ТЕСТ: Peugeot 3008 HYbrid4 300 AWD GT Pack

Peugeot неодамна го освежи популарниот 3008 и пред неколку месеци на тест го имав во основно ниво на опрема со 1.5-литарски дизел мотор – тој тест може да го прочитате тука. Сега, на тест пристигна многу интересна изведба на 3008, односно станува збор за 3008 HYbrid4 300 AWD во GT Pack верзија – најмоќниот 3008 до сега! Плус, тест моделот е „топтан“ опремен со цела дополнителна опрема која е достапна и навистина изгледа феноменално.

Овој пат ќе започнам од најважната работа за 3008 HYbrid4, а тоа е секако погонот. Peugeot 3008 во plug-in хибридната верзија Hybrid4 располага со дури три мотори. Основата е добро познатиот 1.6 PureTech четирицилиндричен турбо-бензинец кој тука испорачува 200 коњски сили, а е надополнет со два електрични мотори: предниот со 110 коњски сили – е интегриран во осум-степениот автоматски менувач, вториот со 113 коњски сили – е интегриран во задната оска заедно со инверторот и диференцијалот. Електричната енергија се снабдува од батерија со употреблив капацитет од 10,4 kWh (вкупно 13,2 kWh). Вкупната системска моќност изнесува 300 коњски сили и 520 Nm вртежен момент. Во зависност од режимот на возење силата се пренесува на сите четири, задните или предните тркала преку 8-степен е-EAT автоматски менувач. Импресивни се и перформансите – од 0 до 100 километри на час забрзува за 6.1 секунди, додека максималната брзина изнесува 240 километри на час.

Оваа верзија нуди четири различни режими на возење. Во чисто електричниот режим, 3008 е придвижуван само од електрична енергија (нормално) и работи многу добро, особено во град, но во овој режим може да вози до максимални 135 километри на час – тоа значи дека може да се вози на „струја“ и на автопат. Што се однесува до опсегот, според официјалните податоци на Peugeot и WLTP мерењата, максималниот опсег на електрична енергија изнесува 59 километри. Но, како и со секој друг електричен/PHEV автомобил, за да се добие официјалниот опсег треба многу работи „да се погодат“, па затоа во реални услови максималниот опсег е малку помал. Периодот кога го имав автомобилот на тестирање, температурите беа многу блиску до нулата, а сите знаеме дека ладното време не им одговара баш на батериите. Во вакви услови, со полна батерија може да се поминат 40-45 километри, што не е премногу далеку од декларираната бројка. Плус, ова е и сосема доволно за завршување на дневните обврски низ градот. За жал, имав само еден обид да го испробам електричниот опсег. Поради различни причини (зафатен полнач од дизел!? возило, не работење на некои од јавните полначи или работни обврски и потреба да бидам на друго место со автомобилот), не ми беше дадена можност целосно да ја наполнам батеријата.

Времето на полнење на батеријата варира во зависност од начинот и полначот кој го користите. Батеријата од целосно празна до целосно полна може да се наполни за околу два часа со wallbox или јавен полнач. Но, мора да се земе вграден еднофазен полнач од 7,4 kW, бидејќи во принцип ќе добиете само 3,7 kW. Со стандарден полнач во домашни услови, процесот трае околу осум часа.

Следниот режим на возење е Hybrid – еден вид на стандарден режим во случај автомобилот да нема доволно електрична енергија за чисто електрично движење. Во овој режим за протокот на енергија се грижи самото возило, се разбира со цел за да согорува што помалку гориво додека возите. При тргнување знае да го уклучи бензинскиот мотор, но многу набрзо откако ќе тргнете го елиминира моторот со внатрешно согорување од играта и на сцена стапува задниот електричен мотор. За да бидат во игра сите тие 300 коњски сили и да се добијат максимални перформанси, тука е Sport режимот кој ги користи сите достапни мотори и со секое притискање на педалата за гас автомобилот се катапултира нанапред. Последниот режим на возење е 4WD кој се грижи за оптимално распоредување на силата на сите четири тркала, односно кога ќе сакате да го напуштите асфалтираниот пат треба да префрлите во овој режим на возење. Она што сите Вас ве интересира е секако потрошувачката – доколку секој ден ја полните батеријата и возите само во електричен режим нема да потрошите ич гориво. Во ситуации каде што ќе го користите моторот со внатрешно согорување во комбинација со електромоторите, 3008 Hybrid4 ќе троши од 3 до 4 литри на 100 изминати километри. Друга ситуација е кога батериите ви се целосно испразните и автомобилот е придвижуван единствено од 1.6-литарскиот турбо бензинец – и во оваа ситуација потрошувачката е доста импресивна, односно од 6 до 7 литри на 100 изминати километри.

Ајде малку да позборуваме и за изгледот на 3008 Hybrid4 – на прв поглед изгледа идентично како и другите ICE верзии, а единствените разлики се тоа што оваа хибридна изведба има две „капачиња“ на задните крила, односно од едната страна е за полнење гориво, а од другата страна е за полнење на батериите. Другата разлика се HYbrid ознаките кои ги има на предните крила и позади на вратата од багажникот. Со освежувањето, Peugeot му даде ново лице на 3008. Предниот браник е редизајниран, а доби и нова frameless маска која се спојува со редизајнираните предни Full LED светла. Страните и задниот дел остануваат скоро непроменето, а нов е и дизајнот на LED задните светла. Конкретниот тестираниот модел е во GT Pack, највисокото ниво на опрема кое е достапно, па затоа има и неколку козметички разлики во однос на другите нивоа. Дополнително, со освежувањето Peugeot додаде и Black Pack опција која секако тестираниот модел ја имаше. Оваа опција ги заменува сите хромирани детали во (нормално) црни, односно логоата и ознаките напред и назад се во Dark Chrome боја, кровните носачи и лајсните околу вратите се во Satin Black боја и се добиваат ексклузивни 19-инчни алуминиумски бандажи…во црна боја. Не сум голем фан на вакви „all black“ конфигурации на автомобили, но морам да признаам дека конкретниот 3008 изгледа доста храбро и ексклузивно!

Одиме внатре, првиот пат кога ја отворив вратата мојата реакција беше WOW! Peugeot дефинитивно ги имаат најинтересните и најуникатни ентериери моментално. Дополнително за мојата „wow“ реакција имаа и овие Nappa кожни седишта во црвена боја кои воедно имаат феноменален дизајн – и се многу удобни за седење. Со освежувањето, ентериерот не претрпе драстични промени и понатаму си останува со несекојдневен дизајн и голема практичност. Сите поставени материјали се со подобрен квалитет со цел да се добие едно полуксузно чувство во кабината. Како и кај секој друг модел на брендот, така и 3008 го има најновиот i-Cockpit кој вклучува 12.3-инчна дигитална инструмент табла, додека инфо-забавниот систем во тест моделот е со новиот 10-инчен дисплеј кој нуди подобра графика и подобра респонзивност. Веднаш под овој дисплеј се поставени карактеристичните седум пијано копчиња кои се користат за брз пристап до одделни ставки од менито. Функциите за клима уредот остануваат да се контролираат преку горниот дисплеј, а сето тоа е малку покомплицирано за ракување. И искрено ова е единствената замерка која ја имам за ентериерот на 3008, да, намалувањето на физички копчиња придонесува за почист и полуксузен дизајн, но целата ергономија драстично се намалува. Благодарение на големиот панорамски сончев кров во тест моделот, кабината е доволно светла и едноставно оваа опција ја менува целата атмосфера во кабината. Друга дополнителна опција која е новост во 3008 е Night Vision системот, а „мојот“ примерок беше опремен и со тоа – ви кажав на почетокот, овој 3008 е опремен со сите достапни опции! Како работи овој систем? – На дигиталната инструмент табла може да одберете посебен приказ на кој што се прикажува проекција од топлинската камера поставена на предниот дел, но ако го немате одбрано овој приказ и доколку камерата забележи нешто пред автомобилот автоматски се прикажува проекција во десниот дел од инструмент таблата.

3008 нуди и релативно просторна задна клупа на која што удобно може да се сместат двајца патници и притоа да имаат доволно простор за нозете и главата, а по потреба може да се смести и трет патник кој ќе седи релативно комфорно. Во однос на ICE верзиите, plug-in хибридните модели на 3008 нудат помал багажен простор поради батериите. Во стандардната конфигурација на располагање се достапни 395 литри багажен капацитет (520 литри во ICE верзиите), а доколку се спуштат задните седишта се добива капацитет од 1357 литри.

Во однос на перформансите, Peugeot 3008 Hybrid4 нема за што да се жали. Овој компактен SUV може да биде многу брз, а благодарение на присуството на електрични мотори, ќе ве задоволи и со пријатна подготвеност веднаш да забрза. Електричните мотори јасно го „измазнуваат“ тргнувањето на погонскиот систем, така што не мора да се чека турбо-бензинецот да се разбуди. 3008 Hybrid4 ќе ви служи речиси веднаш по притискање на педалата за гас. И без разлика со која брзина возите, коњските сили и вртежниот момент доаѓаат до израз и со темпо што се смета за нелегално во Македонија. Поради сите овие електромотори и батерии, се зголеми и тежината на автомобилот, оваа верзија на 3008 тежи скоро 2 тона, што реално е доста сериозна тежина. Во права линија, сепак, погонскиот систем може совршено да се справи со овој материјал. Во свиоци има еден многу интересен момент во споредба со дизел верзијата што ја возев неодамна. Благодарение на батериите и поголемата тежина, центарот на гравитација во хибриднава верзија е понизок, а тоа пак резултира со малку подобро однесување и управување во свиоци. Но сепак, комбинацијата од значителна тежина, повисока конструкција и помеко подесена шасија едноставно не одговара на спортско возење. Плус, повратните информации од воланот не се многу импресивни. Затоа, Peugeot 3008 Hybrid4 има јасни граници во свиоците, кои кога се третираат построго, покажуваат понагласено навалување на телото. Генерално, ако се спореди со стандардна верзија со бензин или дизел мотор, овој хибриден 3008 има поконтролирано и подобро возење во однос на намената на ова возило. Колку купувачи ќе бидат заинтересирани да го истражат лимитот на спортското возење и што може да направи нивниот 3008 Hybrid4? Би рекол дека нема да има многу.

ГАЛЕРИЈА ОД ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ

Мора да гледаме на овој автомобил малку поинаку. И покрај тоа што има 300 коњски сили, ова не е „спортска“ верзија, а не е и „hot-SUV“. Peugeot 3008 Hybrid4 е повеќе носител на модерната технологија и високите перформанси овде ги доживувам главно како дел од удобноста. Вишокот на сила е една од „опремата“ која позитивно влијае на удобноста – сознанието дека секогаш имаш доволно сила, типично за побрзо претекнување, на некој начин смирува и придонесува за доброто расположение на возачот. Побрзото претекнување е еднакво на побезбедно претекнување. Покрај перформансите, Peugeot 3008 Hybrid4 има и други предности кои го предиспонираат за улогата на удобен придружник. На пример, автоматскиот менувач нежно менува брзини, непречената соработка на погоните е исто така рафинирана, а добрата звучно изолирана и убаво опремена внатрешност исто така заслужува пофалба.

Почетната цена на Peugeot 3008 1.2 PureTech 130 Active pack изнесува 29.480 евра.

Цената на тестираниот модел Peugeot 3008 HYbrid4 300 GT Pack изнесува 69.820 евра.

Повеќе информации за возилото може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Peugeot.

ЗАКЛУЧОК
Peugeot 3008 HYbrid4 е многу пријатен автомобил во кој ќе уживате да возите. Всушност, ова е најмоќната верзија на 3008 до сега, која ви дава можност да одберете дали сакате да возите во чист електричен режим или во комбиниран хибриден режим, а може да се пофали и со одлична економичност. Со овој модел, кој е дел од новата ера на Peugeot, брендот го покажува патот кон иднината.
Пристојни динамички возни својства.
Пространост.
Внатрешност со богат и луксузен изглед.
Интересен сооднос на моќност/потрошувачка.
Хибрид верзијата има намален багажен простор.
Контрола на некои функции само преку инфозабавниот систем.
Специфичен i-Cockpit.
4