ТЕСТ: Citroën C3 Aircross 1.5 BlueHDi 100 Shine

Citroën во автомобилскиот свет е познат по тоа што од време на време претставува некои идеални и малку чудни идеи. Обично станува збор за технички решенија, но и дизајнот на нивните автомобили понекогаш изненадува. Моделот за кој што ќе зборуваме е C3 Aircross – типичен производ за денешницата. Автомобил кој мора да се вклопи во трендот што владее во светот ( во автомобилскиот свет тоа се SUV модели), а од друга страна пак треба да биде и доволно оригинален за да привлече внимание. C3 Aircross е доста важен модел на брендот, а воедно е и еден од најпродаваните модели на Citroën – дизајнот, комфорот и практичноста се заслужни за тоа.

Citroën C3 Aircross се појави на пазарот при крајот на 2017 година како наследник на моделот C3 Picasso. Со воведувањето на Aircross линијата, Французите го затворија поглавјето на MPV моделите кои во денешно време скоро и да не се бараат. Па затоа, тој тип на автомобили сега се заменети со SUV модели. C3 Aircross доаѓа во кросовер стил и со тоа целосно се вклопува во големата листа на популарните кросовери од Б-сегментот. Претходникот на C3 Aircross, моделот C3 Picasso, исто така имаше оригинален и уникатен изглед. Но, тој тип на модели веќе не е во мода, а сега на клиентите им се нуди автомобил со слично висока структура на каросеријата, но со поголема доза на пластики околу тркалата и долниот дел од каросеријата кои придонесуваат за тој робустен “SUV стил“. Не изненадува и тоа што C3 Aircross има многу сличен дизајн со класичниот C3, како и C4 Cactus бидејќи инспирацијата е земена токму од тие модели ( а и сите нови модели на брендот ќе го следат овој дизајн). На предниот дел, хромираната линија на логото на производителот ги следи LED дневните светла, додека под нив се наоѓаат фаровите кои се во коцкаста форма. off-road изгледот е надополнет со хромирана екстензија на предниот браник, додека под тоа е поставена доста цврста пластика која е заштита при возење на теренски услови. Страничниот дел е чист и нема некои остри и динамични линии, а интересен детал е дизајнот на Ц-столбот, додека 17-инчните бандажи кои ги имаше тест моделот допринесуваат за поубав визуелен ефект. Задниот дел е со посмирен и поедноставен дизајн во споредба со предниот дел, светлата кои се поставени се скоро идентични како и кај класичниот C3, но тука долниот дел од браникот е со црна пластика и додаден е хромиран елемент во средина. C3 Aircross е достапен и со висок степен на персонализација, може да одберете од 90 различни комбинации на бои – една боја за каросеријата, друга боја за покривот и специјални пакети со кои добивате елементи на надворешноста и внатрешноста во сосема друга боја (тест моделот го имаше овој пакет во портокалова боја) и изгледа навистина кул и интересно. Генерално, ова е автомобил кој комплетно се разликува од своите директни конкуренти и нуди еден сосема различен (за некои и малку чуден) дизајн. И да не заборавам, во живо изгледа многу поголемо отколку на фотографии.

Уникатноста и необичниот дизајн на C3 Aircross продолжува и во ентериерот. Ми се допадна интересната комбинација која ја имаше тест моделот – светли седишта со портокалови детали на нив, како и предниот дел од шалт таблата кој е со ист материјал како тој од седиштата, а тука се и портокаловите детали на воланот и отворите за климата. Инаку, седиштата се како да седите во фотелја, многу удобни и широки, а наслонот за рака кој го има само на возачкото седиште е во форма која што не би очекувале да ја има во автомобил. Негативната страна за седиштата е тоа што нудат минимална странична поддршка, за возење во град и на автопат се супер, но во кривини не ве држат баш убаво. Ентериерот во C3 Aircross може навистина да си го персонализирате точно по ваш вкус бидејќи се достапни голем број на различни опции и бои. Интересен факт е тоа што задните мали прозорци (оние со портокаловите линии) не се направени од стакло, туку од поликарбонат. Ако сте седнале во обичниот C3 ќе приметите дека дизајнот е скоро ист со тој модел, само делови од централната конзола се малку различни. Контролите се јасни и лесно разбирливи, единствено имам мала замерка за тврдите пластики кои се поставени на некои делови во кабината. На централната конзола се наоѓа 7-инчен дисплеј за инфозабавниот систем кој во тест моделот имаше и (опционален) 3D навигациски систем. Менито е лесно за ракување, но не е најинтуитивниот систем, а некои од конкурентите имаат и малку подобра графика. Исто така, не сум голем фан на тоа што скоро сите опции се контролираат преку овој дисплеј, дури и функциите за клима-уредот и Start/Stop системот.

Како и предните, така и задните седишта се доста удобни и просторни за долги патувања. Без никаков проблем ќе може да се сместат патници со висина од 185cm и притоа да имаат сосема доволно простор и за главата и за нозете, а има и неколку практични места на задната клупа за одлагање на ситници. C3 Aircross е достапен и со лизгачка задна клупа со која во зависност од позицијата, во багажникот на располагање ќе имате 410 или 520 литри багажен капацитете – многу практично и доста корисно решение. Исто така, багажникот има двоен под кој може да го наместите според вашите потреби, а ако го наместите во повисоката позиција добивата комплетно рамен под со што ставањето и вадењето на потешки работи е навистина лесно. Доколку ги спуштите задните седишта на располагање добивате 1290 литри багажен капацитет.

Моделот кој што го имав на тест под хаубата го имаше новиот 1.5-литарски BlueHDi турбодизел мотор кој располага со 102 коњски сили при 3500 вртежи во минута и 250 Nm од 1750 вртежи во минута. Овој мотор добива и нов 6-степен мануелен менувач со кој забрзувањето од 0 до 100 км/ч трае 10.8 секунди, додека максималната брзина изнесува 175 км/ч. Перфромансите кој ги нуди овој мотор би рекол дека се и повеќе од доволни, како и за возење во градски услови, така и за на отворен пат. Убаво повлекува и од ниски вртежи, а новиот мануелен менувач е прецизен и фин за користење. Единствената замерка која ја имам е тоа што на повисоки вртежи во кабината има понагласена бучава од моторот. Импресивна и за пофалба е потрошувачката која ја има овој мотор – во текот на неколку дневното тестирање, мојата просечна потрошувачка изнесуваше од 6 до 6.5 литри на 100 изминати километри (голем дел од километрите беа поминати во град). C3 Aircross силата ја пренесува само на предните тркала и не е достапна опција за погон на сите четири тркала, но затоа достапен е Grip Control системот, како и Hill Descent Assist (како опција). Со овој систем може да изберете помеѓу неколку различни режими – Normal, Sand, All-Road, Snow или ESP off. Со оглед на тоа кој режим ќе го одберете, системот автоматски ја регулира тракцијата со што се добива целосна контрола врз возилото во секакви услови на возење. Функцијата Hill Descent Assist го одржува возилото со намалена брзина на стрмни наклони и го ограничува ризикот од лизгање.

Освен овој мотор што го имаше тест моделот, достапен е и уште еден дизел кој исто така е 1.5-литарски, но со 120 коњски сили и доаѓа само со 6-степен автоматски менувач. Доколку сакате бензинец, понудата започнува со 1.2 PureTech атмосферски мотор со 82 коњски сили и другите два мотори се исто 1.2-литарски, но тие се турбо-бензински и располагаат со 110 или 130 коњски сили. Моторот со 130 коњски сили стандардно е опремен со автоматски менувач.

Citroën C3 Aircross на нашиот пазар е достапен во три нивоа на опременост – Live, Feel и Shine. Моделот кој што го тестирав беше во највисокото Shine ниво со плус уште нешто од дополнителната опрема. Дел од работите кој се добиваат како стандард во ова ниво се: темпомат со ограничувач на брзина, автоматски клима уред, задни светла со 3D ефект, предни дневни LED светла, 7-инчен дисплеј за инфозабавниот систем со 3D навигациски систем и поврзување со Apple CarPlay и Android Auto, 17-инчни алуминиумски бандажи, лизгачки задни седишта, задни паркинг сензори, кровни носачи, систем за предупредување при напуштање на лента, систем за препознавање на сообраќајни знаци и многу друго…

Стигнавме до крајот на овој тест, а тоа е каков е C3 Aircross зад управувачот – Возилата на Citroen отсекогаш биле ориентирани кон тоа да понудат максимален комфор при возење, па истото тоа важи и за C3 Aircross. Динамичноста и брзото возење во кривини не е јаката страна на C3 Aircross бидејќи има понагласено навалување, а и не се добиваат многу повратни информации од управувачот – а тоа е и сосема очекувано од ваквиот тип на автомобили кој релативно се наменети за помлади фамилии. Но, кога ќе се префрлите на мирно возење ќе бидете многу воодушевени од возните карактеристики. Суспензијата перфектно се справува со дупките и нерамнините без да има несакани вибрации во кабината. Седењето тука е многу повиско во споредба со некои од конкурентите и го имате тоа чувство дека седите во SUV автомобил. Благодарение на големите стаклени површини возењето во град е навистина лесно, а на отворен пат внатре во кабината е рафинирано и многу удобно. Во комбинација со добар мотор, комфорна суспензија и одлична прегледност, C3 Aircross ви дава чувство на безбедно и опуштено возење. Според Citroën, комфорот при возење не се однесува само на удобни седишта или комфорна и мека шасија, туку и за поставените системи за асистенција на возачот. Во C3 Aircross поставени се дванаесет асистенти, вклучувајќи и автоматско сопирање, предупредување за напуштање на коловозна лента, следење на слепите точки и автоматско паркирање. Исто така, како опција достапен е Head-Up дисплеј кој ги прикажува сите битни информации на стаклото над инструмент таблата.

Почетната цена на Citroën C3 Aircross 1.2 PureTech 82 Live изнесува 13.990 евра.

Цената на тестираниот модел Citroën C3 Aircross 1.5 BlueHDi 100 Shine изнесува 19.530 евра.

Повеќе информации за возилото може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Citroën.

ЗАКЛУЧОК
Citroën C3 Aircross е еден комплетен автомобил, кој има уникатен и различен дизајн, голема просторност во кабината и солидна опременост. Доколку сакате возило кое има повисока суспензија, „off-road стил“ и кое може да ви понуди максимален комфор при возење тогаш дефинитивно треба да одите и да го погледнете C3 Aircross.
ПОЗИТИВНО
Оргинален дизајн.
Просторна и практична кабина.
Одличен избор на мотори.
НЕГАТИВНО
Голем дел од функциите се контролираат преку екранот на допир.
Фали странична поддршка на седиштата.
Понагласено навалување во кривини.
4
More Stories
Ова е новиот Audi A3 Sedan