ТЕСТ: Škoda Octavia 2.0 TDI Evo 150 DSG Style

Octavia е еден од најпопуларниот,најважниот и воедно најпродаваниот модел на чешкиот бренд. Исто така, Octavia е доста популарен автомобил и во Македонија, особено голем успех имаше претходната генерација. Новата четврта генерација на Octavia има тешка задача, треба да го задржи успехот на претходниот модел, па дури да го направи и уште поголем. А искрено, новиот модел ги има сите предуслови за тоа – вградени се многу нови технологии, има целосно дигитализиран ентериер и поелегантен надворешен дизајн. Дали новата Octavia е најдобриот модел кој Skoda го нуди моментално? – Прочитајте го тестот за да дознаете!

Да започнеме со надворешноста – Уште на прв поглед, новата Octavia изгледа доста помодерно и полуксузно. На предниот дел е поставена новата решетка на Škoda која е во шестоаголна форма и е со хромирами детали, а се гледа дека инспирацијата за овој дел е превземена од моделот Scala. Нови се и предните full LED Matrix светла(стандард во Style ниво на опременост), додека браникот има слични детали како кај поголемиот Superb. Страничниот дел е со прави линии и го нагласува елегантниот изглед на Octavia, а пак задниот дел е многу поразличен и поинтересен во споредба со претходниот модел. На вратата од багажникот поставени се буквите Škoda, а нови се и задните хоризонтални LED светла кои имаат динамички трепкачи и многу кул анимација при отклучување и заклучување – Сликата за елегантниот изглед ја завршуваат 18-инчните бандажи. Бојата на тестираниот модел е нова и е достапна само за Octavia, а името е „Lava Blue“ – мене лично ми се допаѓа оваа боја бидејќи е некако несекојдневна и прави да возилото изгледа уште поелегантно. Ако претходната генерација имаше релативно ненаметлив и смирен дизајн, новиот модел е комплетно спротивно од тоа. Доказ за ова се импресиите и прашањата на минувачите, во тие неколку дена додека ја имав на тест голем број на луѓе ме застанаа и прашуваа прашања за возилото, а дел од нив дури побараа и да го фотографираат. Škoda направи голем чекор напред со овој модел и не станува збор само за дизајнот…Со должина од 4,689мм и ширина од 1,829мм, новата генерација е подолга за 19мм и поширока за 15мм, додека меѓуоскиното растојание изнесува 2,686мм.

Импресионирани сте од надворешниот дизајн? – ќе бидете уште повеќе кога ќе го видите ентериерот! Всушност, најголемото изненадување кај новата Octavia е токму внатрешноста и сите оние high-tech опции и најнови технологии. Ако надворешноста на Octavia е еволуција, внатрешноста е една голема револуција. Кабината сега е целосно дигитализирана и физичките копчиња кои се останати се во минимален број. Новата Octavia е и првиот модел на брендот кој како опција нуди Head-up дисплеј. Пред возачот е поставена дигитална инструмент табла која всушност е достапна и кај сите други модели на брендот, но контролирањето е различно. На прв поглед можеби изгледа малку комплицирано, но после кратко проучување се е едноставно и лесно за ракување. Инструмент таблата нуди четири различни прикази, а тука е и опцијата за прикажување на „класични“ инструменти, кои исто така може да се конфигурираат според вашите потреби. За подесување на ова се користи ролерот на десната страна на управувачот, го притискате и потоа го вртите за да ја контролирате десната страна, односно кругот кој покажува километри на час. Притиснете го повторно и тогаш ја контролирате левата страна, односно кругот кој покажува вртежи во минута. Копчињата на левата страна од управувачот се наменети за infotainment системот, од кој ролерот ја контролира јачината на аудио системот.

Новост е и infotainment системот, стандардно доаѓа со 8-инчен екран, додека во Style нивото на опременост се добива поголем 10-инчен екран со вграден навигациски систем. Екранот има кристално чиста графика и работи брзо, а достапен е и висок степен на персонализација. „Home screen“ може да си го прилагодите точно по ваш вкус, а иконите се менуваат исто како на вашиот паметен телефон. Достапни се и неколку различни прикази на екранот,а ги менувате лево или десно исто како на паметен телефон, или пак преку гестикулации. Под екранот се наоѓа „Touch bar“ преку кој може да ја контролирате јачината на аудио системот со користење на еден прст, а пак со користење на два прста ја менувате големината на мапата на навигацијата – доста интересно и кул решение. Infotainment системот во новата Octavia доаѓа со wireless SmartLink – вашиот паметен телефон може да го поврзете со возилото без да користите кабел! На долниот дел од централната конзола, како опција, достапно е и wireless полнење за вашиот телефон. Кога сме кај централната конзола, Octavia доби и нов минијатурен автоматски менувач (сличен на тој во новиот Golf, Leon…и Porsche 911) – новиот автоматски менувач користи “shift-by-wire” технологија. Друга многу важна новост е тоа што може да комуницирате со „Laura“ – виртуелниот асистент на Škoda, кој преку вештачка интелигенција ги учи вашите барања. Голем чекор напред е направен и за квалитетот на материјалите и целата завршна обработка – скоро сите места кои често се допираат се обложени со кожа или многу квалитетна ткаенина. Бидејќи сум голем фан на амбиентално осветлување, морам да го пофалам тоа во новата Octavia, достапно е како опција и бидејќи на располагање има многу бои може да го конфигурирате по ваш избор во зависност од вашето расположение.

Предните седишта се супер-комфорни и нудат одлична странична поддршка, а дури и оние повисоките многу лесно ќе ја најдат својата идеална возачка позиција благодарение на многуте нагодувања, како и за седиштето, така и за воланот. Она по што Octavia отсекогаш се издвојувала од своите конкуренти е врвната просторност и практичност во кабината. Претходниот модел нудеше и повеќе од доволно простор на задните седишта, но новиот модел поради зголемените димензии нуди уште повеќе комфор. Не би имал никаков проблем да седам на задните седиште па дури и неколку стотици километри, а поради нискиот тунел во средина ќе може релативно удобно да се сместат и тројца патници. Багажникот нуди капацитет од импресивни 600 литри, а пак со спуштени седишта прераснува на неверојатни 1740 литри. Добро познатите Simply Clever решенија се достапни и во новиот модел – гребалката за мраз која се наоѓа под капакот за полнење гориво, со која исто така можете да ја измерите длабочината на шарите на вашите пневматици. Држачи за таблет на задните страни од седиштата, чадор во предните врати, како и држач за паркинг тикет на ветробранското стакло.

Тестираниот модел под хаубата го имаше новиот 2.0-литарски TDI EVO дизел мотор кој располага со 150 коњски сили и 360 Nm вртежен момент. Силата ја пренесува на предните тркала преку нов 7-степен DSG автоматски менувач, а забрзувањето од 0 до 100 км/ч трае 8.7 секунди, додека максималната брзина која може да ја постигне е 227 км/ч. Моторот е тивок и одлично изолиран, нема никакви вибрации ни во место ни во возење, а импресивно е тоа што и на повисоки вртежи не се слуша оној класичен звук што го имаат дизелите. Перформансите се повеќе од адекватни и ќе го задоволат сечиј вкус на возење. Морам да ја пофалам калибрацијата на менувачот со моторот, менувањето на брзини е толку меко што ептен треба да се сконцентрирате за да осетите кога менувачот ќе смени брзина , а сето тоа е направено за максимална рафинираност и комфор при возење. Просечната потрошувачка во градски услови на возење изнесува околу 7 литри на 100 изминати километри, додека на отворен пат измерив потрошувачка која се движеше од 5.5 до 6 литри на 100 изминати километри.

Освен овој мотор, достапен е уште еден дизел и два бензински мотори – дизелот е исто 2.0-литарски TDI, но со 115 коњски сили. Доколку сакате бензински мотор, може да одберете помеѓу 1.0-литарски TSI со 115 коњски сили и 1.5-литарски TSI ACT со 150 коњски сили.

Сега за сега, Octavia е достапна во две нивоа на опременост – Ambition и Style. Тест моделот беше во второто Style ниво кое вклучува: Lane assist, предни и задни паркинг сензори, задна паркинг камера, лумбарна поддршка на предни седишта, трозонски автоматски клима уред, дигитална инструмент табла, 10-инчен COLUMBUS infotainment дисплеј со 3D навигациски систем, Smart Link, Full LED MATRIX предни светла, светлосен асистент, LED задни светла, адаптивен темпомат, 17-инчни алуминиумски бандажи и многу друго…*тест моделот имаше и плус дополнителна опрема: греење на предни седишта, Side assist, електрична врата од багажник, Head-up дисплеј, 18-инчни алуминиумски бандажи, амбиентално осветлување…

Разликите на надворешноста и внатрешноста во споредба со претходниот модел се доста воочливи, но каква е всушност разликата зад управувачот? – Кога станува збор за возењето, новата Octavia е многу подобра од својот претходник и тоа од секој аспект. Кај Octavia приоритетот отсекогаш бил насочен кон комфорот и рафинираноста при возење, истото ова важи и за новиот модел. Во оваа класа на возила, Octavia дефинитивно ја има најмеката суспензија. Дури и со 18-инчни бандажи, како што имаше тест моделот возењето е многу комфорно и сите оние дупки и нерамнини на патот скоро и да не се чувствуваат, а не се пренесуваат и некакви несакани вибрации во кабината. Последицата од ваквиот мек сетап е тоа што на нерамен пат го има она чувство на “пловење“ – што до негде е и оправдано. Како опција достапна е и адаптивна суспензија која што со сигурност ќе го подобри тоа чувство бидејќи може да одберете помеѓу помек или потврд сетап (не сум возел модел со оваа опција па затоа неможам да кажам каква е разликата). Инаку, управувачот ја има перфектната тежина со што маневрирањето во градски услови е доста лесно и имате чувство како да возите помал автомобил, додека на поголеми брзини управувачот е за нијанса потежок. Благодарение на големите стаклени површини, прегледноста од сите страни е одлична, плус сите модели стандардно се опремени со задни паркинг сензори. Тест моделот беше опремен и со Driving mode selection кој ви дава опција да одберете помеѓу Normal, Eco, Sport или Individual режим – во Sport режим управувачот добива плус тежина и педалата за гас е пореспонзивна. Octavia не е спортско возило, па затоа и не треба да очекувате кој знае какви спортски карактеристики. Но и покрај мекото потпирање, Octavia е доста способна во кривини. Управувањето е прецизно и имате добра конекција со тоа што прават предните тркала, навалувањето во кривини е понагласено од некои конкурентни модели, но зад управувачот се чувстувате стабилно и сигурно. На крај на денот, Octavia не е возило за динамично и спортско возење, туку е комфорно и смирено возило со кое патувањата ќе ги поминувате удобно и безбедно.

Почетната цена за Skoda Octavia 1.0 TSI 115 Ambition изнесува 17.770 евра.

Цената на тестираниот модел Skoda Octavia 2.0 TDI Evo 150 DSG Style изнесува 31.940 евра.

Повеќе информации за возилото може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Skoda!

ЗАКЛУЧОК
Четвртата генерација на Skoda Octavia е подобра од било кога! - нуди повеќе простор во кабината, како и подобри возни карактеристики од претходно. Исто така, сега има поелегантен надворешен изглед и многу подобар, целосно дигитализиран ентериер. Всушност, Octavia е еден комплетен автомобил кој нуди навистина се што ви е потребно и верувајте многу тешко ќе најдете некоја замерка.
ПОЗИТИВНО
Богата стандардна опрема.
Квалитетен и дигитализиран ентериер.
Најпросторен и најпрактичен модел во класата.
НЕГАТИВНО
Понагласено навалување во свиоци.
Функциите за клима-уредот се малку комплицирани за користење.
4.5
More Stories
Audi го претстави новиот A1 Citycarver