За прв пат до сега, имав прилика да поминам неколку дена зад воланот на автомобил кој доаѓа од Индија. Всушност, станува збор за еден нов компактен теренец на Mahindra кој го носи името KUV100 NXT. Mahindra е доста познат бренд во светот кој постои повеќе од 75 години, а произведува земјоделски машини, комерцијални возила и секако патнички возила. Исто така, Mahindra не е нов бренд на македонскиот пазар. Во понудата на македонскиот импортер веќе со години се нудат познатите комерцијални модели на брендот, како и други SUV модели, а од неодамна понудата е проширена со урбаниот компактен теренец KUV100 NXT за кој и ќе зборуваме денес.
Ваквите урбани компактни кросовери се повеќе и повеќе се популарни особено кај помладите купувачи, па затоа не е ни чудо што Mahindra се одлучиле да направат автомобил токму од овој сегмент. Инаку, името KUV100 е всушност кратенка од „Kool Utility Vehicle“. Надворешниот дизајн на возилото со еден збор може да се опише како поларизирачки – има луѓе на кои им се допаѓа, а има исто толку луѓе на кои не им се допаѓа воопшто. Факт е дека KUV100 не е најмодерниот автомобил на пазарот, но има доста тренди детали кои го прават релативно модерен. После кратко време од претставувањето на овој модел, Mahindra направи мали промени и на надворешноста и на внатрешноста. На предниот дел е поставена нова маска за ладилникот која доаѓа со нов дизајн, додека вниманието го привлекуваат големите фарови кој се со LED дневни светла. Предниот браник исто така е ревидиран и сега се интегрирани нови светла за магла. На задниот дел е поставен ревидиран браник и нови задни светла кои имаат доста интересен дизајн. За визуелно да се даде до знаење дека ова е кросовер модел, по целото возило се поставени црни заштитни пластики кои придонесуваат за поатрактивен изглед. Гледан од страна KUV100 изгледа малку чудно, но во исто време поради двобојната каросерија со црн покрив која е достапна како опција изгледа доста модерно, а оваа врвна изведба доаѓа и со 15-инчни алуминиумски двобојни бандажи.
Ентериерот е практичен и доволно просторен со оглед на големината на автомобилот. Дизајнот е едноставен, но не е баш модерен. Материјалите кои се искористени за кабината на прв поглед изгледаат сосема океј, да скоро сите места се со потврда пластика, но генереално се тоа е убаво склопено. Горниот дел од шалт таблата е со имитација од карбон, а голем дел од другите елементи се во Piano Black. Воланот е со едноставен дизајн и на левата страна се поставени контролите за инфозабавниот систем. Пред возачот се наоѓа конвенционална аналогна инструмент табла со мал дисплеј во средина. Одиме на централната конзола, а таму е поставен 7-инчен дисплеј за инфозабавниот систем. Графиката не е ништо посебно, но е океј, менито е едноставно и респонзивноста е на солидно ниво. Бидејќи тест моделот беше во највисокото ниво на опременост, инфозабавниот систем дојде и со вграден навигациски систем. Она што е интересно за кабината и она што привлекува највеќе внимание кога ќе ја отворите вратата е позицијата на која е поставен менувачот, а тоа е на горниот дел од централната конзола. Се ова придонесува за полесно и поедноставно користење на менувачот бидејќи е одма „при рака“. До менувачот се наоѓаат контролите за клима уредот кои се веднаш разбирливи, а поради тоа што скоро за сите функции има физички копчиња, ергономијата е на доста солидно ниво. Предните седишта нудат одлична просторност и направени се од многу мек материјал што придонесува за удобно и комфорно седење на подолги патувања.
Поради компактните димензии очекував задните седишта да бидат тесни и да нема доволно простор, но не е така. KUV100 нуди доволно простор за нозете како и за главата, секако за луѓе кои имаат просечна висина. Двајца патници ќе седат сосема удобно, а иако во средината нема голем тунел не би препорачал сместување на тројца патници, поготово не за некои подолги релации. Во багажникот на располагање се достапни само 243 литри, што навестува дека ова е автомобил кој е наменет за градска употреба. Со спуштање на задните седишта се добива капацитет од 473 литри, но поради малиот и не толку практичен отвор, ставањето и вадењето на поголеми работи не е баш лесно.
Под хаубата на тестираниот модел се наоѓа 1.2-литарски трицилиндарски атмосферски бензински мотор кој располага со 87 коњски сили и 115 Nm вртежен момент достапен од 3500 до 4800 вртежи во минута. Силата се пренесува на предните тркала преку 5-степен мануелен менувач. Моторот има доста пристојна моќност и е одличен за секојдневното градско возење. Сепак, во одредени ситуации во кабината се чувствуваат понагласени вибрации, а тоа е обично при ниски вртежи на моторот кога чекате на црвено светло. Менувачот има одлични степени на пренос и е многу лесен за користење, а тоа е доста важна работа за возило кое голем дел од времето ќе го помине во градски услови. Мерењето на просечна потрошувачка е малку различно од она на кое што сме навикнати и информациите се прикажуваат така што ви кажуваат колку километри може да поминете со еден литар гориво. Во неколку дневното тестирање бројката која ја забележав беше од 11 до 12 километри со еден литар гориво, во превод тоа е од 8 до 9 литри гориво на 100 изминати километри. Исто така, во KUV100 може да вградите и плински уред што придонесува за уште поекономично возење. На голем дел од купувачите оваа информација верувам дека нема да им биде толку важна, но забрзувањето од 0 до 100 км/ч трае 14.5 секунди, додека максималната брзина изнесува 160 км/ч.
Тестираниот модел е во највисокото ниво на опременост, а стандардната опрема која ја добивате вклучува – Задни паркинг сензори, 15-инчни алуминиумски бандажи, двобојна каросерија, 7-инчен дисплеј за инфозабавниот систем со вграден навигациски систем, Hill Descent систем, keyless отклучување/заклучување и стартување на возилото, мануелен клима уред и многу друго…
Какво е чувството зад воланот на овој несекојдневен автомобил? – има повисоко растојание од земјата, направен е од индиска компанија, а тоа е еднакво на „Body roll“. Mahindra KUV100 има кратко меѓуоскино растојание наспроти својата висина. Оттука, суспензијата ќе мора да биде покрута, а ова придонесува за подобра управливост. Но, генерално суспензијата убаво ги филтрира дупките и нерамнините, а вибрации и удари се чувствуваат само кога поминувате низ некои поголеми и подлабоки дупки. Поради добрата прегледност и повисоката седечка позиција, возењето во градски услови е навистина лесно и комфорно, плус ќе може да го паркирате и во најтесните места, а во тие ситуации тука се паркинг сензорите да ви помогнат. Предмалку споменав „Body roll“, а да бидеме реални тоа е и сосема очекувано. Во свиоци навалувањето е поизразено, но од друга страна нуди сосема прифатлива стабилност. Па затоа, ова е идеалниот автомобил за секојдневна употреба во градот. Но што кога ќе сакате да одите на некое подолго патување што вклучува возење на автопат? – При брзини од над 120 км/ч во кабината станува релативно бучно, а таа бучава доаѓа од моторот и од не толку добрата изолација. Исто така, во овие ситуации доаѓа до израз тоа што менувачот има само пет брзини и фали таа шестта брзина за моторот да работи потивко. Поради поголемиот клиренс, со KUV100 ќе може да возите и на некој лајт off-road пат каде што нуди сосема респектабилни возни карактеристики…
ГАЛЕРИЈА ОД ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ
Промотивната цена на Mahindra KUV100 NXT K6 изнесува 9.990 евра.
Промотивната цена на тестираниот модел Mahindra KUV100 NXT K8 изнесува 11.990 евра.
За повеќе информации околу возилото посетете го продажниот салон на BD Interkar.























