Колку повеќе време поминува, толку повеќе Citroën нуди возила кои се драстично различни од конкуренцијата. Овој пристап кон нештата се чини како доста успешен за францускиот бренд, а доказ за тоа се интересните бројки од продажбата на другите модели во гамата на Citroen. Ова е автомобилски бренд кој е познат по тоа што работите ги прави малку поинакви од она што сме навикнати да го гледаме секојдневно – токму тоа го прави еден од најуникатните брендови. Најновиот доказ е и она за што ќе зборуваме денес – најновата трета генерација на компактниот C4.
Ознаката C4 има доста големо значење за Citroen. Компактниот хечбек имаше и успешни и помалку успешни периоди, а едно време и малку го снема. За тоа време, тој се претвори во теренец, од кој на крајот евентуално се врати пак во хечбек. И сега е време да се претстави како (според производителот) „целосно нов концепт на компактен хечбек“. Ќе бидам искрен – кога прв пат ги видов фотографиите од новиот C4 си реков „што направиле Citroen?“…и некако неможев да ги најдам вистинските зборови со кои би го опишал автомобилот. Па затоа, реков дека ќе почекам да го видам во живо пред да го кажам моето мислење за дали ми се допаѓа или не ми се допаѓа. Пред некој месец, добив повик од Citroen Македонија дека новиот C4 пристигнал и кај нас. Тогаш го видов во многу интересна портокалова боја (онаа од рекламите кои сигурно сте ги забележале до сега) и во класична црна боја. На прв поглед, автомобилот е навистина чуден, кога велам чуден мислам на убаво-чуден и ова е од оние автомобили кои дефинитивно нема да бидат по сечиј вкус.
Неколку месеци подоцна и конечно дојде шансата да поминам неколку дена со новиот уникатен Citroen C4. Тест моделот дојде во највисокото ниво на опременост и во “нежната” Iceland Blue Metallic боја. Бидејќи до сега веќе неколку пати го имав видено во живо автомобилот, некако се навикнав на чудниот дизајн. Екстравагантниот дизајн сосема го разбирам и браво за Citroen што продолжуваат да прават интересни и радикално различни автомоболи. Секој човек има различен вкус кога станува збор за дизајн, мене надворешниот изглед на новиот C4 едноставно не ми е баш по мерак. Не дека автомобилот не е атрактивен, напротив, привлекува многу внимание и сите се интересираат за тоа што модел е, но кога нешто уште од прв пат нема да ви „фати око“ тешко дека понатаму ќе смените мислење…се надевам ми ја сфативте поентата и моето мислење за надворешноста на новиот C4.
Сега, ајде малку и да го објасниме дизајнот. На предниот дел, вниманието го привлекуваат светлата кои се со V-облик и се поделени на два дела – горниот дел е со тенки линии и таму се сместени дневните светла, додека долниот дел е со поголема форма и таму се сместени главните светла, а логото на Citroen се спојува со двата делови. Сето ова му дава уште покарактеристичен изглед на C4, исто така LED фаровите се стандард во сите модели. Извајаните страни и црните панели околу тркалата и праговите додаваат чувство на зголемена висина на автомобилот, иако во реалноста нема големо растојание од подлогата. Гледан од страна, C4 има и купеовски облик кој е добиен благодарение на опаѓачката линија на покривот. Динамичниот стил продолжува и на задниот дел, каде што на некој начин тој V-облик го добиваат и задните светла кои исто се со LED технологија. На задната врата има вградено и спојлер каде што иако има застаклен простор под него, прегледноста кон задниот дел е малку лимитирана. Екстравагантното тело на C4 буквално се прелива со најразлични форми, а препознатливи се и неколку дизајнерски елементи од легендарниот Citroen GS.
Пред да зборуваме за внатрешноста, новиот C4 е поставен на CMP платформата на PSA групацијата и што се однесува до димензиите автомобилот е долг 4,360 милиметри, широк 1,834 милиметри, висок 1,525 милиметри и има меѓуоскино растојание од 2,670 милиметри – со што е меѓу најголемите модели во својата класа.
Внатрешноста има исто несекојдневен и уникатен дизајн, но тука работите се малку посмирени за разлика од надворешноста. Пријатниот ентериер во новиот C4 открива атмосфера која потсетува на онаа во C5 Aircross. Внатрешната архитектура на моделите на Citroen може да се спореди со дневна соба, каде што удобноста е еден од главните приоритети на француската марка. Програмата „Advanced Comfort“ нуди седишта кои што се достојни за премиум автомобил, а ги добивате уште во првото ниво на опременост. Во однос на завршната обработка и материјалите, се гледа дека Citroen посветиле доста внимание да ја направат кабината што е можно поквалитетна. Нормално, на некои делови е поставена и потврда пластика, но со оглед на сегментот во кој се наоѓа тоа и не е воопшто лошо. Плус, автомобилот успева релативно добро да ги маскира тие делови, бидејќи сите елементи кои често се допираат и се во видно поле се меки на допир, а обработката како таква е на многу добро ниво. Практичноста исто така игра голема улога за купувачите на овој тип на автомобили, а новиот C4 има што да понуди. Кабината е полна со различни места за одлагање на ситници, а пред совозочот освен класичната „фиока“ има и дополнително уште една фиока каде што може да ставите некои помали работи и над тоа се наоѓа интегриран држач за таблет.
Во време кога ергономијата станува се полоша и во секој автомобил доминираат големите екрани на допир, внатрешноста на C4 изгледа навистина убаво и практично. Најважните функции си имаат свое физичко копче и се поставени онаму каде што и очекувате. Океј, и новиот C4 има екрани и е опремен со сите оние најнови технологии, но во умерени количини. Пред возачот се наоѓа дигитална инструмент табла, која е стандардна во сите модели и е со големина од 5,5-инчи. Искрено, малку ми е и чудно зошто до толку мал екран е поставен таму, но функционира сосема добро и има минималистички изглед. Исто така, тест моделот дојде и со Head-Up дисплеј, а проекцијата е на посебно стакло кое се отвора или затвора. На горниот дел од централната конзола сите модели стандардно добиваат 10-инчен екран за инфозабавниот систем. Овој систем ми е веќе добро познат бидејќи го користат и другите автомобили во PSA групацијата, а тука е направена мала измена во графиката. Менито е ралативно едноставно за користење, но не е меѓу најинтуитивните и најбрзи системи на пазарот. Се добива и поддршка за поврзување со Apple CarPlay и Android Auto, a во повисоките нивоа има и вграден навигациски систем. Огромна пофалба за тоа што на долниот дел од централната конзола се задржани конвенционални физички копчиња за контролите на клима уредот.
Кабината обезбедува и многу простор. На предните седишта има и повеќе од доволно простор, а благодарение на нагодувањата за воланот и седиштето секој ќе може многу лесно да ја најде својата идеална возачка позиција. Новиот C4 е меѓу најголемите автомобили во својата класа, па затоа и на задните седишта има навистина доволно простор барем за нозете – закосениот покрив го лимитира просторот за главата, но ако имате до 185 сантиметри, нема да имате за што да се жалите. До багажниот простор се пристапува преку релативно голема врата, а во стандардната конфигурација на располагање имате 380 литри багажен капацитет. Доколку ви треба повеќе простор, со спуштени задни седишта се добива капацитет од 1250 литри.
Предноста на новиот C4 во споредба со конкурентите е тоа што уште од самиот старт е достапен со конвенционални бензински и дизел мотори, како и целосно електрична верзија. Но, за електричната верзија ќе зборуваме во некоја друга прилика. Тестираниот модел дојде опремен со најмоќниот дизел мотор, а тоа е 1.5-литарски BlueHDi кој располага со 130 коњски сили достапни при 3750 вртежи во минута и 300 Nm вртежен момент достапен од 1750 вртежи во минута. Силата се пренесува на предните тркала преку EAT8 автоматски менувач. Забрзувањето од 0 до 100 км/ч трае 10.6 секунди, а максималната брзина изнесува 206 км/ч. Моторот нуди сосема доволни перформанси и многу лесно го придвижува автомобилот. Плус, како за дизел мотор работи доста рафинирано и тивко, а во кабината нема никакви вибрации или бучава која што би ви пречела. Сето ова е наградено со многу ниска потрошувачка, во текот на неколку дневното тестирање измерив потрошувачка која се движеше од 6 до 6.5 литри на 100 изминати километри – во градски услови!
Освен овој мотор, достапен е и уште еден дизел – исто 1.5-литарски BlueHDi но со 110 коњски сили и исклучиво со 6-степен мануелен менувач. Доколку сакате бензинец, достапен е 1.2-литарскиот PureTech во три верзии – со 100, 130 или 155 коњски сили.
Кога ќе седнете зад воланот на новиот Citroen C4, првата работа што ќе ја приметите се беспрекорно комфорните седишта. Сето тоа е дел од посветеноста на брендот кон максималната удобност, карактеристика што ја користи за да се разликува од своите конкуренти. Овој пристап продолжува и надвор од седиштата, C4 е опремен и со иновативната суспензија на брендот која користи прогресивни хидраулични перничиња, што без да навлегуваме во техничките карактеристики на тоа, значи дека е далеку помек од повеќето други автомобили во оваа класа. Имајќи предвид дека другите брендови на автомобили веруваат дека цврстата суспензија е еднаква на поспортско или подинамично возење, сетапот кој го користи Citroen за своите модели се покажува како еден од најадекватните – барем за ваков тип на автомобили. Дури и на најголемите достапни алуминиумски тркала кој се со големина од 18-инчи, возењето никогаш не е неудобно. Површинските неправилности на патот се убаво амортизирани, па дури и оние поостри удари успева перфектно да ги исфилтрира без да има несакани удари и вибрации во кабината. И покрај тоа што Citroen C4 има помеко прилагодување на суспензијата од вообичаеното, не значи дека не е добар кога станува збор за подинамично возење. Во некои ситуации има очекувано навалување во свиоци, но генерално има одлична стабилност и префрлањето од еден во друг свиок до некаде може да биде и забавно – баш поради тој несекојдневен сетап на суспензијата. Што се однесува до управувањето, добивате солидни повратни информации и воланот ја има онаа перфектна тежина и самото чувство е доста природно. На отворен пат, Citroen C4 е максимално рафиниран и удобен, уклучете го адаптивниот темпомат и уживајте во возењето. Всушност, ова е од оние автомобили кои ве тераат што е можно почесто да одите на некое подолго патување бидејќи времето поминато зад воланот е едноставно еден вид на релаксација.
ГАЛЕРИЈА ОД ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ
Почетната цена на Citroen C4 1.2 PureTech 100 Live Pack изнесува 15.990 евра.
Цената на тестираниот модел Citroen C4 1.5 BlueHDi 130 EAT8 Shine со промотивен попуст изнесува 26.140 евра.
Повеќе информации за возилото може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Citroen.



























