Porsche Македонија веќе долги години го организира Porsche Driving Experience – Road Tour настанот. На овој настан, достапни се повеќе од 10 автомобили на брендот Porsche, односно скоро целата гама која ја нуди брендот. Целта на овој настан е да се споредат „back to back“ сите модели, да се воочат различните возни карактеристики што ги нуди секој модел и секако максимално да се ужива зад воланот на овие прекрасни спортски автомобили. Оваа година не пречекаа 10 модели кои беа на располагање за возење, односно: 718 Cayman Style Edition, 718 Boxster GTS 4.0, 911 Targa 4, 911 Carrera S Cabriolet, 911 Turbo S, Taycan Cross Turismo 4S, Taycan Cross Turismo Turbo, Taycan Turbo, Panamera Sport Turismo GTS и Macan S.
Стартната точка е секако Porsche центарот во Скопје, по краткиот брифинг за условите и распоредот на рутата на возење полека се упатуваме кон автомобилите и ја започнуваме нашата адреналинска рута. Патувањето го започнувам во најмалиот SUV на брендот, односно во Macan S. Оваа верзија на Macan е златната средина и можеби најидеалната верзија. Под хаубата тука работи 2.9-литарски V6 турбо-бензинец кој испорачува 380 коњски сили и 520 Nm вртежен момент. Забрзувањето до 100 км/ч трае 4.6 секунди додека максималната брзина е 259 км/ч. Силата се пренесува на сите четири тркала преку одличниот 7-степен PDK автоматски менувач. Macan S од една страна импресионира со перформансите кои ги нуди и генерално спортското чувство, а од друга страна пак во Normal режим на возење тој е многу комфорен и тивок придружник.
Од Macan S се префрлам на „струја“, односно во лудо брзиот Taycan Turbo. Тука, под десната нога на располагање имам 680 коњски сили и 850 Nm вртежен момент. 100 км/ч пристигнуваат за импресивни 3.2 секунди, а максималната брзина застанува на 260 км/ч. Taycan не ми е непознат модел, до сега го имам возено во неколку различни верзии и секако она што највеќе остава впечаток е навистина лудото и инстантно забрзување со секое притискање на педалата за гас. Да, како автомобилски ентузијаст ми фали звукот на бензинец, но поради батериите и нискиот центар на гравитација, стабилноста и однесувањето на Taycan во свиоци е многу, многу добро. Сакале или не, мора да прифатиме дека за неколку години од сега голем дел од автомобилите (и спортските) ќе бидат електрични…А ако нудат возни карактеристики како што нуди Taycan, тоа и нема да биде толку лошо.
На следната промена, седнувам на совозачкото седише во Taycan Cross Turismo Turbo. Тука, моќноста е иста како во стандардниот Taycan, а ова е всушност „off-road“ караванска верзија на овој модел. Исто така, суспензијата тука е повисока и има комплетно различен сетап, а сето тоа придонесува за малку покомфорно возење и можност да го напуштите асфалтираниот пат.
Сега за сега, доволно беше од „струја“, полека се приближуваме кон нашата крајна дестинација во Маврово. Пред нас е пат со свиоци, а мене ми дојде ред да седнам зад воланот на легендарниот 911 Targa 4. Оваа изведба на 911 е можеби и една од најпривлечните и најпосакуваните – и не е воопшто чудно, изгледа навистина спектакуларно. Особено во оваа конфигурација -„Gentian Blue“ боја, Carrera Classic 20/21 инчни бандажи, Sport Design пакет за екстериерот, Sport Exhaust и „чисти“ задни светла – браво за тој што го конфигурирал автомобилот. Инаку, ова е „основната“ верзија на Targa со погон на сите тркала. Тука работи 3.0-литарски шестцилиндарски боксер мотор кој испорачува 385 коњски сили и 450 Nm вртежен момент. Забрзувањето до стотка трае 4.4 секунди и не застанува се до 289 км/ч. И покрај тоа што е основна верзија чувството зад воланот е исто толку специјално и убаво како и во секоја друга 911-ка. Едноставно не може да се опише со зборови чувството кога сте зад воланот на овој модел, еден од ретките автомобили кој ви буди толку многу емоции и радост.
Веќе се приближуваме до крајната наша дестинација, а тоа е хотелот Радика во Маврово. Овие последни километри низ тесните кривулести патиша ги поминувам во 911 Turbo S. Мислам дека не треба премногу објаснување за оваа верзија бидејќи верувам дека сите што го читате ова веќе знаете за што станува збор. Сум возел и сум се возел во многу брзи автомобили, но верувајте 911 Turbo S е сосема друга лига. Забрзувањето и респонзивноста се нешто тотално лудо. Но, она што највеќе импресионира кај оваа верзија е тоа што во Normal режим на работа е навистина „нормален“ автомобил кој апсолутно без никаков проблем може да го возите секој ден. Со префрлување во Sport/Sport Plus режим и активирање на најтврдиот сетап на PASM суспензијата се добива комплетно друг автомобил, а за да го извлечете максимумот треба да сте стварно спремен и искусен возач. И да, тука работи 3.8-литарски твин-турбо боксер мотор со 650 коњски сили и 800 Nm вртежен момент. До стотка се катапултира за 2.7 секунди и не застанува се до 330 км/ч…Уште една работа која премногу ми се допаѓа кај конкретниот примерок е Heritage Design пакетот во внатрешноста. Да, можеби изгледа малку несекојдневно и нема да биде по сечиј вкус, но според мене изгледа совршено и му дава на автомобилот еден ретро класичен шмек.
По кратката пауза за ручек во Радика, спремни сме за тргнување назад во Скопје. Но, пред да тргнеме, имаме мала презентација за новиот освежен Cayenne. Новиот модел освен што добива редизајниран надворешен изглед, добива и комплетно нова кабина со целосно нов распоред на контроли, нови екрани и нови функционалности. Дополнително, има промени и во понудата на мотори. Детално за новиот Cayenne ќе зборуваме во друга прилика.
Спремни сме за тргнување и првиот автомобил што е во „мој раце“ за назад е Panamera Sport Turismo GTS. GTS верзијата на Panamera е придвижувана од 4.0-литарски V8 бензинец кој испорачува 480 коњски сили и 620 Nm вртежен момент. Силата се пренесува на сите четири тркала преку 8-степен PDK автоматски менувач. Забрзувањето до 100 км/ч трае 3.9 секунди и максималната брзина изнесува 292 км/ч. Бидејќи станува збор за караванската избедба на Panamera тука се добива зголемена просторност и практичност. Па според мене, би рекол дека токму ова е идеалниот фамилијарен автомобил. Во нормални услови на возење комфорноста е на многу високо ниво, а кога ќе ги оставите другите членови од фамилијата дома, префрлувате во Sport режим и имата загарантирата забава и одличен саундтрак и од моторот и од издувниот систем.
На ред пристигнува 718 Cayman – и тоа конкретниот модел е во ексклузивната Style Edition верзија. Ова значи дека се добиваат контрастни пакети за надворешноста во црна или бела боја (конректно тука е во црна), стандардни се и 20-инчните 718 Spyder бандажи. А не може да не се спомене и оваа фантастична Ruby Star Neo боја, на фотографии изгледа малку чудно, но во живо приказната е сосема различна. Инаку, ова е најосновната верзија на Cayman и тука работи 2.0-литарски турбо-бензинец кој испорачува 300 коњски сили и 380 Nm вртежен момент. Силата се испраќа кон задните тркала преку 7-степен PDK автоматски менувач. Во однос на перформанси и возни карактеристики, иако станува збор за основна верзија не може да се пожалам ни за двете. Од моја гледна точка, ова е идеална верзија за оние кои сакаат да поседуваат Porsche, но истовремено не им се толку битни тие врвни перформанси што ги нудат другите верзии. Дополнително, и покрај тоа што тука работи 2.0-литарски мотор, звукот и од моторот и од издувниот систем воопшто не звучи како да е од четирицилиндарски мотор.
Време е за следната промена и конечно седнувам зад воланот на мојот омилен модел – а тоа е 718 Boxster GTS! До сега веќе неколку пати сум имал можност да го возам овој автомобил и секогаш впечаток и импресиите се исти…ова е навистина пер-фек-тен автомобил и за возење и за слушање. Моторот кој се наоѓа тука е истиот оној од 911 GT3, односно врескачкиот 4.0-литарски шестцилиндричен атмосферец кој тука испорачува 400 коњски сили и 420 Nm вртежен момент кон задните тркала преку 7-степен PDK автоматски менувач. Помалата тежина и помалата големина, како и средишно поставениот мотор се тука за да ви обезбедат бесконечна забава. А звукот? звукот е нешто навистина неописливо, особено од 6000 до 8000 вртежи. И сето тоа го слушате толку гласно и чисто бидејќи моторот се наоѓа веднаш позади седиштето. Со Boxster изведбата може да уживате во чист воздух кога покривот е отворен, а со тоа се добива и малку подобар саундтрак од издувниот систем во кабината. Каков автомобил…морам да признаам, секое разделување со Cayman/Boxster GTS ми е навистина многу тешко.
Се приближуваме кон Скопје и време е за последната промена на оваа тура. А „мојот“ автомобил за крај е 911 Carrera S Cabriolet. Ова е прв пат да возам кабрио верзија од тековната генерација на 911. Возните карактеристики и перформансите се исти како и кај стандардната верзија, а тоа значи директно и многу прецизно управување, врвни динамични својства и огромна насмевка на лицето. Разликата е во тоа што кај кабрио верзијата може да уживате во свеж воздух, да се сончате и секако да го слушате издувниот систем, како и турбото малку погласно. Оваа верзија е придвижувана од 3.0-литарски шестцилиндарски турбо-боксер мотор кој испорачува 450 коњски сили и 530 Nm вртежен момент. Силата ја пренесува на задните тркала преку 8-степен PDK автоматски менувач, а ова овозможува забрзување од 0 до 100 км/ч за 3.7 секунди додека максималната брзина изнесува 306 км/ч.
Дојде крајот на овој прекрасен и адреналински ден кој секоја година прави да се чувствувам специјално! Импресиите ќе се паметат уште долго, а сега со нетрпение го чекам следниот Porsche Road Tour…Огромна благодарност до Porsche Македонија за тоа што веќе со години ми овозможуваат да седнам зад воланот на овие спортски автомобили!
Повеќе информации за автомобилите на Porsche може да најдете ТУКА.
ГАЛЕРИЈА