
Првата генерација на Kia Sportage беше претставена во далечната 1993 година, втората дојде 9 години подоцна во 2004 година и овие две генерации никогаш не беа многу популарни и не привлекува многу внимание. Во 2010 година дојде третата генерација на Sportage која малку по малку почна да привлекува внимание на европскиот пазар и ова беше одличен почеток за успех на Kia. Со претставувањето на четвртата генерација во 2016 година работите комплетно се сменија за Kia, оваа генерација на Sportage стана огромен хит во Европа (вклучително и на нашиот пазар) и е бестселер на брендот. Сега пред нас ја имаме најновата петта генерација на Sportage која носи една огромна револуција. Сакале или не, компактните теренци се еден од најважните сегменти во моментов. Новиот Kia Sportage е дизајниран да ја надмине популарноста на својот претходник без никаков проблем.
Ова е е толку важен модел за Kia бидејќи претходната генерација беше глобален модел и беше најпродаваниот автомобил на Kia во светот, во случајот со новата генерација, производителот нагласува дека тоа е автомобил дизајниран за Европа. За прв пат во историјата, европската верзија на моделот Sportage се разликува и се произведува и во Европа. Новиот модел е поставен на најновата N3 платформа на брендот која овозможува и електрификација. Што се однесува до димензиите и тука има минимални промени, новиот модел има за 10 мм поголемо меѓуоскино растојание (2680мм), должината е зголемена за 35 мм (4515 мм), ширината е зголемена за 10 мм (1865 мм) и висината е зголемена за 15 мм (1650мм).
Дека станува збор за нова генерација е сосема јасно уште на прв поглед. Од дизајнерска гледна точка – и надворешно и внатрешно – ова е сосема нов автомобил. Како и секогаш, ќе започнеме од надворешноста. По електричниот EV6 модел, Sportage е вториот модел кој го доби новиот дизајнерски јазик на Kia, како и новото лого. Иако има сосема поинаква силуета, одредени карактеристики се идентични со EV6. Она што е интересно е дека при првиот контакт со автомобилот изгледа помало од претходната генерација, но тоа е всушност сосема спротивно. Првата генерација на Kia Sportage беше еден од првите теренци, па затоа е пионерски модел. Сегашната генерација привлекува внимание со својот необичен дизајн кој исто така е и малку поларизирачки. На предниот дел вниманието оди кон огромната решетка, а во неа се споени и фаровите кои стандардно се со LED технологија, додека повисоките нивоа на опременост добиваат Matrix LED фарови (како на тестираниот модел). Интересен детал се дневните светла кои се во V форма поставени кон страните на автомобилот. Во целина, предниот дел сега е многу поагресивен и токму овој дел е малку поларизирачки. Од страна, дизајнот е динамичен, а масивниот Ц-столб ја нагласува робусноста, додека праговите се покриени со вратите, што е многу практично решение особено кога автомобилот е извалкан. За прв пат до сега, покривот на Sportage може да биде во различна боја од остатокот од каросеријата, а вреди да се споменат и 18-инчните бандажи на тестираниот модел кои допринесуваат за поатрактивен изглед.. Задниот дел е малку „покултурен“ од предниот, и тука се истакнуваат LED задните светла кој исто така се во легната форма на буквата V и ги спојува црна лента која се протега по цел заден дел. На долниот дел од браникот се наоѓа голем хромиран елемент, а во повисоките нивоа на опременост се добиваат и детали во сјајно црна боја – мене лично не ми се допаѓа овој стил и моделите што имаат мат црни детали ми се многу поубави. Многу важна работа која треба да се пофали е тоа што нема лажни отвори за издувот! Браво за дизајнерите! На крај, ова е автомобил кој дефинитивно се издвојува на улица и ќе „старее“ доста добро – има голем број на луѓе на кои многу им се допаѓа, но во исто време има и такви кои новиот Sportage го сметаат за не-толку-убав автомобил.
Ајде да одиме внатре! Уште на прв поглед, внатрешноста го покажува огромниот напредок кој го има Kia во овие неколку години. Да, одредени елементи се во класичен „Kia стил“, но целата кабина добива еден комплетно нов ултра-модерен дизајн. Она што највеќе импресионира се големите закривени екрани – еден за возачот, а еден за инфозабавниот систем. Двата екрани се со големина од 12.3-инчи и нудат одлична графика. Дигиталната инструмент табла има чист и јасен приказ, а нуди и висок степен на конфигурација, што значи може да ја конфигурирата по ваш вкус. Исто така, достапни се и неколку различни прикази кои може да ги одберете од главното мени или пак може да ставите со менување на режимот на возење да се менува и приказот. Што се однесува до централниот екран наменет за инфозабавниот систем, исто така импресионира со својата респонзивност и едноставност. Ова е најновиот софтвер на Kia кој е многу логично среден и тоа значи дека не треба да „лутате“ по менито за да најдете некоја основна функција, едноставно се е средено како што треба. Стандардно се добива и вграден навигациски систем, како и поврзување преку Apple CarPlay и Android Auto. Под инфозабавниот екран е поставен панел со две физички тркалца и копчиња на допир. На овој панел со притискање на едно копче може да одберете што сакате да се прикажува во моментот – контролите за клима уредот или пак контролите за брз пристап до одредена функција на инфозабавниот систем. Кога станува збор за ергономија, ова е одлично и многу практично решение. Друга интересна функција која ја има и кај некои други модели на брендот е Blind Spot системот кој ги користи камерите поставени во страничните ретровизори и со вклучување на трепкачот во дигиталната инструмент табла се прикажува приказ од камерата што ќе ви помогне за побезбедно престројување во друга лента.
Да се навратиме малку на дизајнот на кабината, кој воедно е многу сличен со новиот електричен EV6, како и новиот Sorento. Тоа значи дека физичките класични копчиња сега се во многу помал број од претходно, но за разлика од некои други автомобили, тука скоро сите главни функции кои се користат секојдневно имаат свое физички копче. Како на пример, исклучување на Старт/Стоп системот, исклучување на lane keeping assist, Auto Hold, преглед на паркинг камерите и така натаму. Ми се допаѓа централната конзола која е чиста и со јасни функции. Автоматскиот менувач нема класична „рачка“, туку сега има ротационо тркалце со кое се одбира D, N или R, додека за P треба да го притиснете копчето во самото тркалце. Според мене, ова не е до толку практично како класичниот селектор за брзини, но лесно се навикнувате. На централната конзола се поставени и копчиња за греење/ладење на седишта, греење на волан, како и селектор за одбирање на режим на возење. Друга работа која мене лично ми смета е големиот број на пијано црни елементи во кабината – магнет за отисоци од прсти, гребаници и прашина. Најважниот напредок кој го има овој модел во споредба со претходникот се материјалите кои се поставени во кабината, каде и да допрете материјалите се меки и има одлична завршна обработка. Нормално, во долните делови може да се најде некоја потврда пластика, но генерално е доста квалитетно кога ќе се земе во предвид класата во која припаѓа.
Благодарение на зголеменото меѓуоскино растојание, новиот Sportage нуди далеку повеќе простор на задните седишта во споредба со одредени конкуренти. Дури и оние со над просечна висина ќе имаат повеќе од доволно простор и за нозете и за главата, а може да се смести и трет патник во средина, само што така ќе биде малку нарушена удобноста. Патниците позади имаат и свои отвори за климатизација и може да ја регулираат температурата. Исто така, од страните на предните седишта поставени се и USB-C приклучоци, а тестираниот модел дополнително беше опремен и со греење на задните седишта.
Багажникот е зголемен во однос на претходниот модел и во зависност од моторот се добива различен капацитет. Тестираниот модел бидејќи е во Mild-Hybrid изведба на располагање има 526 литри багажен капацитет, додека обичниот бензинец има 591 литар капацитет. Вреди да се напомене дека багажникот е прилагодлив и многу практично е тоа што има посебно место за ставање на ролетната. Отворањето е широко (тест моделот има електрично отворање/затворање на вратата од багажникот) и просторот е во правилна коцкаста форма.
Новиот Sportage е достапен со нови турбо-бензински и дизел мотори, вклучително и електрифицирани верзии. Доколку сакате бензинец, на располагање е 1.6-литарски T-GDi мотор со 150 и со 180 коњски сили (MHEV). Кај дизелите достапен е 1.6-литарски CRDi со 116 и со 136 коњски сили (MHEV). Достапни се со 6-степен мануелен менувач или 7-степен DCT автоматски менувач, додека кај помоќните верзии како опција е достапен и 4WD погон на сите четири тркала.
Моделот кој што го имав на тест е придвижуван од 1.6-литарскиот T-GDi MHEV кој испорачува 150 коњски сили при 5500 вртежи во минута и 250 Nm вртежен момент од 1500 до 4500 вртежи во минута. Силата се пренесува на предните тркала преку 7-степен автоматски менувач. Забрзувањето од 0 до 100 км/ч изнесува 9.3 секунди, додека максималната брзина е 188 км/ч. Според овие бројки перформансите кои ги нуди овој мотор можеби и не звучат многу импресивно, но верувајте во реални услови приказната е комплетно различна. Неколку пати проверував дали овој Sportage што го возам има навистина 150 коњски сили, бидејќи со секое притискање на педалата за гас бев изненаден. Автомобилот забрзува како да има многу повеќе од декларираните 150 коњски сили…Со сигурност можам да кажам дека овој мотор ќе ги задоволи потребите и на оние најпребирливите. Пофалба заслужува и автоматскиот менувач кој од-ли-чно си ја завршува својата работа, брзо реагира и скоро никогаш нема забуни за тоа во која брзина треба да биде. T-GDi моторот има континуирано променливо времетраење на вентилот и работи во комбинација со 48V mild-hybrid систем. Ова се состои од мал електричен мотор и литиум-јонска батерија со корисен капацитет од 0,44 kWh, која се наоѓа под задното седиште. Контролната единица на хибридниот систем според потребите за забрзување избира кога ќе работи само бензинскиот, кога електричниот и кога ќе работат двата мотори заедно, нудејќи ја потребната помош и идеалните перформанси.
Каква е потрошувачката? – во градски услови на возење изнесува од 7.5 до 8.5 литри на 100 изминати километри, ако сте малку понежни со педалата за гас може да биде и под 7.5 литри. На отворен пат, со возење според пропишаната брзина во просек изнесува околу 6.5 литри. Кога ќе се земат во предвид перформансите и големината на автомобилот, ова е сосема солидна потрошувачка.
Каков е новиот Sportage зад управувачот? – многу подобар од секој аспект во споредба со моделот што го заменува. Благодарение на новата платформа и новите елементи, новиот Sportage е еден од најпријатните и најспособните модели во својата класа во моментов. Можеби не е најзабавен ниту најудобен, но совршено ги комбинира овие два различни света. Суспензијата која сега е малку поцврсто прилагодена и квалитетот на работа обезбеден од мулти-линк задната оска прават Sportage безбедно да притиска на патот во какви било услови. Во исто време, ефикасно ги филтрира неправилностите на патот и во комбинација со многу внимателна звучна изолација, го става квалитетот на возење на врвно ниво. Дури и со големите 18-инчни тркала, нема никакви посебни непријатности. Воланот е значително подобрен и можеби има најдобро чувство меѓу другите модели на брендот, а користи електричен управувачки систем (R-MDPS). Сепак, би сакал да има малку повеќе повратни информации од подлогата, но со оглед на намената на автомобилот ова не е нешто не очекувано. Кога е потребно може да го изберете Sport режимот, кој додава плус тежина на воланот и станува малку поостар за да обезбеди непречено и што е најважно ефикасно движење. Навалувањето во свиоци е ограничено, а при подинамично возење однесувањето се карактеризира како неутрално, секогаш пренесувајќи им на возачот и на патниците чувство на апсолутна безбедност и контрола. Тогаш суспензијата одлично се справува со тежината и ретко ѝ дозволува да го покаже своето присуство, но и кога тоа ќе се случи, има прогресивност во реакциите со што дополнително се занимаваат директно електронските системи. Sportage остава позитивен впечаток дури и на off-road патишта. Растојанието од подлогата кое е 17 сантиметри, како и добро прилагодената суспензија совршено се комбинираат, нудејќи можност за непречено и удобно движење и во овие услови. Во вакви ситуации, сепак, првиот збор ќе го имаат достапните верзиите со погон на сите четири тркала.
Sportage е достапен во пет нивоа на опременост – First Edition, Reference 1, Reference 2, Reference 3 и GT-Line. Тестираниот модел е во едно од највисоките нивоа, односно Reference 3 кое вклучува стандардна опрема како што се: сите најнови безбедносни системи и системи за помош на возачот, предни и задни паркинг сензори, 360 степени приказ на камери, 12.3-инчен инфозабавен екран, 12.3-инчна дигитална инструмент табла, Smart Key, безжичен полнач за мобилен телефон, адаптивен темпомат со ограничувач на брзина, полукожни седишта, електрично прилагодување на возачко седиште, електрично отворање/затворање на багажник, Full LED предни адаптивни светла, LED задни светла, 18-инчни алуминиумски бандажи, кровни носачи и многу друго…
Почетната цена за Kia Sportage 1.6 T-GDi 150 MT First Edition изнесува 24.900 евра.
Цената на тестираниот модел Kia Sportage 1.6 T-GDi 150 MHEV DCT7 Reference 3 изнесува 36.200 евра.
ГАЛЕРИЈА ОД ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ
Повеќе информации за возилото може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Kia Македонија.
























