По 55 години и повеќе од 50 милиони продадени примероци, апсолутниот бестселер во историјата на автомобилизмот – Toyota Corolla, добива SUV верзија наречена Corolla Cross. По претставувањето на Aygo X и Yaris Cross, повеќе од јасно беше дека Toyota ќе ја дополни својата понуда со SUV верзија на популарната Corolla. Новата Toyota Corolla Cross е фамилијарен и практичен SUV кој доаѓа да ја комплетира модерната гама на моделот. Во понудата на Toyota поставена е над C-HR и под RAV4, додека соодветно се нуди во верзии со погон на предните или сите четири тркала. Во однос на конструкцијата, ја следи TNGA (Toyota New Global Architecture) филозофијата и се базира на добро познатата GA-C платформа.
Во Европа започнува една целосно нова ера за легендарната Toyota Corolla. Најпродаваниот автомобил во светот пристигнува во нова форма и влегува во сосема нов сегмент. Брзо растечкиот компактен C-SUV сегмент го привлекува вниманието на се повеќе производители на автомобили, а Toyota за прв пат досега претставува модел токму во овој сегмент следејќи го најновиот SUV тренд. Во однос на димензиите, Corolla Cross има должина од 4460 мм, ширина од 1826 мм, висина од 1646 мм и меѓуоскино растојание од 2640 мм. А сето ова е доволно да ги задоволи транспортните потреби на едно семејство.
Што се однесува до надворешниот дизајн, ситуацијата е иста како и со стандардниот Yaris и Yaris Cross. Односно, новата Corolla Cross нема никаква визуелна поврзаност со другите изведби на Corolla, што до некаде е и за пофалба. Сепак, „нема бегање“ од фактот дека Corolla Cross изгледа некако обично. И ова е исто така разбирливо бидејќи ова е автомобил што треба да им се допадне на доста широка (и различна) публика. Па затоа, дизајнерите во Toyota оделе на „сигурна карта“ и не експериментирале премногу со дизајнот. Предниот дел е со сосема ново лице и различен дизајн од другите модели на брендот, тука се истакнува големата предна решетка и црниот елемент во браникот. Дополнително, Corolla Cross добива и целосно нови full LED фарови со интересна графика и динамички трепкачи.
Страничниот профил ја има онаа карактеристична SUV форма, а црните пластики околу тркалата дополнително допринесуваат за тој теренски стил. Исто така, забележливи се и пошироки предни и задни крила кои се хармонично комбинирани со линиите на каросеријата – верни на семејниот идентитет на Toyota. Тестираниот модел кој е во второто Executive Plus ниво на опременост добива и 18-инчни алуминиумски бандажи. Задниот дел на автомобилот, благодарение на хоризонтално поставените светла изгледа доста широко, а и тука е присутен голем елемент во браникот кој е во црна боја. Исто така, малку ми е чудно што задните светла се „обични“, а не со LED технологија…Севкупно, целиот дизајн на Corolla Cross е без оној „wow ефект“ и реакцијата на голем дел од луѓето кои што го видоа автомобилот беше дека изгледа пријатно, но ништо спектакуларно – и јас тотално се согласувам со тоа.
Внатре, приказната е комплетно различна, сличностите помеѓу другите изведби на Corolla стануваат очигледни. Она што го гледате е обид да се балансира технологијата и практичноста. Да бидам искрен, материјалите што се искористени во кабината не се во согласност со очекувањата. Завршната обработка е добра и како целина се е убаво склопено, но голем дел од местата кои често се допираат се обложени со потврда пластика. Ова е всушност единствената негативна работа што ја забележав. Во спротивно, просторноста и практичноста на дизајнот ќе бидат соодветно ценети, особено поради присуството на конвенционални физички копчиња за голем дел од функциите.
Горниот дел на контролната табла е идентичен како и кај сите други изведби на Corolla, но сепак тука има значајни новости во однос на технологијата. Corolla Cross доаѓа со целосно нова дигитална инструмент табла со големина од 12.3-инчи која нуди одлична графика и ги прикажува сите потребни информации околу возењето, но не е конфигурабилна како кај некои други конкурентни модели. Високо во горниот дел од централната конзола е поставен и целосно нов 10.5-инчен екран за инфозабавниот систем кој доаѓа со најновиот софтвер на Toyota кој конечно изгледа модерно и нуди широк опсег на опции. Целото мени е лесно и едноставно за користење, а нуди и доста интуитивно работење бидејќи процесорот што го користи сега е 50% побрз така што не се забележува заостанување во командите на корисникот. Достапно е и wireless поврзување преку Apple CarPlay, додека за Android Auto ќе ви биде потребен кабел. Во првите четири години, компанијата нуди и низа бесплатни услуги, како што се надградби преку воздух, гласовна контрола и систем за навигација базиран на облак со податоци за сообраќајот во реално време. Дополнително, апликацијата MyT е достапна и за далечински пристап преку паметен телефон.
Со меѓуоскино растојание од 2640 мм, просторот на задните седишта е релативно ограничен и може да се опише како нормален со оглед на класата во која припаѓа. Двајца патници со просечна висина ќе може комотно да се сместат и да имаат доволно простор за нозете и главата, но оние со надпросечна висина ќе имаат проблем со просторот за нозете. Исто така, не би препорачал сместување на тројца возрасни патници за некои подолги патувања. Сепак, патниците во овој ред на седишта добиваат засебни отвори за клима уредот, како и USB приклучок.
Багажниот простор во новата Corolla Cross нуди капацитет од 433 литри, подот не е комплетно рамен со браникот, но просторот е во правилна коцкаста форма и благодарение на широкото отворање ставањето на големи и тешки работи нема да претставува проблем. Дополнително, од страните има и мали места за оставање на некои помали работи, како и куки и закачалки. Со спуштени задни седишта, багажниот простор се зголемува на капацитет од 1337 литри.
Новата Corolla Cross со себе носи и значајни промени во однос на погонскиот систем. Сега за сега, на нашиот пазар Corolla Cross е достапна само со еден хибриден погон и верзија со преден погон или погон на сите четири тркала. Ајде сега малку подетално за овој погонски систем – Toyota Corolla Cross е првиот автомобил на компанијата во кој е вградена хибридна технологија од петтата генерација. Зборуваме за систем кој е помоќен, покомпактен, поекономичен и со намалени CO2 емисии. Под хаубата се наоѓа високо ефикасен 2.0-литарски Dynamic Force атмосферски бензинец кој има VVT-I и VVT-iE контрола на вентилите, со однос на компресија од 14:1 и на крајот произведува моќност од 152 коњски сили и 190 Nm вртежен момент достапен од 4400 до 4900 вртежи во минута. Тестираниот модел е со погон на предните тркала, па оттаму овие бројки се надополнуваат со електричниот мотор. Моќноста овој електричен мотор кој е поставен напред изнесува 111 коњски сили и 206 Nm вртежен момент. Верзијата со погон на сите четири тркала добива уште еден електричен мотор на задната оска. Кај двете верзии силата се пренесува преку добро познатиот e-CVT бесстепен автоматски менувач.
Малку и за батеријата – под задните седишта се наоѓа нова литиум-јонска батерија, со 60 ќелии и вкупен капацитет од 4,08 Ah. Оваа батерија е покомпактна, има намалена тежина за 14%, зголемен проток на енергија за 14%, додека работи поефикасно, благодарение на подобрениот систем за ладење. Сето горенаведено е контролирано од софистицирана контролна единица, која ја подобрува потрошувачката, ги намалува електричните загуби за 6% и е потивка во своето работење. Вкупната системска моќност на овој нов хибриден погон изнесува 197 коњски сили и 202 Nm вртежен момент. Сето ова придонесува за забрзување од 0 до 100 км/ч за 7.6 секунди и максимална брзина од 180 км/ч. Перформансите кои ги нуди овој погон се значително подобри од секој аспект во споредба со другите хибридни погони на Toyota. Забрзувањето е нормално линеарно, но она што импресионира највеќе е работата на e-CVT менувачот. Работи доста порафинирано и пореспонзивно споредено со другите хибридни погони од четвртата генерација. Во однос на потрошувачката, во градски услови на возење борд компјутерот покажа потрошувачка од околу 6 литри на 100 изминати километри, што верувам дека може да биде и пониска доколку сте малку повеќе претпазливи со педалата за гас. На автопат, со брзина според пропишаните ограничувања потрошувачката изнесува околу 8-8.5 литри на 100 изминати километри.
На пат Toyota Corolla Cross се однесува речиси како што би очекувале од еден семеен SUV/кросовер. Главниот акцент е ставен на удобноста и тоа е веднаш приметливо. Предниот дел користи MacPherson потпирање, додека задниот дел користи мулти-линк независно потпирање кое е специјално оптимизирано за да се пренесуваат помалку удари и потреси во кабината. Сетапот на суспензијата е доволно мек за да ги следи неправилностите на патот. Но, ги филтрира како што сака и не како што треба, оставајќи го автомобилот да има понагласено навалување во свиоци. Конкретната верзија со преден погон има тенденција на подуправување, но се однесува многу читливо и контролирано. Едноставно, ова не е автомобил кој ќе сакате да го возите динамично, неговата „дома“ е градот. А во градски услови на возење, Corolla Cross наградува со рафинирано, лесно и комфорно возење. Исто така, голем дел од возењето во градот е во чисто електричен режим, дури има и можност преку соодветно копче да се избере чисто електрично движење за ограничени периоди. Друга работа што како возач ќе ја цените во градскиот метеж се компактните димензии на автомобилот, добрата прегледност и лесниот управувачки систем (иако не нуди никакви повратни информации од подлогата). При возење на автопат, она што малку ми пречеше е звучната изолација, би сакал да биде за нијанса потивко, особено за бучавата од бензинскиот мотор. Инаку, многу пријатна е живоста на десната педала која има брз одзив и непречено влече, практично низ целиот опсег на работа. Но, она што не е пријатно е бучавата која е присутна во кабината при поагресивно забрзување, делумно предизвикано од бесстепениот e-CVT менувач…
Продолжувајќи со добрите работи за новата Toyota Corolla Cross, ова е првиот модел во понудата на брендот кој доаѓа со нова трета генерација на безбедносниот Toyota Safety Sense пакет. Сега се вклучени дополнителни активни системи за помош при возење и паркирање, а целосно новите функции вклучуваат систем за итно запирање во возење (EDSS) со over-the-air ажурирања. Дополнително, направени се и подобрувања на адаптивниот темпомат, како и на системот за предупредување при напуштање на лента и помош за задржување во лента. А на сето ова ја имаме и 10-годишната гаранција која Toyota ја нуди за сите свои модели.
ГАЛЕРИЈА ОД ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ
Почетната цена на Toyota Corolla Cross 2.0 Hybrid 2WD Executive изнесува 38.490 евра.
Цената на тестираниот модел Toyota Corolla Cross 2.0 Hybrid 2WD Executive Plus изнесува 41.290 евра.
Повеќе информации за автомобилот може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Toyota.