ТЕСТ: Škoda Enyaq Coupe 85 Sportline 

Škoda ни го претстави првиот „вкус“ на електричната иднина во форма на концептот Vision E во 2017 година. Две години подоцна, беше проследено со друго истражување наречено Vision iV, кое во голема мера го инспирираше тестираниот новитет во серијата. Сепак, првиот електричен автомобил од Млада Болеслав беше малиот модел Škoda Citigo-e iV, претставен во 2019 година. Една година подоцна беше донесена целосна електрична револуција со воведувањето на новиот теренец Škoda Enyaq iV – кој беше создаден од самиот почеток без компромиси, т.е. како „чист“ електричен автомобил.

Техничката основа во овој случај е модерната MEB платформа, развиена специјално за модели на батерии. На почетокот, Enyaq беше достапен само во стандардната изведба, но набрзо во понудата се придружи и поатрактивната Coupe верзија – она за што ќе зборуваме денес. Благодарение на оваа изведба, Škoda по долги години се враќа на стилската каросерија од типот на купе.

Иако добро знам дека дизајнот е многу субјективна работа, сепак би се осмелил да кажам дека мнозинството од публиката ќе се согласи со мене и ќе потврди дека новиот Enyaq Coupe е навистина интересен автомобил со визуелни емоции. Coupe изведбата, во споредба со обичниот Enyaq, дефинитивно е похрабро нацртана, а јасно наведнатата линија на покривот ја прави силуетата полесна и далеку поатрактивна. 

Како дел од рационализацијата на производството, можеби на прв поглед дури и не изгледа дека Coupe изведбата ги има истите делови од каросеријата како „обичниот“ Enyaq, практично до централниот столб. Предниот дел е доста динамичен и атрактивен – свој удел тука има и тоа што станува збор за спортската верзија Sportline, па затоа предниот браник е малку подинамичен со црни украсни елементи во долниот дел. Дополнително, маската тука добива исто така црна завршница, а таа е и извор на уште поголем интерес за околината кога ќе се стемни. Поточно, станува збор за опционалната „Crystal Face“ маска со 131 диоди што емитуваат светлина. Врз основа на светлосниот потпис, електричниот автомобил на Škoda може многу лесно да се препознае од далечина во темница. Маската изгледа навистина имресивно, но е малку контроверзна. На голем дел од луѓето им се допаѓа, но има и голем дел на кои им пречи поради што навистина привлекува огромно внимание каде и да поминете – а одредени луѓе едноставно не сакаат да привлекуваат внимание. Инаку, искуството со осветлувањето е дополнително засилено со моќните целосно LED Matrix фарови збогатени со прецизно функционална функција на засенчување на околните објекти. 

Најголемиот дел од интересните дизајнерски детали на Enyaq Coupe доаѓаат до израз кога се гледа од профилот. Атрактивната силуета на SUV-купето дава доста привлечен изглед. Јасните разлики меѓу обичниот Enyaq и Enyaq Coupe се појавуваат од B-столбот, бидејќи линијата на покривот почнува нежно да се наведнува и завршува со испакнатиот капак на багажникот. Релативно кратките настрешници на каросеријата уште повеќе го подобрија генерално динамичниот изглед на автомобилот. Дополнително, тест моделот е опремен со големи 21-инчни бандажи кои уште повеќе придонесуваат за спортскиот став на Enyaq. Автомобилот исто така изгледа исклучително привлечно и одзади. Во принцип, мазните пропорции на каросеријата со ефективно паѓачка линија на покривот се украсени со дискретен раб што се откинува на вратата од багажникот. 

Сумирано, ова решение беше потпишано и за подобра аеродинамика. Тестираниот примерок постигнува уште подобар коефициент на аеродинамичен отпор од неговиот сестрински SUV. Ова е надополнето со тесни LED светла кои прикажуваат интересна анимација, додека долниот дел од задниот браник е завршен во сјајна црна боја. Според мене, целата работа изгледа одлично, додека Coupe силуетата дава препознатливост на Enyaq. Кога би требало да бирам помеѓу Enyaq и Enyaq Coupe, без трошка двоумење би ја одбрал Coupe варијантата, која според мене е дефинитивно поатрактивна и подобро дизајнирана. Кога станува збор за димензиите, Enyaq и Enyaq Coupe се всушност сосема исти. Стандардната верзија е 4 милиметри подолга и 1 милиметар пониска, така што тоа се вредности кои не можат да се забележат на кој било начин. Enyaq Coupe е долг 4.653 мм, широк 1.879 мм, висок 1.617 мм и има меѓуоскино растојание од 2.765 мм.

На прв поглед можеби изгледа дека каросеријата на оваа Coupe изведба значи помалку простор во внатрешноста, но Skoda овде искористи многу паметно решение. Станува збор за панорамски покрив, благодарение на тоа заштедено е малку простор, па патниците на задните седишта имаат потполно ист простор како во обичната Skoda Enyaq, додека оние што седат напред имаат дополнителни 39 милиметри над главата. Вистина е дека панорамскиот покрив е прилично затемнет, па не може да се пожалам дека сонцето ми сметаше, но се сомневам дека внатрешноста може да стане прилично жешка во лето. За жал, нема ролетна која би можела да го покрие панорамскиот покрив, па мора да се навикнете на тоа.

Пред да одиме внатре, сакам да го пофалам новиот Enyaq Coupe за корисното и донекаде премиум решение во форма на пристап без клуч достапно на сите врати. Во исто време, возилото реагира со отклучување и по приближување до возилото. Електричниот погон се активира автоматски по притискање на педалата на сопирачката. Па не е потребно ниту вадење на клучот од џебот ниту притискање на копче за стартување – единствено само треба да ставите во D и тргате. Концептот на целата кабина е секако превземен од обичниот Enyaq SUV. Модерната архитектура се карактеризира со дизајнерски минимализам. Како силна страна на тестираниот примерок може да се пофали и прецизната завршна обработка и многу квалитетните материјали низ целата внатрешност. Дури би рекол дека ова е најквалитетниот и најпремиум модел на Skoda. Специјалната атмосфера во кабината тука е комплетирана благодарение на тоа што станува збор за Sportline верзија. Спортскиот акцент во форма на амблеми со истото име, темниот тапацир на покривот и металните педали се комплетирани со прекрасни спортски седишта во комбинација од алкантара и кожа, како и спортски волан со перфорирана кожа. 

На веќе споменатиот дизајнерски минимализам во пракса се повикува и малата инструмент табла пред возачот која користи екран од 5.3-инчи. И покрај висококвалитетната графика, возачот секогаш ги има достапни само најважните информации на овој екран. За разлика од другите браќа и сестри со класичен виртуелен кокпит, тука отсуствува и опцијата за поставување на распоредот на екранот, но парадоксално, мултифункционалниот волан е прилагоден на неговиот концепт на контрола. Од функционална страна, најмногу би го поздравил табот со податоци од патниот компјутер во таблата со инструменти или потрошувачката. Во случајот со моделот Enyaq, тие може да се гледаат само на централниот екран. Концептот на минималистичка инструмент табла од функционалната страна е компензиран со голем Head-up дисплеј, скриен зад ефективна лента за засенчување на контролната табла. Висококвалитетното прикажување на важни податоци за возење е надополнето со надградба во форма на проширена реалност која соработува со системите за помош и навигацијата. Повеќето од функциите на автомобилот се контролираат преку великодушно димензионираниот централен екран на допир од 13-инчи, како што се и очекува.

Инфозабавниот систем со својата филозофија или контролна логика ја копира околината веќе позната од еволутивно постарите модели на брендот. Прецизната графика со светли бои се заснова со брзи реакции на допир. За целокупната интуитивност на околината помагаат и прифатливо големите икони, кои се релативно лесни за допир додека возите. Пофалба заслужува и постојано присутната лента во долниот дел која овозможува брз пристап за регулација на температурата и брзо активирање на греењето на седиштата. Поконзервативно ориентираните корисници сигурно ќе го ценат присуството на контролна лента со класични копчиња. Освен што го покриваат активирањето на најважните функции, тие служат и како кратенки за табовите со климатизација, поставките на возилото или менувањето на режимот на возење. Покрај безжичната функција на модерното мобилно поврзување преку Apple CarPlay и Android Auto, го пофалувам и големиот екран, кој всушност не го попречува погледот од возилото, за висококвалитетната слика од задната паркинг камера. 

Во поглед на просторноста на вториот ред седишта, Enyaq Coupe нуди изнендувачки комфор и простор. Реално „воздушестиот“ концепт на ентериерот може удобно да смести повисоки возрасни патници во задниот дел. Достапниот простор за нозете и главата е навистина импресивен. Искуството на просторот овде уште повеќе го разубавува огромниот панорамски покрив, кој веќе е дел од стандардната опрема на тестираниот модел. На задните седишта има и посебно отвори за климата како и USB приклучоци. 

Enyaq Coupé изненадува и од практична гледна точка во однос на дарежливиот капацитет на багажниот простор. Лесно пристапниот багажни нуди волумен од 570 литри. Патем, ова е само 15 литри помалку отколку во случајот со традиционалниот Enyaq. Одличната ергономија со куки и други помагала за закотвување се прицврстени со големи кутии под подот. Покрај каблите за полнење, тука всушност може да се вклопат и широк спектар на други мали предмети. Традиционалната алатка на Škoda во форма на стругалка за мраз е скриена токму во петтата врата на автомобилот од разбирливи причини. По преклопувањето на поделените задни седишта, Enyaq Coupe може да носи дури и навистина големи предмети. Максималниот транспортен капацитет со речиси идеален рамен под достигнува 1610 литри.

Во однос на погонот, Coupe верзијата на Enyaq е достапна исклучиво со една батерија. Станува збор за нова батерија со капацитет од 82 kWh (77 kWh употребливи), нов е и електромоторот кој испорачува 285 коњски сили и 545 Nm вртежен момент. Во конкретниов случај силата се испраќа кон задните тркала (достапна е и верзија со погон на сите четири тркала) и сето тоа овозможува забрзување од 0 до 100 км/ч за 6.7 секунди и има максимална брзина електронски ограничена на 180 км/ч. Перформансите кои ги нуди автомобилот се многу повеќе од задоволителни, па дури и оние најпребирливите нема за што да се бунат тука – а ако се бунат, за нив достапна е и спортска RS верзија со 300 коњски сили. Интересната работа со електричните автомобили е инстантната реакција на педалот за гас, а кога под десната нога имате „електрични“ 285 коњски сили, верувајте, забрзувањата се навистина импресивни. 

Сега за она најважното – колку километри може да помине Enyaq Coupe со полна батерија? Она што е важно да се напомене е дека Coupe изведбата има малку помал коефициент на отпор на воздух, а  благодарение на тоа досегот е малку поголем отколку во обичната изведба. Според официјалните податоци од Skoda, со полна батерија може да се поминат до 565 километри, но како и кај сите други електрични автомобили, реалниот досег е помал од тоа. Интересното е тоа што кај овој автомобил таа разлика од официјалниот деклариран досег и реалниот досег не е до толку голема. Во текот на неколку дневното возење на Enyaq Coupe тестирав неколку различни услови на возење – рута која е исклучуво во град и тоа по најфрекфентните улици во Скопје. Првиот пат со вклучен клима уред, вклучено греење на седишта и без премногу пазење и штедење на автомобилот, а вториот пат со исклучен клима уред, исклучено греење на седишта и нормално „порелаксирано“ возење. Искрено, разликите се изненадувачки. Првиот пат, просечната потрошувачка изнесуваше околу 19-20 kWh – што со оглед на големината на автомобилот и не е толку лошо. Но, вториот пат со исклучена клима и понормално возење, потрошувачката „падна“ на 15.5-16 kWh. Што значи дека доколку се вози попретпазливо и без вклучен клима уред, во градски услови може да се поминат и нешто повеќе од 500 километри – а тоа е одлична бројка. Во спротивно, доколку се вози без претпазливост и со вклучен клима уред, грееење на седишта и други работи „кои би ја трошеле побрзо батерија“ би можело да се поминат нешто ситно над 400 километри – што повторно, не е воопшто лоша бројка. 

Традиционално, на автопат ситуацијата со досегот се менува значително, доколку се вози по пропишаните брзини – односно 120-130 км/ч, со полна батерија ќе може да се поминат околу 350 километри. Доколку сакате да возите побрзо од ова, досегот драстично се намалува бидејќи на брзини од над 140 км/ч потрошувачката се качува на 24-26 kWh. Сепак, треба да се земе во предвид дека во сето ова голема улога имаат и временските услови и пневматиците и ветерот. Кога станува збор за полнење, Enyaq Coupe има максималната моќност на полнење со наизменична струја (AC) od 11 kW, додека на брз полнач со еднонасочна струја (DC) можеме да полниме со моќност до 135 kW – на ваков полнач, на батеријате и се потребни нешто под 30 минути за да се наполни од 10 до 80%. 

Каков е Enyaq Coupe зад воланот? – како и секоја друга Skoda, главниот збор го има комфорот и генерално е многу лесен автомобил за возење кој воопшто не ве замара и не се преправа дека е нешто што не е. Тестираниот модел поради тоа што е Sportline верзијата добива малку пониска и потврда суспензија, плус дополнително е опремен и со 21-инчни тркала, а додавајќи ја и тежината од преку 2 тони на сето ова, првата работа што ќе ви падне на памет е дека автомобилот е тотално некомфорен. И јас го помислив истото, но после неколку дена поминати со Enyaq Coupe можам да потврдам дека ситуацијата е тотално обратна од тоа. Во град, автомобилот успева доста успешно да ги исфилтрира сите дупки и нерамнини на улиците без да има гласни удари и бучава во кабината. Нормално, возењето не е како „на облак“, големита тркала и нископрофилните пневматици си го прават своето, но и покрај тоа успева да понуди доста удобно и рафинирано возење. За лесното возење во град свој удел има и одличната прегледност, како и лесниот волан кој е со прогресивно серво – при мали брзини е ултра лесен, додека на поголеми брзини се укрутува и станува попрецизен. 

Надвор од градот, на автопатски брзини Enyaq Coupe исто така изненадува со способноста на шасијата. Покрај тоа, електричниот автомобил останува пријатно тивок, понекогаш може да се слушне бучава од тркалата или аеродинамичен шум, но генерално возењето е многу префинето. Многу ме интересираше како ќе се однесува овој голем и тежок SUV кога сакате да го извлечете максимумот од него. Пред се, морам да кажам дека е малку чудно искуство, бидејќи на безшумниот и постојано „спремен“ мотор му недостига нешто што веројатно би го опишале како карактер. Во електричен автомобил понекогаш се чувствувате како да сте во игра или дека возите од далечина. Едноставно е поинаку, чудно. Но, нема збор за тоа дека нема да уживате – секако, уживањето е тивко и понекогаш проследено со „пискави“ звуци од пневматиците. 

Enyaq Coupe навистина ме изненади. Благодарение на батеријата која е сместана во подот, тој е убаво избалансиран и пријатно притиснат на патот. Благодарение на ова, тој е стабилен, не се навалува претерано и е строго неутрален. Во ова помага и погонот на задните тркала, на автомобилот му дава чувство дека некој одзади го турка на вистинската патека. Во Sport режимот, воланот станува доста поцврст, педалата за гас значително пореспонзивна и тешкото тело многу малку се навалува во свиоците и им дозволува на тркалата само да ја следат површината на нерамнините, без нивно отскокнување. Резултатот е однесување кое овозможува изненадувачки брзо и сигурно поминување низ свиоците. Имам само две мали резервации. Масивниот и тежок теренец премногу се потпира на интервенции за стабилизација, што е и очекувано, но според мене интервенира премногу често и пребрзо. Често се случува  поради ова да не може да се искористи моќта на електромоторот и предностите на погонот на задните тркала при излегување од свиокот. Втората мала критика се однесува на сопирачките, кои се доволни по ефект, но работењето на педалата е малку чудно и бара привикнување. 

ГАЛЕРИЈА ОД ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ 

Почетната цена за Skoda Enyaq Coupe 85 изнесува 55.620 евра.

Цената на тестираниот модел Skoda Enyaq Coupe 85 Sportline изнесува 66.300 евра.

Повеќе информации за автомобилот може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Skoda. 

ЗАКЛУЧОК
Skoda Enyaq Coupe не ја губи практичноста, просторноста и универзалноста, а нуди и многу поатрактивна силуета. Автомобилот е удобен и пријатен за возење, во внатрешноста лесно може да се смести четиричлено семејство, а може да се стават и многу работи во багажникот. Покрај тоа, електричниот погон обезбедува неверојатна флексибилност, па сè што треба да направите е да притиснете на педалата за гас малку посилно за да ги оставите речиси сите автомобили со класичен мотор далеку зад себе.
Дизајн/атрактивност
Пространа внатрешност
Возни карактеристики
Добар реален досег со полна батерија
Контролата на некои функции е само преку централниот екран
Потрошувачка на автопат
Достапна е само една батерија
4.5