ТЕСТ: DR Automobiles DR6 1.5 Turbo Bi-Fuel LPG

Брендот DR Automobiles е релативно нов на нашиот пазар, но мене не ми е непознат бидејќи при почетокот на оваа година на тест го имав и помалиот DR3 SUV модел. Инаку, компанијата DR е основана пред повеќе од 50 години, а во 2006 година користејќи го сопственото технолошко искуство и во соработка со некои други добро познати Азиски производители на автомобили, DR успева да го направи првиот автомобил и со тоа влегува во редот на италијански производители.

Пазарот на SUV и кросовер модели во последните неколку години е во постојан раст, па затоа има простор и за вакви не-толку-познати брендови кои за кратко време ќе бидат застапени се повеќе и повеќе. DR во својата понуда нуди исклучиво SUV модели со различни големи, а моделот кој го имав овој пат на тест е најголемиот SUV во гамата и го носи името DR6. Како и сите други модели на брендот, DR6 претставува пригодна алтернатива за сите оние кои сакаат да седнат зад воланот на SUV автомобил кој има доста богата опрема, а притоа да не потрошат премногу пари. DR6 e вистински теренец од 4.5 метри, кој генерално е произведен во Кина, а завршните детали и дотерување за да се прилагоди на европските вкусови се направени во Италија во фабриката на DR. Инаку, овој модел е базиран на Chery Tiggo 5 и иако делат сличен надворешен дизајн, DR6 е малку “подотеран” и нуди нешто повеќе опрема. Италијанско-кинескиот SUV нуди добра пропорционална форма и модерен надворешен изглед. На предниот дел се истакнуваат фаровите кои се со LED дневни светла, а страничните ретровизори се со интегрирани LED трепкачи. Страничниот дел е со чисти и едноставни линии, на задниот дел исто така се поставени LED светла, а она што не ми се допаѓа е поставувањето на фејк отвори за издувот на двете страни од браникот – сосема непотребно. Црните пластики и заштитните панели го комплетираат тој робустен SUV изглед. Стандардно добивате 18-инчни алуминиумски бандажи, а доколку сакате поагресивен изглед може да одберете и 20-инчни алуминиумски бандажи. Двобојна комбинација на боја со црн покрив е исто така достапна како опција, што го прави овој модел уште поексклузивен. И да, ако го погледнете поубаво ќе забележите некои детали кои се „украдени“ од други реномирани брендови, но севкупно возилото изгледа сосем нормално со дизајн кој е баш како што треба за еден SUV модел.

Како и надворешноста, така и внатрешноста на DR6 е многу слична со таа на Chery Tiggo 5, но тоа не е воопшто лошо бидејќи ентериерот е современ и модерен. Плус DR6 добива едно ниво подобри материјали и веднаш се приметува дека италијанците пазеле многу повеќе на сите детали во кабината. Но, на крај на денот, поради тоа што зад DR6 се крие еден кинески автомобил мора да бидете подготвени да прифатите некои мали компромиси. Возачката позиција е малку чудна и седите навистина високо, ова ќе им се допадна на оние што сакаат автентичен SUV, а исто така и поставеноста на педалите е чудна. Од друга страна пак, материјалите кои се искористени не се до толку ефтини како што може да се замисли. Да, пластиките кои се поставени се тврди, но се е некако добро склопено. Пред возачот се наоѓа аналогна инструмент табла со мал дигитален дисплеј во средината, на централната конзола доминира инфозабавниот систем кој е со 8-инчен дисплеј. Системот е навистина основен и нуди само Mirror Link функција, респонзивноста е солидна, додека графиката е ниво подоле од просечна. Ми се допаѓа тоа што под инфозабавниот систем поставени се физички копчиња за сите функции на клима уредот, што ракувањето при возење е доста лесно, а севкупно целата ергономија во кабината е навистина на импресивно добро ниво. Во стандардната опрема добивате кожни седишта, електрично подесување на возачко седиште, сончев кров, двозонски автоматски клима уред, мултифункционален кожен управувач, 8-инчен дисплеј, паркинг сензори, задна паркинг камера и многу друго. Од друга страна, на безбедносната опрема и треба подобрување бидејќи ги нема оние современи системи за помош при возење како што се автоматско сопирање, предупредување за напуштање на коловозна лента, препознавање на сообраќајни знаци кои сега се присутни скоро кај сите автомобили од најновата генерација.

Просторот на задните седишта е изненадувачки голем, благодарение на нискиот тунел во средина, без проблем ќе може да се сместат и тројца патници со просечна висина и притоа ќе може да седат доста комотно и на некои подолги патувања. Багажникот нуди капацитет од 370 литри, а отворањето е широко и подот комплетно рамен. Стандардно се добива и деллива 40/60 задна клупа, а со комплетно спуштање на задните седишта се добива багажен капацитет од 1000 литри.

Кога станува збор за моторизација, DR6 е достапен е само со еден мотор, а тоа е 1.5-литарски турбо-бензинец со 150 коњски сили. Инаку, за понатамошно намалување на трошоците, овој модел е исто така достапен во варијантите со фабрички Bi-Fuel LPG(плински уред) или CNG(метан). Овој четирицилиндричен мотор успева да го придвижи DR6 навистина убаво и покрај големата тежина, благодарение на вртежниот момент од 205 Nm кој е достапен од 2000 вртежи во минута. Но, реално перформансите не се кој знае какви и не очекувајте да бидете залепени за седиште кога ќе ја притиснете педалата за гас “до крај”. Забрзувањето од 0 до 100 км/ч трае 10 секунди, а максималната брзина изнесува 187 км/ч. За да го извлечете максимумот од моторот потребно е константно работење со менувачот – DR6 е достапен само со 5-степен мануелен менувач кој е релативно прецизен, но на автопат недостасува уште една брзина за возењето да биде порафинирано. Тестираниот модел беше опремен и со фабрички плински уред, а поради капацитетот на двата резервоари DR6 ви овозможува да поминете повеќе од 1000 километри без да треба да застанете на бензинска станица. Додека го имав на тест забележав просечна потрошувачка на бензин од околу 10 литри на 100 изминати километри, додека потрошувачката на плин е околу 11-12 литри со возење во градски услови.

Flagship моделот на DR Automobiles во Bi-Fuel верзијата со LPG, совршено комбинира добри перформанси со дефинитивно ниски оперативни трошоци. Карактеризиран со едноставни и сигурни технички решенија, италијанско-кинескиот SUV може да се вози со леснотија во било какви услови, па дури и во најсложените ситуации се покажува лесен за управување. Благодарение на високата седечка позиција и големите стаклени површини, возењето во градскиот сообраќај е доста лесно. Суспензијата е со помека калибрација, што придонесува за добро апсорбирање на дупките и нерамнините на патот, но кога станува збор за подинамично возење DR6 има понагласено навалување во кривини и иако е добро залепен за патот ова е возило кое не сака да биде возено брзо и динамично. Две работи кои мене лично не ми се допаднаа баш се управувачот и системот за сопирање. Управувачот не е доволно прецизен и малку пребавно реагира на брзите промени на насоката. Сопирачките се доста чудни и различни од сите други автомобили кои до сега ги имам возено, треба малку посилно да се притисне педалата за да се добие ефективно и навремено сопирање. Исто така, при константно користење, сопирачките губат мал дел од својата ефикасност. Кога станува збор за теренски способности и покрај тоа што има цврста шасија и значителна висина од земјата, DR6 мора да ги ограничи екскурзиите надвор од асфалтираниот пат. Некој лајт off-road пат може да се помине без потешкотии, но поради тоа што силата ја пренесува само на предните тркала треба да се пази да не заглавите на некое место каде што има ограничен грип.

Цената на обичната верзија изнесува 20.000 евра, тестираниот модел во Bi-Fuel LPG верзија е 21.000 евра, додека верзијата со Bi-Fuel CNG е 22.000 евра.

Повеќе информации за возилото може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Цилаз.

ЗАКЛУЧОК
DR6 е просторен и практичен фамилијарен SUV модел кој благодарение на фабрички поставениот плински уред нуди ниски оперативни трошоци.
3.5
More Stories
Kia го претстави новиот Stonic GT Line