ТЕСТ: BMW 520d M Sport 

Веќе пет децении, Серија 5 е еден од најважните модели на BMW. И затоа овој модел секогаш ја имаше најтешката мисија – да се поврзе со возните карактеристики на помалата Серија 3 и да биде луксузен како Серија 7. Факт е дека BMW Серија 5 отсекогаш е „бенчмарк“ во својот сегмент. Името постои повеќе од 50 години и неговото педигре може да се следи уште подалеку низ историјата, сè до Neue Klasse што го спаси BMW во раните 1960-ти. Со други зборови, има многу наследство што треба да се зачува кога се обновува еден ваков модел. Сега, на пазарот ја имаме најновата осма генерација на Серија 5, која со себе носи многу драстични промени – и во дизајнот, просторната понуда, како и погонските единици. Исто така, за прв пат до сега, Серија 5 е достапна и во целосно електрична верзија со ознака i5, но за таа верзија ќе зборуваме во некоја наредна прилика. 

Новата генерација на Серија 5 порасна во сите правци во споредба со својот претходник (дури и во висина бидејќи потребен е простор за батериите на i5). Новиот модел е поставен на новата CLAR платформата што овозможува и зголемување на димензиите. Должината на автомобилот е зголемена за 97 милиметри и сега изнесува 5.06 метри, ширината е 1.9 метри, а висината е 1.52 метри. Меѓуоскиното растојание исто така е зголемено и сега достигнува скоро 3 метри, односно 2995 мм. Со овие димензии, новата Серија 5 е многу слична во големина со F01 генерацијата на Серија 7! 

Покрај големината, друга главна измена во споредба со претходната генерација е и надворешниот дизајн. BMW, со најновите модели реши да направи една многу драстична промена во однос на дизајнот на своите автомобили – и токму оваа промена направи мало поларизирање кај фановите. Мислењата за изгледот се навистина подели, има луѓе на кои многу им се допаѓа новиот дизајн, а има и такви на кои воопшто не им се допаѓа. Јас лично до сега имам сфатено дека одредени нови модели на брендот не се воопшто „фотогенични“, па затоа разликата на фотографија и во живо е доста изразена. Во конкретниов случај со новата Серија 5, уште прв пат кога ги видов официјалните прес фотографии имав малку поделено мислење, автомобилот ми изгледаше малку чудно (за разлика од претходникот), но истовремено и ми се допадна. Сега, од кога поминав неколку дена со новата „петка“ и дека почесто ја гледав, почна се повеќе и повеќе да ми се допаѓа. Па затоа, би рекол за сите Вас на кои не ви се допаѓаат новите модели на BMW, оставете малку време за дизајнот „да ви легне“ и сигурен сум дека ќе го промените мислењето. 

Предниот дел на автомобилот доби еден сосема поинаков лик, но сепак останува препознатлив како BMW. И да, бубрезите тука се во нормална форма и одлично се вклопуваат во „лицето“ на Серија 5. Целосно нова, поостра форма имаат и фаровите и убаво се поврзани со крилата и хаубата. Тест примерокот е дополнително опремен со врвните адаптивни Laser LED светла кои нудат многу импресивно осветлување навечер. Профилот на автомобилот е со класична форма на седан и токму од овој агол се гледа колку всушност е голема оваа „петка“. Дополнително, целиот автомобил „седи“ значително повисоко од претходно и долниот дел кај страничните прагови е зголемен поради тоа што таму се поставени батериите кај електричниот i5, а сето ова значително влијаеше на целосните пропорции.

Одиме кон задниот дел и токму тука има некои позначајни промени, дури и некои елементи кои не би се очекувале од BMW. Задниот дел е доста широк и според мене многу едноставен, а тенките хоризонтални светла визуелно го прават автомобилот уште пошриок. Од овој агол, веднаш приметливи се и широките крила кој придонесуваат за доста сериозен став. Бев изненаден од тоа што нути една верзија на новата G60 Серија 5 нема видливи издуви. Завршетоците од издувниот систем се скриени долу под браникот. Ова е навистина невообичаено за BMW, еден од производителите кој се држеше подалеку од трендот на лажни завршетоци од издувот што ја зафати индустријата. Но тоа е што е, работите во автомобилската индустрија се менуваат многу брзо…Севкупно, дизајнот на новата Серија 5 е далеку од лош, има некои агли од каде што изгледа малку чудно, но генерално ова е автомобил кој знае да привлече внимание. 

Тестираниот примерок има уште попривлечен изглед благодарение на M Sport пакетот, како и „Brooklyn Grey“ бојата која во моментов е една од најатрактивните бои на брендот. Тоа е и доста очигледно бидејќи 90% од новите BMW автомобили што се гледаат на улица се токму во оваа боја. Инаку, M Sport пакетот има комплетно различни браници, секако, со поспортски изглед, понагласени странични прагови, M ознаки на предните крила и уникатни M алуминиумски бандажи. Тест примерокот на фотографиите е со зимскиот сет на тркала, кои се со големина од 19-инчни, додека летниот сет е со огромни 21-инчни тркала. Да бидам искрен, новава „петка“ е можеби единствениот модел од понудата на брендот кој мене лично ми се допаѓа повеќе во варијанта без M Sport пакет бидејќи изгледа значително полуксузно и до некаде поубаво. 

Одиме внатре и внатрешноста веднаш покажува колку е префинет овој модел, со апсолутно примерен финиш и опрема достојна за вистинска лимузина. BMW ги отфрли повеќето традиционални знаци за внатрешен дизајн кај оваа G60 генерација и направи многу модерен и минималистички ентериер. Отстранети се физичките контроли за климата, сите отвори за вентилација сега се скриени и генерално има многу помалку физички копчиња од порано. Функциите главно се групирани во менија посветени на седиштата, осветлувањето, поставките за автомобилот, режимите на возење и други. 

Главниот елемент во внатрешноста е секако големиот заоблен панел кој комбинира два екрани. Едниот, наменет за возачот, има големина од 12.3-инчи и нуди многу голем избор на конфигурации – достапни се неколку различни прикази, а дополнително централниот дел може да го конфигурирате според вашите потреби. Вториот екран, наменет за инфозабавниот систем е со големина од 14.9-инчи и тука дебитираше најновиот iDrive 8.5 оперативен систем на BMW кој носи забележителни подобрувања. Најголемата промена е групирањето на некои копчиња за кратенки до одредени функции поставени во долниот дел од екранот. Тие даваат директен пристап до медиата, навигацијата, контролите за климата, екранот за Apple CarPlay/Android Auto и менито за телефонот. Тие се секогаш присутни во долниот дел од екранот и овозможуваат значително подобро корисничко искуство од претходно (BMW ова го нарекува „Quick Select“). Менито на системот низ кое треба да се движите е сè уште далеку од совршено, но барем можете да ги поставите вашите најчесто користени апликации како кратенки до кои можете лесно да пристапите преку „drop down“ менито од горниот дел на екранот. Освен контролата преку допир, на централнта конзола се наоѓа и познатото „тркалце“ на BMW преку кое може да го контролирате целиот екран. 

Новата Серија 5 добива и многу нови технологии и „играчки“, тука вреди да се споменат AirConsole апликацијата која ви овозможува да играте игри на инфозабавниот екран, а како контролер го поврзувате вашиот мобилен телефон. Друга интересна опција која што ја имаше тест примерокот е внатрешната камера со која може да правите „selfie“ и да снимате видео, а фотографиите и видеата може да ги префрлите на вашиот телефон. Дополнително на ова, достапна е и Drive Recorder функција која овозможува да снимате видео од 40 секунди со камерите кои се поставени на надворешноста – и исто така тоа видео може да го префрлите на вашиот телефон. Безжичниот Apple CarPlay работеше беспрекорно во текот на неколкуте денови кога го имав автомобилот на тест. Пофалба заслужува и гласовниот асистент на BMW кој работи речиси совршено и разбира скоро се што ќе му кажете. А вреди да се спомене и опционалниот Head-up дисплеј со кој беше опремен тест примерокот – приказот на информациите е јасен и доста светол, а особено ми се допаѓа начинот на кој се прикажува навигацијата и информациите за каде точно треба да свртите. Просторот на предните седишта е навистина импресивен и се чувствуваат зголемените димензии во однос на претходната генерација, а има и многу практични места за одлагање на најразлични работи.

Како што споменав и погоре, тест примерокот е со M Sport пакет, па и во внатрешноста се добиваат неколку промени. Тука е спортскиот трокрак волан кој има малку поголема дебелина во споредба со воланот кај другите верзии и доста добро „лежи“ во раце. Дополнително на тоа, со M Sport пакетот се добиваат и поспортски седишта кои нудат зголемена странична поддршка. Стандардно се добива електрично прилагодување за висината и наслонот за грб, додека електрично прилагодување за напред-назад е достапно како дополнителна опција. Вештачката кожа Veganza што BMW ја турка со своите најнови модели е всушност прилично добра. Се чувствува пораскошно и е подобрување во однос на Sensatec што го заменува, а производителот вели дека оваа кожа е „позелена“ и поодржлива за производство. Дури и воланот добива Veganza кожа, но би било тешко да се каже дека не е вистинска кожа ако не знаевте дека е вештачка. Инаку, за љубителите на вистинска кожа, BMW сеуште ја нуди врвната Merino кожа која е достапна во неколку различни бои и комбинации. 

Искуството да се биде на задните седишта во новата Серија 5 е многу пријатно и токму тука се приметува зголеменето меѓуоскино растојание. Двајца патници ќе имаат и повеќе од доволно простор, како за нозете, така и за главата. Па така, доллгите патувања ќе бидат доста пријатни и удобни. По потреба може да се смести и трет патник, но поради големиот тунел во средина нема да биде премногу удобно. Дополнително, патниците тука добиваат и засебни отвори за клима уредот, греење на седишта, како и USB-C приклучоци. 

Во однос на багажникот, на располагање се 520 литри багажен капацитет преку кој лесно се пристапува и има правилна форма. Капацитетот е сосема задоволителен за ваков тип на автомобил и без никаков проблем ќе ги собере сите потребни куфери и други работи за четири патници. 

Моментална понуда на погонски единици кај новата Серија 5 е доста широка, а веќе од следната година ќе биде надополнета со уште неколку бензински и дизел мотори. Во моментов, понудата започнува со 520i (2.0-литарски турбо бензинец со 208 КС), следен е 520d кој како опција е достапен и со xDrive погон. На врвот на понудата се Plug-in хибридните верзии, односно 530e (2.0 мотор) со 300 КС и 550e xDrive (3.0 мотор) со 489 КС. Електричниот i5 е достапен во две верзии – eDrive40 и спортската M60 xDrive верзија.

BMW сè уште инвестира во дизел мотори, а во Европа продолжува да ги нуди во многу модели, вклучувајќи ја и сосема новата серија 5 G60. Производителот постепено го подобрува својот асортиман на  дизел мотори за да задржи голем дел од купувачите во Европа, спротивно на силниот тренд на индустријата да се оддалечи од дизелот во корист на хибридна или целосно електрична енергија. Дизел моторите не се ни приближно вообичаени кај новите автомобили во Европа како што беа пред една деценија, а некои модели кои порано ги дефинираа дизел моторите на Стариот континент денес веќе не можат да пијат од „црната пумпа“. Сепак, многу производители сè уште ги нудат, а BMW е еден од нив, што е одлична вест бидејќи неговите дизели се фантастични, дури и основните единици.

Тестираниот модел е 520d верзијата – која воедно ќе биде и најпопуларна на нашиот пазар. Станува збор за 2.0-литарски дизел B47 мотор кој во својата најнова инкарнација има ревидиран mild хибриден систем кој носи некои предности на префинетост и возни карактеристики на автомобилот. Моќноста на овој мотор сега изнесува 197 коњски сили при 4000 вртежи во минута и 400 Nm вртежен момент од 1500 до 2750 вртежи во минута. Моторот работи во комбинација со 8-степен автоматски Steptronic менувач – мануелниот менувач исчезна од понудата. Конкретниот примерок е со погон само на задните тркала, а сето тоа овозможува забрзување од 0 до 100 км/ч за респектабилни 7.3 секунди и постигнува максимална брзина од 233 км/ч. 

Бев импресиониран од тоа колку непречено автомобилот можеше да го рестартира моторот (и по интервенцијата на Start/Stop системот или дури и по првото „ладно“ палење на автомобилот), сето ова благодарение на тоа што веќе нема традиционален стартер, туку помоќен интегриран стартер генератор благодарение на mild хибридната технологија. Работи на електричен систем од 48 волти испорачуван од литиум-јонска батерија од 0,48 kWh и не само што ги обезбедува најмазните стартувања на моторот што некогаш сте ги доживеале (особено кај дизел), туку и дава дополнителен вртежен момент за одредени кратки забрзувања. 

Во однос на перформансите, воопшто не се чувствува дека оваа верзија има „помалку“ коњски сили. На крајот на краиштата, никогаш нема да останете без моќ. Она што исто така изненадува е тишината која владее во кабината, со совршена изолација од сите извори на звук. Дури и кога моторот е турнат до крајната граница, четирицилиндричниот дизел задржува пригушен звук. Комбинацијата мотор/менувач исто така заслужува пофалба, секое менување на брзина е мазно и неприметно, а во услови кога сакате малку подинамично возење, менувачот инстантно реагира на секоја ваша команда. Доаѓаме и до најважната работа, а тоа е секако потрошувачката. И за ова бев навистина многу позитивно изненаден – во градски услови без никакво претерано пазење, борд компјутерот ми покажа потрошувачка која се движеше од 7.5 до 8 литри. На автопат, со брзина на возење според пропишаните знаци потрошувачката изнесуваше 6.2 литри…Ова се бројки кои се премногу импресивни за еден ваков тип на автомобил и со полн резервоар на отворен пат може да се поминат нешто повеќе од 1000 километри. 

Најголемите промени кај оваа генерација на Серија 5 во споредба со претходникот се возните карактеристики и целокупното чувство зад воланот. После само неколку километри поминати зад воланот веднаш е јасно дека BMW сакале оваа генерација да ја донесат што е можно поблиску до Серија 7. Да разјасниме, новата Серија 7 и Серија 5 имаат огромна разлика од секој можен аспект – имав можност да ги споредам „back to back“ овие два автомобили и што би се рекло, разлика е „небо и земја“ во однос на комфор и општо возни карактеристики. Она што сакам да го кажам е дека оваа Серија 5 го нуди она што го нудеше претходната Серија 7, а тоа е доволен доказ дека BMW се труделе да ја направат оваа „петка“ што е можно порафинирана и полуксузна. Сепак, сето ова не е без некои негативни последици. BMW е бренд што отсекогаш нудел најдобри возни характеристики и можеби најдобар баланс помеѓу удобност и динамичност – кај сите модели.

Епа сега со G60 Серија 5 приказната е малку поразлична. Ова е автомобил кај кој поголемиот фокус е ставен на удобност, рафинираност и леснотија на возење. Присутна е и динамичноста, но многу е јасно дека тука тоа не е приоритетот и дека таквото динамично возење не одговара баш со автомобилот. Управувањето кај овој модел е помалку убедливо, во било кој режим на возење тоа е премногу лесно и некако без чувство, а исто така не се добиваат и премногу повратни информации од тркалата. За секојдневно возење во градот ова е идеално бидејќи овозможува лесно маневрирање, но во други ситуации не е толку импресивно. Тест примерокот поради M Sport пакетот има пониска и поцврста суспензија, но да бидам искрен шасијата не е воопшто тврда и успева на многу мазен начин да ги исфилтрира сите дупки и нерамнини на нашите улици – од ова бев многу изненаден. И покрај тоа што станува збор за автомобил кој е долг нешто повеќе од 5 метри, маневрирањето и паркирањето во градскиот метеж не претставува проблем благодарение на камерите од 360 степени и сензорите. При подинамично возење на пат со свиоци, Серија 5 обезбедува солидно ниво на сигурност и суспензијата успева да го одржи автомобилот што е можно повеќе без претерано навалување. Сепак, нивото на забава и динамичност не е на ниво како кај претходната генерација, но верувам дека голем дел од купувачите на овој автомобил повеќе ќе ја ценат удобноста и рафинираноста, отколку спортските карактеристики. Па затоа, до некаде и ги разбирам инженерите кои работеле на овој автомобил – Серија 5 е луксузна лимузина наменета за луѓе кои сакаат да уживаат додека возат на автопат – а токму тоа оваа „петка“ го нуди на најдобар можен начин. 

ГАЛЕРИЈА ОД ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ 

Почетната цена за BMW 520d изнесува 70.280 евра.

Цената на тестираниот модел BMW 520d M Sport (со плус дополнителни опции) изнесува 91.690 евра.

Повеќе информации за автомобилот може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на BMW M Car. 

ЗАКЛУЧОК
BMW Серија 5 останува исклучително рафиниран седан кој сега нуди карактеристики кои порано беа резервирани само за врвната Серија 7. Спомнувањето на недостатоци е речиси невозможна вежба, освен ракувањето со функциите и инфозабавниот систем, кое бара поголемо внимание бидејќи физичките копчиња се целосно исфрлени. Новата G60 се истакнува со врвна удобност, додека основниот дизел мотор убедува со непречената испорака на моќ и малата потрошувачка - а овие две работи ја прават „петката“ најдобриот крстосувач за долги дестинации.
Удобност и рафинираност
Одлична економичност
Квалитетна внатрешност
Управувањето е премногу лесно
Поларизирачки надворешен дизајн
Збунувачки инфозабен систем/сите функции се контролираат преку допир
4.5