ТЕСТ: Land Rover Discovery Sport D150 S AWD MHEV

Land Rover за прв пат го претстави Discovery Sport во 2015 година, а ова е „основниот“ модел во гамата на Land Rover. Воедно, Discovery Sport е доста успешен модел, доказ за тоа е што и после 5 години од лансирањето ова е најпродаваниот модел на Land Rover. Па затоа, дојде време за мало (кое не е баш мало) освежување. Новиот модел доби подобрена внатрешност, помоќни мотори, минимално променет надворешен изглед, нова платформа и секако електрификација на сите мотори. Дали сите овие промени придонесоа за поголем удел во борбата со другите модели од луксузната SUV класа? – Прочитајте го тестот за да дознаете.

Како и сè друго, терминот „фејслифт“ е релативен. Некои брендови ги менуваат само светлата и браникот и одеднаш тоа е нов автомобил. Во други случаеви, тоа оди многу подлабоко од само едно обично дотерување. Токму освежениот Discovery Sport е еден таков случај, што реално гледано повеќе претставува нова генерација отколку фејслифт модел. На прв поглед, надворешноста во голема мера останува слична како и претходно. Поставени се нови редизајнирани браници, нови full LED светла напред и назад кои се со динамички трепкачи, нови бандажи и уште неколку естетски дотерувања кои го прават да изгледа помодерно од претходно. Ова се работи кои се регуларни кај секој фејслифт автомобил. Но, она што не е регуларно за еден фејслифт модел е целосно менување на платформата на автомобилот…а токму тоа го направи Land Rover за Discovery Sport. Инаку, платформата и голем дел од технологиите се превземени од новиот Range Rover Evoque. Сѐ ова е направено само поради една причина – електрификација. Оваа целосно нова платформа дозволува да бидат поставени батерии и електромотори, па затоа сите достапни мотори сега се со mild-hybrid технологија. Но, промените не застануваат тука, освен новата платформа направени се и низа други подобрувања – поставена е нова предна оска со хидраулична блокада и полесни алуминиумски држачи, исто така модифицирана е и задната независна суспензија за да се добие што е можно подобро и порафинирано возење.

Ако надворешноста е со минимални промени споредбено со претходникот, истото тоа не важи за внатрешноста. Новиот модел добива драстично променета и многу пософистицирана кабина, а голем дел од елементите се превземени од новиот Range Rover Evoque. Иако станува збор за „основниот“ модел, кабината е со висок степен на луксузност, каде и да допрете сите материјали се со врвен квалитет. Пред возачот е поставена нова целосно дигитална инструмент табла од 12-инчи која може да ја конфигурирате баш како што сакате, а единствената замерка која ја имам е тоа што респонзивноста не е баш најдобра и понекогаш треба малку повеќе време за да го прикаже тоа што сте го одбрале. Централната конзола е со чист дизајн и таму се наоѓа новиот Touch Pro инфозабавен систем на JLR кој е огромно подобрување во споредба со стариот систем. Она што не може да се занемари е и тоа што Discovery Sport се збогуваше со не баш практичниот ротирачки селектор за трансмисијата и наместо тоа во централниот тунел сега е поставена класична рачка. Можеби не изгледа толку оригинално, но сега е поинтуитивно и може одма да погодите D, N, или R без да треба да гледате надолу… и за мене лично ергономски е доста подобро решение.

Претходно спомнав дека кабината е слична со онаа во Evoque, единствената разлика помеѓу овие два модела е токму централната конзола. Кај Discovery Sport поставен е само еден 10-инчен дисплеј преку кој се контролира инфозабавниот систем, но вториот дисплеј кој што го има кај Evoque тука е заменет со според мене многу поедноставно и поинтуитивно решение. И тука ќе ги најдете двете големи ротирачки тркалца преку кој се контролира температурата и јачината на клима уредот, греењето на седиштата, како и одбирање на некој од неколкуте достапни модови за возење. Другите копчиња што ги гледате се всушност осетливи на допир и служат за старт/стоп системот, traction control, hill descent, загревање на задното стакло и за климатизацијата. Можеби не изгледа до толку убаво како кај Evoque, но во пракса оваа поедноставна варијанта е многу подобра и појасна за користење. Кога станува збор за инфозабавниот систем, графиката е кристално чиста, целиот систем е доста респонзивен, додека менито не е меѓу наједноставните, но брзо ќе научите која функција каде се наоѓа. Морам да ги пофалам седиштата кои се премногу удобни и нудат одлина поддршка, тест моделот ги имаше опционалните кожни седишта кои се со електрично подесување во 14 насоки. Друга работа која премногу ме изненади е опционалниот Meridian аудио систем, има премногу добар и чист звук, како и одличен длабок bass. Ако сте голем љубител на музика дефинитивно треба да ја ставите оваа опција во вашата конфигурација.

Во однос на димензиите, новиот Discovery Sport речиси и да нема промени. Меѓуоскиното растојание остана исто, ширината е иста, а висината се зголеми за три милиметри, додека должината е зголемена за два милиметри. Во секој случај, внатре ќе најдете многу простор. Автомобили кои нудат трет ред седишта во оваа класа се навистина реткост, а Discovery Sport е еден од тие автомобили. Вториот ред седишта навистина нудат премногу простор, особено во надолжна насока – благодарение на тоа што добивате стандардни лизгачки задни седишта од 10 см. Британскиот теренец е исто така невообичаено широк, па затоа како дополнителна опција може да ставите трет ред седишта, но тие служат само за итни ситуации и релативно се наменети за помали деца. Ако сакате SUV со седум седишта и навистина употреблив трет ред, подобра опција би бил поголемиот Land Rover Discovery. Во нормална форма, багажникот нуди капацитет од 754 литри, откако ќе ги спуштите задните седишта, добивате скоро совршена рамна површина и волумен од 1651 литар.

Превземање на голем дел од технологија од Evoque значи дека присуството на мотори е исто и кај Discovery Sport. Поточно, во понудата се достапни само 2.0-литарски четирицилиндрични Ingenium мотори. Кај дизелите достапни се три верзии – D165, D200 и D240. Кај бензинците исто така на располагање се три верзии – P200, P250, P290. Бројката во ознаката е всушност со колку коњски сили располага моторот. Освен основниот дизел D165 во конфигурација со мануелен менувач, сите други мотори се со Mild-Hybrid технологија, 9-степен ZF автоматски менувач и погон на сите четири тркала. Исто така, од неодамна Discovery Sport е достапен и во Plug-In Hybrid изведба со ознака P300e и вкупната системска моќ изнесува 309 коњски сили.

Зошто моделот кој што го имав на тест е со ознака D150, а горе во наведените мотори пишав D165? – Тоа е така поради тоа што Land Rover ја освежи својата понуда на мотори за моделската 2021 година, а возилото кое го возев јас е моделска 2020 година, па сега на местото на D150 доаѓа D165. Но ајде да позборуваме за моторот кој што го имаше мојот тест автомобил. Како што веќе знаете под хаубата е 2.0-литарски дизел мотор кој располага со 150 коњски сили и 380 Nm вртежен момент кои се доволни за забрзување од 0 до 100 км/ч за 11.4 секудни и постигнување на максимална брзина од 190 км/ч. Првите впечатоци за скромниот мотор се целосно позитивни. Има одлична звучна изолација, работи практично без вибрации, но во исто време во некои ситуации недостасува малку повеќе моќ. Респонзивноста на педалата за гас не е воопшто лоша, а стартер-генераторот веднаш се уклучува и помага во забрзувањето. Овој мотор е одличен за возење во градски услови, на автопат е солиден и добро го повлекува автомобилот кој е скоро 2 тона, но во некои ситуации навистина е потребен малку помоќен мотор. Автоматскиот ZF менувач работи мазно и убаво, но приметив дека во одредени (ретки) моменти знае малку да се збуни и да размисли повеќе од стотинка за тоа што точно треба да направи. Ова најчесто се случува кога правите поостри команди со педалата за гас, но генерално менувачот е одличен и немам некои посериозни замерки. Мојата просечна потрошувачка во текот на неколку дневното возење изнесуваше од 9 до 10 литри на 100 изминати километри со возење во градски услови и на отворен пат, а кога ќе се земе габаритноста и тежината на возилото оваа потрошувачка не е воопшто лоша.

Land Rover Discovery Sport е достапен во четири нивоа на опременост – базично, S, SE и HSE. Освен кај првото ниво, кај сите други достапен е и R-Dynamic спортскиот пакет за поагресивен изглед. Тестираниот моделот беше во S нивото, а дел од стандардната опрема вклучува – LED предни светла, 17-инчни алуминиумски бандажи, двозонска клима, 10-инчен Touch Pro инфозабавен систем, lane keeping assist, предни и задни паркинг сензори, задна паркинг камера, дигитална инструмент табла и многу друго. Тест моделот дополнително беше опремен и со – black exterior пакет, амбиентално осветлување во неколку бои, премиум LED фарови, wireless полнење за мобилен телефон, кожни седишта со електрично подесување во 14 насоки, Meridian аудио систем, 18-инчни бандажи во црна боја…

Значи, Discovery Sport нуди многу простор внатре, има квалитетни материјали, одлична звучна изолација, рафиниран мотор и на ова може да додадеме и исклучително добра шасија. Новиот модел поради новата предна хидраулична суспензија, модифицираната задна мултилинк суспензија и ред други нови работи вози далеку подобро од својот претходник. Иако Discovery Sport нема, а и како опција не е достапна воздушна суспензија (за разлика од некои конкурентни модели), неочекувано добро се справува со сите нерамнини на патот. И не само на асфалтиран пат, туку и на земја, песок и секаков вид на off-road, а во кабината не се чувствуваат преголеми удари и вибрации. Шасијата го подвлекува фокусот на комфорни и мирни семејни патувања на подолги правци. Но, може да се справи и со поостро темпо, иако нема да го најдете Sport режимот во богатата палета на режими на возење, што е малку иронично бидејќи името на моделот е Discovery Sport…Да бидеме реални, таквиот режим би бил навистина бескорисен на крајот, имајќи го во предвид динамичниот потенцијал на автомобилот и особено тежината од скоро два тона. Благодарение на високата седечка позиција и релативно добрата прегледност, возењето во градски услови е лесно и едноставно, а тука се и паркинг сензорите и камерите кои уште повеќе ја олеснуваат целата работа. На отворен пат, Disco Sport е многу комфорен, рафиниран и всушност ова е идеален автомобил за долги патувања. Она што навистина го издвојува Discovery Sport од конкурентите е способноста за теренско (off-road) возење, па затоа возачот има доста “играчки” за таков тип на возење. Автомобилот е опремен со Terrain Response 2 системот, hill descent, off-road cruise control и многу други системи кои ви помагаат полесно да ги поминете сите препреки. Благодарение на растојанието од подлогата кое е 212 мм и можноста за возење во вода со длабочина од 600 мм, Discovery Sport лесно може да се справи со секаков вид на терен. Но, нешто ми кажува дека луѓето кои ќе го купат овој автомобил скоро никогаш нема да го искористат целиот потенцијал кој го нуди Discovery Sport, а ако отидат на некое off-road возење ќе го остават паметниот Terrain Response 2 систем во автоматски режим каде што самиот автомобил регулира сè, а на вас останува само да управувате со воланот.

Цената на тестираниот модел Land Rover Discovery Sport D150 S AWD MHEV изнесува 73.046 евра.

Повеќе информации за возилото може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Automobili Group.

ЗАКЛУЧОК
Land Rover Discovery Sport е многу практичен, лесен за возење, комфорен на автопат и доста способен надвор од патот. Иако во името го содржи зборот “Sport”, ова е SUV модел кој ги игнорира спортските способности и се фокусира на флексибилност и рафинираност. Во денешно време ретки се ваквите SUV возила што не пробуваат да бидат нешто што не треба.
Импресивен и квалитетен ентериер.
Простор на задните седишта.
Одлични теренски способности.
Рафиниран дизел мотор.
Просечна динамичност.
Понекогаш инфозабавниот систем е спор.
Не се достапни 3.0-литарски мотори.
4.5
More Stories
Lexus го освежи SUV моделот RX