ТЕСТ: Kia XCeed 1.5 T-GDi 160 Reference 1

Kia XCeed е веќе добро познат автомобил за мене – за прв пат го возев пред повеќе од една година во најопремената верзија со 1.4-литарски T-GDi мотор, вториот пат беше основната верзија со основниот 1.0-литарски T-GDi мотор и импресиите од двете верзии беа одлични. Верзијата која ја имав сега на тест беше во основното Reference 1 ниво на опременост со најновиот 1.5-литарски T-GDi мотор и 6-степен мануелен менувач. А главното прашање е дали токму овој мотор е идеалната опција за XCeed?

Во овој тест ќе зборуваме најпрво за моторот. Новиот 1.5-литарски четирицилиндарски T-GDi турбо-бензинец е од најновата „Smartstream“ генерација на мотори и е замена за стариот 1.4-литарски T-GDi мотор со 140 коњски сили. Новиот мотор располага со 160 коњски сили достапни при 5.500 вртежи во минута и 253 Nm вртежен момент достапен од 1.500 вртежи во минута. Силата ја пренесува на предните тркала и во овој случај преку 6-степен мануелен менувач (како опција е достапен и 7-степен DCT автоматски менувач). Забрзувањето од 0 до 100 км/ч го постигнува за рамно 9 секунди, а максималната брзина изнесува 208 км/ч. Во споредба со стариот 1.4-литарски мотор има доста очигледно подобрување, новиот мотор работи многу порафинирано и е доста пореспонзивен. Она што највеќе ме изненади за овој мотор беше економичноста, за време на неколку дневното тестирање измерив просечна потрошувачка која се движеше од 7 до 7.5 литри и тоа во градски услови на возење со нон-стоп уклучен клима-уред. На отворен пат без никаков проблем може да се стигне просечна потрошувачка која нема да биде поголема од 6 литри. Голем дел од купувачите на автомобили (барем во Македонија) сеуште мислат дека ваквите бензински мотори трошат премногу и дека поисплатлива опција би бил дизел мотор, но реалноста е сосема различна. Помина времето кога разликата во потрошувачка на бензински и дизел мотор беше екстремно голема, новите технологии што се вградуваат во бензинските мотори придонесуваат за намалена потрошувачка без да биде нарушена динамичноста и моќноста во возењето. Сега дојдовме и до прашањето дали ова е најидеалниот мотор за XCeed? – без размислување, дефинитивно да. Благодарение на одличните перформанси, економичноста и леснотијата со која што го задвижува автомобилот, ова е мотор кој ќе ги задоволи потребите на 99% од купувачите.

Трендот во последните неколку години е јасен, луѓето се повеќе бараат SUV и кросовер модели – дури и ако никогаш не го напуштаaт асфалтираниот пат со нив. Ако ги прашате за причините, најчесто ќе добиете одговори дека едноставно им се допаѓа што се чувствуваат побезбедно во таков автомобил, дека сакаат повисока позиција зад воланот, благодарение на што имаат подобар поглед и дека влегуваат многу полесно во ваков тип на автомобил…Одговорот на Kia е еден навистина добар продукт – XCeed е исклучително фотогеничен автомобил и има многу интересни лица: изгледа предаторски, разигран и симпатичен. Kia ги комбинираше сите современи трендови во овој кросовер, кој е повеќе или помалку еден поспособен автомобил во споредба со класичниот Ceed. Генерелно, ми се допаѓа целиот дизајн на автомобилот бидејќи е уникатен и иако е кросовер на прв поглед повеќе заликува на хечбек. А голем фан сум и на оваа Quantum Yellow металик боја – ваквите храбри бои го прават XCeed уште повпечатлив.

Платформата на која е поставен XCeed е истата таа на која се поставени и сите други изведби на Ceed, а во споредба со класичниот Ceed, XCeed е за 85мм подолг(4.395мм), 26мм поширок(1.826мм) и повисок за 48мм(1.495мм). Исто така, има и зголемен “ground clearence“ за 44мм.

Познавачите на брендот Kia веднаш ќе приметат дека внатрешноста е скоро идентична како и во другите изведби на Ceed, но да бидам искрен тоа не е воопшто лошо. Внатре е пријатно и убаво за седење, а во време на целосна дигитализација, вистинско освежување е да се седи во кабина каде што сите главни и битни функции се контролираат преку конвенционални физички копчиња. Сепак, тоа не значи дека кабината на XCeed не е доволно „хај-тек“. Во повисокото ниво на опременост добивате целосно дигитална инструмент табла и 10.25-инчен дисплеј за инфо-забавниот систем. Тестираниот модел е во основното Reference 1 ниво на опременост и пред возачот се наоѓаат аналогни инструменти со централен дисплеј на кој се прикажуваат сите битни информации околу возењето, додека на горниот дел од централната конзола е поставен 8-инчен дисплеј за инфо-забавниот систем кој функционира одлично – респонзивен е и многу лесен за користење. Исто така, добивате и Apple CarPlay и Android Auto поврзување. Многу ми се допаѓа тоа што има одлична ергономија и сите битни функции се направени да имаат брз и едноставен пристап, додека кај другите модели кои се дигитализирани сите овие работи се контролираат преку некакви екрани на допир, а сето тоа резултира со покомплицирано ракување особено при возење.

Предните седишта се доста комфорни и нудат доволно простор, а благодарение на тоа што и управувачот се подесува по висина и длабочина лесно ќе може да ја најдете идеалната возачка позиција. Исто така и патниците на задните седишта ќе може да седат удобно бидејќи XCeed нуди импресивна пространост. Но како и со сите други модели од оваа класа, тројца патници ќе може да седат удобно само за некои пократки релации. Што се однесува до багажникот, на располагање се достапни 426 литри багажен капацитет, а доколку ги спуштите задните седишта се добива капацитет од 1.378 литри. Просторот е во коцкаста форма и рамниот под го прави ставањето и вадењето на потешки работи многу лесно.

XCeed е достапен во две нивоа на опременост – Reference 1 и Reference 2. Стандардната опрема уште во првото ниво е доста голема, па се добиваат работи како систем за избегнување фронтален удар со препознавање возила и пешаци- FCA, систем за одржување на возилото во лента – LKAS, предупредување за замор кај возач – DAW, задни паркинг сензори, задна паркинг камера, двозонски автоматски клима уред, 8-инчен дисплеј за инфо-забавниот систем, темпомат и ограничувач на брзина, предни и задни светла со LED технологија, 16-инчни алуминиумски бандажи и многу друго…

Благодарение на обезбедената удобност зад воланот, Kia XCeed успева да ве воодушеви. Поради поголемиот ground clearence направено е различно подесување на шасијата во споредба со класичниот Ceed. XCeed добива пофлексибилни амортизери и помеки спирали, а сето тоа резултира со помеко и покомфорно преминување преку дупки и нерамнини. Возењето во град е навистина лесно, управувачот е лесен и прецизен за маневрирање, а поради софистицираната суспензија и 16-инчните бандажи, возењето е и доста комфорно. Она што највеќе изненадува зад воланот е динамичноста и стабилноста која може да ја понуди XCeed, па доколку побарате ќе добиете и прилично добра забава зад воланот, a сите модели добиваат и multi-link задна оска. Тука голем дел има и новиот 1.5-литарски мотор кој нуди одлични перформанси, па со секое притискање на педелата за гас ќе бидете „залепени“ за седиштето. Однесувањето во свиоци е навистина импресивно, ги следи вашите команди и не се навалува онолку колку што би очекувале од еден ваков кросовер. На отворен пат во кабината е тивко и рафинирано и нема бучава која што би ви пречела, а поради моќноста на моторот во секоја брзина, нема да треба толку често да си играте со менувачот и да префрлувате во понизок степен. И за крај, јас дефинитивно би го одбрал XCeed токму со овој мотор бидејќи нуди импресивни перформанси во комбинација со одлична економичност и ефикасност. Единствено нешто што би додал е само автоматски менувач – така едноставно возењето ќе биде уште порелаксирано и полесно.

Галерија од тестираниот модел

Цената на основниот модел Kia XCeed 1.0 T-GDi 120 Reference 1 изнесува 19.950 евра.

Цената на тестираниот модел Kia XCeed 1.5 T-GDi 160 Reference 1 изнесува 20.950 евра.

Повеќе информации за возилото може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Kia Македонија.

ЗАКЛУЧОК
XCeed не е само една стилска верзија на класичниот хечбек модел. Овој автомобил нуди многу повеќе од само модерни форми - практичен е, комфорен и во исто време и доволно забавен. А со обновената понуда на погони, која го вклучува и 1.5-литарскиот мотор од тестираниот модел, XCeed станува уште попривлечен и токму овој мотор е полн погодок за автомобилот.
Богата стандардна опрема.
7 годишна гаранција.
Одлични возни карактеристики.
Просечен багажен простор.
Малку неприпродно работење со педалот за кумплунг.
5