ТЕСТ: Kia Sportage 1.6 CRDi 116 First Edition

Првото запознавање со новата генерација на Kia Sportage го имав неодамна, моделот што тогаш го имав на тест беше во врвното Reference 3 ниво на опременост, а под хаубата работеше 1.6-литарски турбо-бензинец во MHEV верзија со DCT автоматски менувач. Сега, примерокот кој пристигна на тест е комплетно различен – користи 1.6-литарски дизел мотор со мануелен менувач и е во специјалното First Edition ниво на опременост. Дали со моменталната ситуација со цените на горивата, оваа дизел верзија е поисплатлива од верзијата со бензински мотори и дали ова ниво на опременост ја содржи сета опрема која е навистина потребна? – Во овој тест ќе пробам да дадам одговор на овие прашања и фокусот ќе биде на моторот и опремата. ТУКА може да го прочитате претходниот тест на новиот Sportage каде што одредени работи се подетално објаснети.

Kia е еден од оние брендови кои воопшто не се плаши да направи драстични промени во дизајнот од една генерација во друга. Па токму тоа се случи и со новиот Sportage, се сеќавате ли на некоја ваква значајна и голема промена во дизајн кај некои од другите автомобилски брендови? Најверојатно не, особено европските брендови воопшто не се осмелуваат да направат такви големи промени, па затоа секоја нова генерација има до некаде и сличен изглед со претходната. Да, новава петта генерација на Sportage е чудна, особено на прв поглед и едноставно нема бегање од тоа. Интересно е тоа што ако ги видите еден до друг, новиот и претходниот Sportage, претходниот модел изгледа некако „обично“ и веќе застарено. Но, сепак за вкусови неможе многу да се дискутира бидејќи тоа е индивидуално и не значи дека одреден дизајн ќе му се допаѓа на секого. Јас лично сум повеќе фан на поконзервативни линии, но ексцентричниот дизајн на Sportage ми се допаѓа бидејќи го прави да се издвојува во големата „гужва“ на SUV модели. Конкретната боја на тестираниот примерок се вика „Machine Bronze“ и иако изгледа убаво, не сум баш фан како му прилега на автомобилот.

Kia Sportage е достапен со широк спектар на моторизација, имаме чист бензинец, mild-hybrid бензинец, чист дизел, mild-hybrid дизел, како и хибридни и plug-in хибридни верзии кои наскоро би требало да бидат достапни и на нашиот пазар. Исто така, има мануелен менувач, интелигентен мануелен менувач и DCT автоматски менувач со двојна спојка, а може да се одбере и помеѓу погон на предните тркала или погон на сите четири тркала.

Како што споменав на почетокот, овој примерок е придвижуван од 1.6-литарски CRDi дизел мотор кој испорачува 116 коњски сили при 4000 вртежи во минута и 280 Nm вртежен момент од 1500 до 2750 вртежи во минута. Силата се пренесува на предните тркала преку 6-степен мануелен менувач, а ова овозможува забрзување од 0 до 100 километри на час за 11.7 секунди и постигнува максимална брзина од 174 километри на час. Перформансите кои ги нуди овој мотор се солидни, не може да се каже дека не се задоволителни, но искрено ова е мотор за оние кои преферираат опуштено и „лежерно“ возење. Мануелниот менувач кај сите модели на Kia е малку чуден и си бара одредено привикнување, работи супер ама сепак за овој тип на автомобил јас би одел со автоматски менувач – едноставно повеќе одговара на карактерот на автомобилот. Моторот работи релативно тивко, единствено при првото стартување е малку побучен, но кога ќе ја постигне потребната температура станува потивок. Сепак, во споредба со бензинскиот мотор, тука многу повеќе се слуша бучава при забрзување и ја нема таа „тишина“ што ја нуди бензинската верзија, а тоа е и сосема очекувано.

Накратко едно повторување за перформансите на верзијата со бензински мотор – 1.6-литарски T-GDi MHEV кој испорачува 150 коњски сили при 5500 вртежи во минута и 250 Nm вртежен момент од 1500 до 4500 вртежи во минута. Забрзувањето од 0 до 100 км/ч трае 9.3 секунди, додека максималната брзина изнесува 188 км/ч.

На нашиот пазар веќе со години поголем дел од новите автомобили кои се продаваат се со дизел мотор. До пред некое време ова беше и до некаде прифатливо бидејќи цените на горивата беа комплетно различно од тоа што се сега. Па затоа, периодов кружи едно многу интересно прашање – што е поисплатливо бензин или дизел?

Во текот на неколку дневното дружење со новиот Sportage, направив неколку тестови за потрошувачка, а исто така гледав да ги возам истите рути што ги возев и со моделот со бензински мотор. Ќе започнам од градски услови на возење преку ден кога сообраќајот во Скопје е тотален хаос, борд компјутерот покажуваше просечна потрошувача која се движеше околу 7 литри. Моделот со бензински мотор во истиве услови покажуваше потрошувачка од 8 до 9 литри. Следно е возење во градски услови со кратко возење и на автопат, тука потрошувачката изнесуваше 6.3 литри, додека кај бензинецот изнесуваше околу 7.5 литри. Со возење само на автопат според пропишаната брзина – 120/130 км/ч, дизелот покажа потрошувачка од 5.8 литри, додека кај бензинецот изнесуваше 6.5. Последното тестирање што го направив е возење навечер после 21 часот, кога градските улици се релативно празни и еден краток круг преку обиколница. Во овие услови, воедно измерив и најниска потрошувачка и кај двете верзии (што е и очекувано). Односно, дизел верзијата покажа потрошувачка од 5.2 литри, а пак верзијата со бензински мотор покажа потрошувачка од 6 литри. На крајот од неколку дневното возење, дизелот го вратив во салонот на Kia со просечна потрошувачка од 6.8 литри, а кај бензинецот борд компјутерот прикажуваше просечна потрошувачка од 8 литри. Кога ќе се собере просечната потрошувачка од сите овие различни услови, доаѓаме до заклучок дека во просек дизелот е поеконимчен за 1 до 1.5 литар.

Моментално, 1 литар дизел има повисока цена од 1 литар бензин, дополнително на тоа верзијата со дизел мотор е поскапа за околу 2000 евра во споредба со верзијата со бензински мотор. Дали е поисплатливо да возите дизел? – Доколку годишно поминувате доста повеќе од 15.000 километри, а воедно голем дел од тие километри се на отворен пат, најверојатно ќе биде поисплатливо. Ако сте спротивно од ова, нема никаква поента да купите дизел возило бидејќи нема да добиете никаков бенефит. Плус, возењето во бензинската верзија е далеку потивко и порафинирано.

Оваа споредба можеби и не е најрелевантна поради тоа што едниот автомобил е со мануелен менувач, а другиот е со автоматски менувач и со mild-hybrid технологија, но претпоставувам дека ја сфативте поентата која што сакав да ја претставам.

Во внатрешноста, Kia се потруди да заборавите се што до сега знаевте за Sportage. Вниманието веднаш оди кон двата големи екрани кои се со големина од 12.3-инчи, едниот е наменет за возачот и достапни се неколку различни теми на приказ, додека другиот е наменет за инфозабавниот систем. Впечатокот за внатрешноста е доста импресивен, голем дел од материјалите се меки на допир и имаат добар квалитет, а ергономијата е на доста високо ниво. И да не заборавиме, ова е технички „основниот“ модел…

Добрата вест е што и покрај големата дигитализација, остануваат неколку физички контроли за оние функции кои секојдневно се користат. Панелот под инфозабавниот екран е многу интересен, завршен од двете страни со ротирачки тркалца. Тие можат да ја менуваат својата функција – додека стандардно функционираат како јачина на звук / подесување на радиото, по допирање на иконата за климатизација, тие се трансформираат во класична ротациона контрола на температурата.

Ајде малку и за опременоста на тестираниот модел. Ова First Edition ниво е специјално направено од Kia Македонија според потребите на македонските купувачи и вклучува навистина се што е потребно и неопходно. Стандардно се добиваат: Систем за избегнување фронтален удар со препознавање на возила, пешаци и велосипеди, систем за одржување на возилото во лента, автоматска регулација на долги светла, предни и задни паркинг сензори, задна паркинг камера, автоматски клима уред со три независни зони, 12.3-инчна дигитална инструмент табла, 12.3-инчен екран за инфозабавниот систем, темпомат и ограничувач на брзина, предни LED светла, задни LED светла, странични ретровизори со греење, 17-инчни алуминиумски бандажи, дополнително затемнети задни стакла, кровни носачи и многу друго.

Уште во претходниот тест открив дека сум многу импресиониран од возните карактеристики на Sportage. Новата платформа и новите елементи на шасијата придонесуваат за комфорно и лесно возење. Поради тоа што овој модел е со 17-инчни бандажи (претходниот имаше 18-инчни), удобноста и филтрирањето на дупки и нерамнини тука е уште подобро. Доколку не ви е до толку важен надворешниот изглед оваа големина на тркала е идеална. Покрај тоа, големата удобност не влијае негативно на стабилноста при возење. Дефинитивно не почувствував дека Sportage значително се навалува во свиоците, а автомобилот е доволно агилен и компактен. Многу покомпактен отколку што би очекувале од 4.5-метарски SUV.

Цената на тестираниот модел Kia Sportage 1.6 CRDi 116 MT6 First Edition изнесува 27.500 евра, единствената опција која е ставена е металик бојата која чини 600 евра.

Почетната цена на Kia Sportage 1.6 T-GDi 150 MT6 First Edition изнесува 24.900 евра.

Повеќе информации за возилото може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Kia Македонија.

ГАЛЕРИЈА ОД ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ

ЗАКЛУЧОК
Вака опремениот Sportage нуди навистина богата опрема кој вклучува се што е потребно, а истовремено е достапен по прифатлива цена. Конкретно дизел верзијата според мене е наменета за одредени клиенти кои навистина голем дел од времето го поминуваат во автомобил на отворен пат. Во спротивно, основната бензинска верзија е и повеќе од задоволителна.
Богата стандардна опрема
7 годишна гаранција
Прифатлива цена
Просторност
Мануелниот менувач бара одредено привикнување
Mild-Hybrid верзиите добиваат намален багажен простор
...
4.5