Seat Arona

Seat Arona е вториот SUV модел на Seat и воедно најмалиот во гамата. За прв пат беше претставен во 2017 година, баш во периодот кога продажбата на вакви мали кросовер модели почна драстично да се зголемува. Arona е базирана на малата Ibiza и ја користи истата MQB A0 платформа на VW групацијата. Името го добива по една мала општина во Тенерифе, а Seat се познати по тоа што своите модели ги именуваат по градови и места во Шпанија.
Должината на возилото изнесува 4,138mm, ширината 1,780мм, висината 1,552мм и меѓуоскиното растојание е 2,566мм.

Реално гледано на работите, ваков тип на возила купуваат помладите купувачи, а на повеќето од нив клучен фактор при изборот на автомобил им е надворешниот и внатрешниот дизајн. Возилото треба да биде инретересно и тренди и да има нешто по што ќе се разликува од другите возила на улица. Според мене, сите вакви модели кои се достапни на пазарот изгледаат кул на свој начин. Кога станува збор за Seat Arona, изгледа баш како што треба и го има дизајнот што го бараат купувачите. Надворешниот дизајн е тренди и доста впечатлив. Има некои дизајнерски детали кои се превземени од Ibiza, но сепак изгледа различно благодарение на црните пластики околу крилата и уште некои други делови кои даваат до знаење дека се работи за SUV модел.
Достапни се четири нивоа на опременост- Reference, Style, Xcellence и FR.
Тестираниот модел беше во врвното Xcellence ниво на опрема и во оваа „Mystic Magenta” боја во комбинација со контрастниот сив покрив и 18-инчните бандажи изгледа доста „fancy”.

Ентериерот во Arona е скоро идентичен како тој во Ibiza. Сите контроли и копчиња кои се пред Вас се логично поставени и се лесни за ракување при возење. Целата кабина има убав и спортски дизајн, а по тоа се и препознатливи моделите на Seat. Тест моделот ја немаше дигиталната инструмент табла, но сега во Xcellence и FR нивоата ја добивате како стандард. Материјалите се океј, но има доста места кои што се потврди на допир. Во Xcellence и FR моделите добивате дел од шал таблата која е со кожа и Xcellence моделите имаат бел, а FR моделите имаат црвен „stitching” на воланот, седиштата и на уште некои други делови во кабината. Ми се допаѓаат и спортските седишта кои се во комбинација на алкантара и кожа, удобни се и убаво ве држат во кривини. Стандардно добивате 6.5-инчен Infotainment дисплеј, но во повисоките нивоа се добива поголем 8-инчен дисплеј и како стандард доаѓа со поддршка за Apple CarPlay и AndroidAuto, како и вграден навигациски систем. Графиката е одлична, работи брзо и има многу добар и лесен интерфејс- еден од најдобрите системи во класата. Стандардниот аудио систем е со 6 звучника и има навистина добар и чист звук, доколку ова не ви е доволно како опција достапен е Beats аудио систем со моќност од 300W.

Arona е едно од попросторните возила во оваа класа кога станува збор за тоа колку место има на задните седишта. Двајца патници од 190cm ќе можат удобно да седат и притоа да имаат доволно место за главата и нозете. За тројца патници не е баш идеално бидејќи тунелот во средина е малку повисок и нема доволно место за нозете, исто така треба да се земе во предвид дека сепак се работи за помало возило и тројцата патници ќе се чувствуваат стиснати. Багажникот располага со 400 литри што е повеќе од некои конкурентни модели. Под кој се подесува по висина добиваат сите модели и кога е во најгорната позиција подот е комплетно рамен, а тоа го олеснува ставањето и вадењето на потешки работи. Задни седишта кои се спуштаат (60:40) се стандард и кога ќе ги спуштите добивате 1,280 литри багажен простор.

Seat Аrona е достапна со три бензински и еден дизел мотор. Кај бензинците понудата започнува со 1.0-литарскиот TSI кој има 95 коњски сили, а истиот овој мотор е достапен и со 115 коњски сили. Најмоќниот бензинец е 1.5-литарскиот TSI со 150 коњски сили и овој мотор е достапен само во FR нивото. Дизелот е 1.6 TDI со 95 коњски сили. Стандардно сите мотори доаѓаат со мануелен менувач, а автоматски 7-степен менувач е достапен само кај 1.6 TDI и 1.0 TSI 115. Тестираниот модел беше опремен со 1.6 TDI дизел мотор со 115 коњски сили и 250Nm вртежен момент. Има одлични перформанси и ниска потрошувачка. Мојата просечна потрошувачка во градски услови на возење изнесуваше околу 6.5 литри на 100 изминати километри. Меѓутоа, овој мотор со 115 коњски сили не е веќе достапен и во замена на него сега е истиот 1.6 TDI, но со 95 коњски сили. Според мене, ако не возите повеќе од 10.000 километри годишно поевтина и подобра опција би бил 1.0 турбо бензинецот со 115 коњски сили. Овој мотор го возев на новата Skoda Scala и има навистина одлични перформанси-агилен и економичен. А овие две возила ја користат истата платформа и имаат слична тежина. Така што, би бил идеален и за Seat Arona.

Што вклучува стандардната опрема во Xcellence нивото?- Front assist ‐ Асистент при ризик од фронтален судар, Park assist, предни и задни паркинг сензори, задна паркинг камера, автоматски клима уред, мултифункционален кожен управувач, Keyless клуч, Full LED предни светла, LED задни светла, амбиентално осветлување, 8-инчен infotainment дисплеј со вграден навигациски систем и Mirror Link поврзување, безжично полнење на вашиот телефон, греење на предни седишта, детекција на замор, адаптивен темпомат, 16-инчни алуминиумски бандажи и многу друго…

Во Arona седите малку повисоко споредено со Ibiza, но во некои други модели од оваа класа седењето е уште повисоко и го имате тоа SUV чувство. Возењето низ градските улици е доста лесно благодарение на одличната прегледност, а паркирањето во тесни места го олеснуваат паркинг сензорите и задната камера. За оние кои не сакаат да се мачат при паркирање, Xcellence и FR моделите доаѓаат стандардно со Park Assist што значи Arona може и сама да се паркира. Воланот е лесен и многу прецизен, а исто така добивате и доста повратни информации. Кога станува збор за удобност, Seat се познати по тоа што имаат малку потврда суспензија, но Arona одлично ги впива сите дупки и нерамнини на улиците и покрај 18-инчните бандажи што ги имаше тестираниот модел во ниеден случај возењето не е “претврдо”. Доколку сте љубител на подинамично возење, FR моделите имаат малку потврда суспензија, а тоа резултира со повеќе стабилност во кривини. На отворен пат, возењето во Arona е релаксирано и удобно, единствената замерка која ја имам е изолацијата. На брзини од 120-130 км/ч внатре се слуша мала бучава која генерално доаѓа од ретровизорите и тркалата. Друга работа која е за пофалба и ќе ви го олесни патувањето на подолги релации е адаптивниот темпомат кој е стандард во повисоките нивоа на опременост и на Вас останува само да го држите управувачот, а возилото автоматски кочи и забрзува кога е потребно. Сигурно Ве интересира и тоа како се однесува Seat Arona при динамично возење и дали има големо навалување во кривини. Со оглед на тоа дека зборуваме за модел на Seat, а Seat се познати по спортското возење, навалувањето во кривини дури и на поголеми брзини е сведено на минимум и Arona е едно од позабавните возила во оваа класа. Ме изненади тоа што и покрај повисоката суспензија, Arona вози многу слично со Ibiza, доста агилна и стабилна во кривини.

Почетната цена на Seat Arona 1.0 TSI 95 Reference изнесува 16.035€.

Цената на тестираниот модел Seat Arona 1.6 TDI 115 Xcellence изнесува 21.500€.

Повеќе информации за возилото може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Seat!

ГАЛЕРИЈА

Виктор Чемерикиќ

Виктор Чемерикиќ

Љубител на автомобили уште од 1997, основач на вебсајтот ”CarsByVik” и професионален автомобилски фотограф.

Остави коментар