ТЕСТ: SsangYong Musso Grand 2.2 e-XDi Entry

SsangYong е бренд кој има голема и долга историја со теренски и пикап модели. Еден од поновите пикап модели е она за што ќе зборуваме денес, односно Musso Grand. Овој модел е на пазарот од 2018 година, а во втората половина на 2021 година, тој доби прилично значајно освежување. Променет е надворешниот изглед, збогатена е понудата на технологии и опрема, а најважното е новиот мотор кој сега има нешто повеќе од 200 коњски сили. 

Пазарот на пикап модели се развива. Во минатото тие беа „луксузни комбиња“ за штедливи претприемачи. Подоцна прописите се сменија и овој сегмент падна во немилост, станувајќи миленик на компаниите за услуги и сервиси. На пример, Mercedes со својата X-класа доживеа голем пораз овде – луксузниот пакет и високата цена не ги фати Корејците кои се обидуваат да понудат нешто сосема различно. Тие нудат „многу автомобил“ за разумни пари. Буквално и фигуративно. SsangYong Musso Grand е изненадувачки предлог, дефинитивно вреди да се обрне внимание. 

Со освежувањето SsangYong Musso Grand доби целосно нов преден дел за уште повеќе да се разликува од својот брат Rexton. И ова функционира совршено. Од прилично благ изглед, по освежувањето станува самоуверено лице со огромна маска која едноставно паѓа во очи. Сепак, ова не е единствената причина зошто купувачите на пикап треба да го држат Musso Grand на нишан. Карактеристичната маска која се протега од хаубата до долниот дел на браникот е надополнета со ново дизајнирани фарови кои може да бидат и со LED технологија за дневните светла, a Xenon за средните светла. Останатите делови на автомобилот практично не се разликуваат од претходникот. Покрај необичниот дизајн, импресионира и со димензиите. Не е ни чудо што може да се пофали со должина од 5405 мм, ширина од 1950 мм и висина од 1855 мм. Меѓуоскиното растојание има вредност од 3210 милиметри, што е навистина пристоен дел. SsangYong исто така има Musso во својата палета без зборот Grand (што означува проширена верзија), но другата пократка варијанта не се нуди на нашиот пазар.

Корејските инженери многу добро размислувале за дизајнот на овој автомобил. Иако пикапите на конкуренцијата се нешто пократки, ниту еден од нив нема носивост како SsangYong Musso Grand. Со должина од 540 сантиметри во товарниот простор, Musso е на врвот во класата. И сето ова е направено додека се добива и целосна кабина за пет лица. Носечкиот капацитет исто така не е лош. Musso Grand може да влече и приколка од дури 3 тони (со мануелен менувач до 2600 кг), а носивоста е од 800 до 1000 килограми. Последната вредност зависи од типот на задната суспензија. Musso се нуди во две верзии. И без доплата. Пониската носивост е за верзијата со мултилинк суспензија (но сепак има цврст мост). Повисоката вредност, пак, се однесува за класичната суспензија со пружини. Еве и еден интересен факт: Musso со второт решение е потежок за 250 килограми.

Со оглед на димензиите (да не го заборавиме растојанието од подлогата кое е 220 мм), веројатно не е чудно што за влегување во автомобилот потребна е малку повеќе физичка активност. За среќа, во двата реда има рачки, кои го олеснуваат ова качување. И кога првпат ќе седнете овде и ќе ја затворите вратата, ќе бидете пријатно изненадени. Musso Grand нуди богата опрема на која сме навикнати од поскапи теренци, секако не за автомобили со работна база. Конкретниот примерок е во основното ниво, но има и неколку ставки од дополнителна опрема. Па така, тука може да најдеме кожни седишта со греење и ладење (напред), греење на волан, инфозабавен систем со екран од 8-инчи и поддршка за Apple CarPlay и Android Auto, автоматска двозонска клима, темпомат, задна паркинг камера и бројни системи за безбедност и помош.

Во исто време, пикапот ги задржува пријатните материјали на допир и, пред сè, концептот со класични копчиња и ротациони контроли. Сите често користени функции можете да ги менувате слепо по неколку километри. Посебно копче на левиот панел е посветено на системот за одржување на возилото во лента. И ако одлучите да го исклучите, тој ќе остане исклучен дури и по следното стартување. Пред возачот, во конкретниот модел се наоѓаат класични аналогни инструменти, но во повисоките нивоа на опременост се добива малку поголем дигитален дисплеј во средината. Во однос на инфозабавниот систем, малку е специфичен и застарен. Распоредот на менито не е многу логичен и покрај неколкудневната интензивна употреба на Musso, не можев да се пронајдам во него. За среќа, системот поддржува Apple CarPlay и Android Auto поврзување (но само со кабел) па тоа малку ја подобрува ситуацијата со инфозабавата. 

Самиот внатрешен дизајн е многу пријатен и модерен. На прв поглед може да се види дека Musso е силно поврзан со моделот Rexton. И ова е огромна предност на корејскиот пикап.

Иако седиштата напред немаат значителна странична потпора, тие се големи и удобни, така што е пријатно за патување дури и на долги релации. Со висина од околу 175 сантиметри имам доволно простор и во вториот ред. Седиштата убаво ги потпираат бутовите и има уште доволно простор пред колената и над главата. Ниту повисоките патници кои седнаа на задните седишта не се пожалија на недостиг на простор. Според стандардите на пикап модел со двојна кабина, тука има навистина многу простор, а и самото седење е доста удобно. 

Musso Grand ја сподели техничката основа со моделот Rexton, кој покрај конструкцијата значеше и токму истиот агрегат. Станува збор за 2.2-литарски e-XDI турбодизел мотор со моќност од 202 коњски сили при 3800 вртежи во минута и 441 Nm вртежен момент од 1400 до 2800 вртежи во минута. Ова е и единствената опција за моторизација на нашиот пазар, а покрај стандардниот шестстепен мануелен менувач може да одберете и шестстепен Aisin автоматски менувач. Погонот на сите четири тркала е стандарден кај двете верзии. Колку трае забрзувањето од 0 до 100 км/ч не се знае бидејќи SsangYong нема никаде објавено официјални податоци за ова…но, максималната брзина се знае, конкретниот примерок со мануелен менувач може да постигне максимална брзина од 185 км/ч. 

Динамиката всушност одговара на дадените податоци. Не е лошо, но добро би дошле неколку дополнителни коњски сили и вртежен момент. Особено кога ќе го натоварите големиот багажен простор или кога има повеќе од двајца патници во кабината. Од друга страна, турбодизелот со четири цилиндри е многу добро звучно изолиран и не прави прекумерна бучава во кабината дури и по ладно палење. Мануелниот менувач си бара одредено привикнување и реално е малку „тежок“ за користење, особено во градски услови, но реално сосема добро си ја завршува работата. Јас лично без размислување би одбрал автоматски менувач, возењето е подобро и многу покомфорно во секој поглед. Во однос на потрошувачката, во текот на неколку дневното тестирање во градски услови измерив просечна потрошувачка која се движеше околу 11 литри. На отворен пат, таа бројка се намалува на околу 9.5-10 литри. Ако се земе предвид тежина на автомобилот од 2,1 тони, станува збор за сосема пристојни вредности.

Каков е Musso Grand зад воланот? Па, како и секој пикап. Кога товарниот простор е празен, бидејќи тест моделот е со основната суспензија со пружини, задниот дел е малку „нервозен“ и на нерамнини знае да отскокнува. Автомобилот ве известува за нерамнините на патот со мало тропање од тркалата, но благодарение на 18-инчните бандажи со гуми со висок профил удобноста генерално и не е толку лоша. Исто така, тука свој удел има и специфичната рамка на подвозјето направена од четири слоја челик со висока цврстина, но реално не очекувајте лебдечки комфор како кај некој полуксузни теренци. Би рекол дека Musso е еден од подобрите „passenger-friendly“ пикапи на пазарот. Најимпресивно е тоа како се однесува на повисоки автопатски брзини, дури и во такви ситуации стабилноста е многу добра и не се обидува сам да го промени правецот и останува цврсто на патот.

Musso Grand е автомобил кој воопшто не се плаши да вози и далеку од асфалтираните патишта. Во вакви услови веднаш се гледа историјата и знаењето кое го има SsangYong со вакви теренски автомобили. Musso Grand без потешкотии може да ги совлади и најекстремните off-road услови. Благодарение на одличната шасија, клиренсот од подлогата кој изнесува 220 мм, аголот на пристапување од 25 степени и аголот на заминување од 20 степени овозможуваат релативно непречено возење. Изборот на 4×4 погонот е лесен со стандардните 2H, 4H и 4L режими, а се менуваат преку тркалце поставено покрај менувачот. Системот 4×4 е типичен и практичен што е знак дека ќе го направи она што се очекува и ќе биде лесен за ракување. Musso исто така е опремен и со заклучувачки заден диференцијал, но сето тоа се одвива автоматски, вие како возач рачно не може да го контролирате – и тоа е една од ретките мани на овој модел. Сепак, на овој систем потребна му е само една секунда за да сфати дека е на малку потежок терен и дека треба да го заклучи задниот диференцијал. Дополнително на ова, електронската контрола на тракцијата работи одлично.

Друга важна работа за верзијата со ваква суспензија со прижини е тоа дека кога ќе го натоварите задниот дел приказната е сосема различна. Шасијата наеднаш е значително посигурна и поцврста, а задниот дел станува многу помирен и покомфорен. При купување на овој автомобил, најважно е за што точно ќе го користите поголем дел од времето. Оваа суспензија е подобро во однос на носивост и работни задачи, додека мултилинк суспензијата е подобра во однос на комфор и нуди подобри возни карактеристики кога автомобилот е празен. 

За крај, каков е Musso Grand при малку подинамично и побрзо возење? Да, ова е далеку од автомобил со таква намена, но да бидам искрен не разочарува. Динамичното возење е придружено со значителни навалувања на каросеријата, а бидејќи воланот нема некоја добра цврстина и прецизност, потребно е да имате и навистина пргави раце. Потребни се само неколку вртења за да се сфати дека Musso е најдобар во режим на релаксирано возење, кога покрај префинетите перформанси, се исплати и со пристојна потрошувачка на гориво. Да не се заборави и тоа дека Musso Grand знае да понуди и навистина добра забава. На крајот на краиштата, автомобилот е опремен со класична рачна сопирачка и стандардно испраќа параметри само на задните тркала. Со оневозможена стабилизација, можете да си правите вистинска забава. Секако тоа може да го правите исклучиво само во безбедна средина! 

ГАЛЕРИЈА ОД ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ

Почетната цена на SsangYong Musso Grand 2.2 e-XDi MT6 4WD Entry изнесува 33.900 евра (со вклучен ддв).

Цената на тестираниот модел SsangYong Musso Grand 2.2 e-XDi MT6 4WD Entry со неколку ставки од дополнителната опрема изнесува 38.700 евра (со вклучен ддв).

Повеќе информации за автомобилот може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на SsangYong. 

ЗАКЛУЧОК
Musso Grand е здив на свеж воздух во сегментот на пикап модели, од кој многу етаблирани производители се повлекоа во последните години. Тој е огромен, има величествен изглед и луксузни карактеристики во кабината. Плусот тука се и возните карактеристики во секаков вид на услови. Еден од ретките автомобили кој одлично си ги завршува работите за што е наменет и не пробува да биде нешто што не е.
Големина
Товарен простор и носивост
Практична кабина со најнови технологии
Цена
Моторот би можел да има малку повеќе моќност
Возни карактеристики со празен товарен дел
Тежок мануелен менувач
4