обезбеди релаксирано и удобно возење. Маневрирањето низ тесните градски улици е многу лесно и едноставно, но не очекувајте никакви повратни информации. Самата шасија е со помека нота и поради тоа што задниот дел има основна торзиона суспензија, на поголеми и поизразени нерамнини се чувствува минимални нишање. Мекото подесување на суспензијата си го прави своето во свиоци, навалувањето на каросеријата е поизразено, како и неподготвеноста нагло да го промени правецот од едната на другата страна. Овде, подуправувањето доаѓа до израз многу брзо, како и многу чувствителната стабилизација. C3 e автомобил кој ве тера да заборавите на динамично возење, едноставно не му прилега, а и нема да се чувствувате убаво зад воланот. Од друга страна, при нормално и релаксирање возење ќе ве награди со беспрекорна рафинираност и удобност. Што се однесува до изолацијата, таа е ралативно добра, освен на автопат при брзини над 100 км/ч каде што во кабината се слуша аеродинамична бучава која доаѓа од тркалата и ретровизорите.

Освежениот C3 е достапен во три нивоа на опременост – Feel, Feel Pack и Shine. Тестираниот модел е во Feel Pack нивото кое вклучува стандардна опрема како што е: препознавање на сообраќајни знаци, систем за следење на коловозна лента, LED предни и задни светла, темпомат, ретровизори во сјајно црна боја, автоматски клима уред, 7-инчен инфозабавен екран со Apple CarPlay и Android Auto поврзување, Airbumps, 16-инчни 3D раткапни и друго…Дополнително на ова, овој примерок е опремен и со задни паркинг сензори, затемнети задни стакла и покрив во црна боја.

ГАЛЕРИЈА ОД ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ

Почетната цена на Citroen C3 1.2 PureTech 83 Feel изнесува 16.360 евра.

Цената на тестираниот модел Citroen C3 1.2 PureTech 83 Feel Pack изнесува 18.290 евра. *со вклучен промотивен попуст

Повеќе информации за автомобилот може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Citroen.

ЗАКЛУЧОК
Освежениот модел го задржува препознатливиот карактер на C3 и го збогатува со нови комфорни седишта и нови безбедносни технологии. Доколку комфорноста е вашиот главен приоритет, Citroen C3 е идеален градски автомобил.
Екстравагантен дизајн
Комфорни седишта
Возни карактеристики во градски услови
Сите функции на автомобилот се контролираат преку централниот екран
Просечен багажен капацитет
1.2 атмосферскиот бензинец нуди лимитирани перформанси
4