Познатиот автомобилски бренд MG после долги години сега е повторно достапен на европскиот пазар, но овој пат брендот го води кинеската компанија SAIC Motor, кој воедно е седми по големина производител на автомобили во светот. MG неодамна започна со продажба и на македонскиот пазар, каде што сега за сега во понудата се достапни два SUV модели. Овој пат на тест го имам помалиот SUV, односно моделот ZS, опремен со основниот бензински мотор. Па ајде да видиме што може да понуди овој автомобил, кој воедно припаѓа во еден од најпопуларните сегменти моментално.
Моделот ZS се продава од 2017 година, но под неколку различни имиња (во зависност од пазарот), а во 2020 години го доби и своето освежување за да биде во тек со конкуренцијата. Станува збор за SUV со должина од 4.323 милиметри, ширина од 1.809 милиметри, висина од 1.653 милиметри и меѓуоскино растојание од 2585 милиметри, односно припаѓа во компактната SUV класа. На прв поглед, дизајнот на MG ZS изгледа познато. Инспирацијата за дизајнот од други познати автомобилски брендови е очигледна, но ZS не изгледа воопшто лошо. Дизајнот е модерен и европски, целокупната форма на каросеријата е во класичен компактен SUV стил. Дизајнерите навистина успеале добро да ја усогласат целата работа, а благиот впечаток дека некои детали од дизајнот можеби веќе ги познавате може да работи во негова корист. Голем дел од луѓето не сакаат драстично нови работи, но тука немаат за што да се грижат. Автомобилот изгледа „нормално“ и пристојно, но сепак привлекува внимание. Во текот на тестирањето каде и да поминев луѓето од страна заинтересирано го гледаа автомобилот и прашуваа за што станува збор. И генерално импресиите беа позитивни, како што и споменав погоре, на голем дел од луѓето им се допаѓаат нормални и некомплексни работи, а таквиот дизајн е еден од предностите на ZS.
Тестираниот модел е во второто Exclusive ниво на опременост и стандардната опрема која се добива е доста богата. Добивате Bi-LED предни светла, LED задни светла, 17-инчни алуминиумски бандажи, задни паркинг сензори, седишта обложени во еко-кожа, дигитална инструмент табла, електрично подесиви и загревани странични ретровизори, 10.1-инчен инфозабавен систем и многу друго…
Кога ќе седнете внатре во MG ZS, повторно ќе почувствувате одредена блискост и познати елементи, но она што највеќе импресионира е квалитетот на материјалите кои се искористени. Кога ќе се спомне дека некој автомобил доаѓа од Кина, голем дел од луѓето одма мислат дека квалитетот на материјалите е „слаб“, во ZS приказната е сосема различна. Дури би рекол дека кабината е за нијанса подобра од некои други конкурентни модели кои имаат доста повисока цена. Контролната табла е добро дизајнирана и сите контроли се онаму каде што треба да бидат, односно ракувањето со функциите на автомобилот е лесно и едноставно.
Тестираниот модел стандардно е опремен и со седишта кои се обвиени во еко-кожа, седењето е удобно и нудат релативно добра странична поддршка. Она што малку ме изненади е тоа што воланот може да се подеси само по висина, но не и по длабочина – чудно…Инаку пред возачот се наоѓа дигитална инструмент табла на која се прикажуваат сите битни информации околу возењето и системите. Приказот не може да се менува, туку може само да одберете што да се прикажува во централниот дел на инструмент таблата, пример, информации околу потрошувачката, брзината, притисокот во пневматиците, аудио информации и слично. Одиме на централната конзола, тука, сите верзии на MG ZS добиваат 10.1-инчен екран за инфозабавниот систем кој поддржува поврзување преку Bluetooth и преку Apple CarPlay и Android Auto, но за втората опција мора да употребите кабел. Второто ниво во кое што е и тест моделот, стандардно добива и вградена навигација која искрено не е баш најдобра. Работата со системот е прилично едноставна, не е премногу комплицирана и се обидува да изгледа модерно, но реалноста е дека изгледа застарено и не толку импресивно. Понекогаш знае и малку да закочи и целиот процес да трае бавно, исто така би сакал и некои функции да се контролираат на многу поедноставен начин, на пример, информациите за температурата на климата (не се прикажуваат степени, само обоени коцки) не би морале да се прикажуваат на целиот екран и на тој начин да ја блокираат навигацијата. Но ајде, за пофалба е тоа што основните функции за климатизација може да се ракуваат со практични физички копчиња поставени под екранот и не мора секогаш да „чепкате“ низ инфозабавниот систем. Инаку, внатрешноста е пријатна и разумно пространа, но за одредени работи (читај инфозабавниот систем) мораше да се направат отстапки во обид да се задржи цената на ниско ниво.
Што се однесува до пространоста, ZS тука добива плус поени. На задните седишта има сосема доволно простор во однос на класата во која припаѓа, како и за нозете така и за главата. Двајца патници ќе може комотно да се сместат и за подолги патувања, додека за тројца патници станува малку тесно, особено во делот за нозете. Инаку, задните патници добиваат и мала остава во централниот тунел, како и два USB портови.
Багажникот нуди капацитет од многу добри 448 литри, а оваа верзија вклучува и двоен под кој се прилагодува во две позиции. Во горната положба, кога задните седишта кои се поделени во сооднос 60:40 се преклопени надолу, се создава комплетно рамна површина во багажникот. Во оваа конфигурација, на располагање се достапни 1375 литри багажен капацитет.
MG ZS е достапен со два погони, од кои и двата се бензински и мануелен или автоматски менувач. Додека погонот е секогаш само на предните тркала. Поточно, може да одберете помеѓу 1.5-литарски атмосферски мотор со 106 коњски сили или пак 1.0-литарски T-GDi турбо мотор со 111 коњски сили.
Тестираниот модел е придвижуван од основниот мотор, односно 1.5-литарскиот VTi четирцилиндричен атмосферец. Овој мотор испорачува 106 коњски сили при 6000 вртежи во минута и 141 Nm вртежен момент при 4500 вртежи во минута. Силата се пренесува на предните тркала преку 5-степен мануелен менувач. Забрзувањето од 0 до 100 км/ч трае 10.9 секунди, додека максималната брзина која може да ја постигне е 175 км/ч. Моторот импресионира со својата рафинирана работа. И покрај релативно краткиот менувач, во кабината нема пренагласена бучава. Дури и при брзини од 130 км/ч, моторот е тивок и работи на 3500 вртежи во минута. На ниски вртежи, успешно ги изолира сите звуци и вибрации, но во такви ситуации ја нема сета динамика. Од 1500 вртежи во минута, полека почнува да се буди и продолжува во слична насока до 3000 вртежи. Забележливото влечење доаѓа само кај 3500 вртежи и го достигнува врвот некаде околу 4000 вртежи. Ова во превод значи дека ако сакате колку толку добри перформанси не треба да ја тргнете раката од менувачот. Работењето на самиот менувач не е толку лошо, но патеките на брзините се малку чудни во споредба со други модели. Потрошувачката во градски услови на возење се движи некаде околу 8 литри на 100 изминати километри, ако сте повнимателни со педалата за гас може и да се намали, но ако постојано сакате да го влечете максимумот од моторот таа може да достигне и до 10 литри. На отворен пат, со возење по прописи очекувајте потрошувачка која се движи од 6.5 до 7 литри.
MG ZS изгледа интересно однадвор и одвнатре, има богата опрема и нуди многу простор. Во сите споменати точки присутни се неколку слабости, но ниту една од нив нема максимално да ве „изервира“. Па, како вози ZS? На ист начин, односно со одредена резерва. Удобноста на шасијата и суспензијата е многу пријатно изненадување. Ова еден од оние идеални автомобили за нашите патишта. ZS успева доста добро да ги филтрира нерамнините, да, на некои поголеми дупки се слушаат удари, но не се чувствуваат во кабината. Од друга страна, веројатно никогаш нема да станете шампион во кружни трки со овој автомобил, но тоа и не е неговата цел. Поради зголеменото растојание од подлогата, во свиоци присутно е малку понагласено навалување, но мора да се направат некои компромиси. Комбинацијата од удобна суспензија и релативно добра звучна изолација е добро споена, а со MG ZS ќе се чувствувате најдобро при мирни и опуштени движења. Во градски услови, ова е многу лесен автомобил за возење, тука свој удел има и одличната прегледност, сепак за да извлечете максимум перформани бара честа работа со менувачот. А што се однесува до управувањето, не добивате многу повратни информации, но тоа е чест случај овие денови со сите нови автомобили. Сепак, неговата моќ и прецизност се добро усогласени со целокупното поставување на автомобилот. Исто така, MG ZS е веќе опремен стандардно не само со помош за стартување на нагорнина (HHC), туку и со систем за спуштање по стрмни ридови (HDC). Накратко, моделот ZS не е теренец, но не се ни труди да се преправа во нешто такво.
Почетната цена на MG ZS Excite 1.5 VTi изнесува 19.400 евра.
Цената на тестираниот модел MG ZS Exclusive 1.5 VTi изнесува 21.100 евра.
За повеќе информации околу автомобилот посетете го продажниот салон на MG кој се наоѓа во комплексот на Ми-Да Гранд Моторс.
ГАЛЕРИЈА ОД ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ


















