Porsche Road Tour 2024 – 2500 КС на едно место!

Караванот Porsche Driving Experience повторно пристигна во Македонија. Иако оваа година ни се погоди тмурен и врнежлив ден, со самото седнување зад воланот на било кој модел од Porsche расположението веднаш се менува и адреналинот „стапува на сцена“. Оваа година на располагање беа вкупно пет автомобили, а тоа се: 718 Boxster S, 911 Targa 4, 911 Turbo S, Macan S и новиот освежен Cayenne Coupe Turbo E-Hybrid со GT Package (да, многу долго име…).

Сите овие автомобили ми се добро познати бидејќи до сега имав можност неколку пати да поминам неколку стотини километри со нив, а она што сега прв пат го возев е токму новиот фејслифт Cayenne – и тоа во најмоќната достапна верзија! 

Па да започнеме од Cayenne Coupe Turbo E-Hybrid GT Package. Со освежувањето, Porsche мораше да направи големи промени на Cayenne. Конкретно за оваа најмоќна верзија на Cayenne, Porsche успеа да направи многу добра „финта“, односно Turbo GT верзијата пред фејслифт користеше класичен V8 бензински мотор без никаква електрична поддршка. Но, поради доста строгите еко норми во Европа, таа верзија нема да можеше повеќе да се продава на европскиот пазар. Па затоа, освежениот Cayenne за оваа верзија доби нов Plug-In хибриден погон и технички ново име. 

Новиот Cayenne Turbo E-Hybrid со GT Package под хаубата користи 4.0-литарски V8 твин-турбо мотор кој испорачува 599 коњски сили и 800 Nm вртежен момент. Оваа единица е дополнително спарена со електромотор и батерија, па така вкупната системска моќност изнесува луди 739 коњски сили и 950 Nm вртежен момент. Новата батерија е со капацитет од 25.9 kWh, што пак овозможува досег само на струја до 72 километри. Чувството зад воланот кај овој Cayenne е исто како и кај другите верзии, но ова важи само кога сте во Normal режим на возење. Адаптивната воздушна суспензија перфектно си ја врши својата работа и во Normal режим успева одлично да ги исфилтрира сите нерамнини. Со вртење на тркалцето поставено од десната страна на воланот и префрлување во Sport режим на возење се добива сосема друг автомобил – односно чудовиште на тркала. Забрзувањето и перформансите кои ги нуди овој Cayenne се – во буквална смисла – не реални! Со секое притискање на педалата за гас сте залепени за седиштето и сѐ околу вас станува заматено. Забрзување од 0 до 100 км/ч? – го постигнува за 3.7 секунди. Максимална брзина? – луди 295 км/ч. А да не заборавиме, зборуваме за SUV кој тежи скоро 2.6 тони…и покрај оваа голема тежина, навалувањето во свиоци е доста контролирано, а тежина се чувствува само при поагресивно сопирање. 

Од големиот Cayenne одам во неговиот помал брат, односно Macan S. Ова ми е добро познат автомобил бидејќи и минатата година имав можност да го возам. Станува збор за верзија која според мене е „златната средина“ за Macan. Под хаубата работи 2.9-литарски V6 турбо-бензинец кој испорачува 380 коњски сили и 520 Nm вртежен момент. Забрзувањето до 100 км/ч трае 4.6 секунди додека максималната брзина е 259 км/ч. Силата се пренесува на сите четири тркала преку одличниот 7-степен PDK автоматски менувач. На кратко, би рекол дека ова е најкомплетниот „спортски“ SUV на пазарот. Нуди одлични перформанси и многу добра секојдневна употребливост. Но, повторно доаѓаме до строгите еко норми на Европа – производството на овој Macan е завршено, а новата генерација е достапна само со електричен погон…Следниот Porsche Driving Experience се надевам дека ќе имам можност да го пробам електричниот Macan, но она што е уште сега јасно е дека дефинитивно ќе недостигаат емоции и одличен V6 звук. 

Со SUV моделите завршивме, сега на ред е 718 Boxster S. Оние што ме читаат веќе подолго време знаат дека 718 Boxster/Cayman ми е омилен модел од моменталната понуда на Porsche. Компактните димензии, ниското седење зад воланот и симфонијата од моторот кој воедно е поставен веднаш зад седиштата, го прават овој автомобил бесконечно забавен. Секој пат кога возам 718 се чувстувам како мало дете кое се радува на некоја играчка и кое не прекинува да се смее. Конкретниот примерок – 718 Boxster S користи 2.5-литарски турбо-бензинец кој испорачува 350 коњски сили и 420 Nm вртежен момент. Силата секако оди кон задните тркала преки фантастичниот 7-степен PDK менувач. Перформансите можеби не се врескачки, но се и повеќе од задоволителни. 100 км/ч пристигнуваат за 4.4 секунди, додека стрелката застанува на максимални 285 км/ч. Кога ќе седнете зад воланот веднаш е јасно дека ова е најаналогниот модел во понудата на брендот – кабината е минималистичка, со многу физички копчиња и за денешно време мал инфозабавен екран, но од друга страна тоа е токму тоа што треба за прав спортски автомобил. И сега пак ќе морам да ве разочарам…производството на оваа генерација на 718 завршува, а наследникот, односно целосно новата генерација ќе биде…целосно електрична. Од Porsche сеуште нема никакви дополнителни официјални информации за овој модел, но ако биде понудена само електрична верзија е навистина жално и тоа ќе биде крај за една многу возбудлива и успешна ера.

Полека се приближуваме кон крајот на овој Porsche Driving Experience, а на крај, секако, доаѓа „шлагот“. На ред е 911 Targa 4, и ова не ми е непознат автомобил, но возењето на 911 е секогаш специјално и исполнето со адреналин и емоции. Targa 4 користи 3.0-литарски шестцилиндарски боксер мотор кој испорачува 385 коњски сили и 450 Nm вртежен момент. Забрзувањето до стотка трае 4.4 секунди и не застанува се до 289 км/ч. Времето не беше баш погодено за да можам целосно да уживам во Targa верзијата, но и покрај тоа уживав во прекрасната симфонија од моторот. Секоја 911-ка има нешто толку специјална, а е многу тешко да се опише со зборови. Перфектен спортски автомобил? – тоа е дефинитивно 911. 

И стигнавме до крајот, а на крајот – 911 Turbo S. Или тотално размрдување на сите органи во телото и заматување на мозокот – да, овој автомобил може да го направи токму тоа. Сите што го читате ова знам дека добро сте запознаени со овој автомобил, па затоа нема да должом многу да го објаснам. Но, накратко да ги повториме клучните работи. Тука е сместен 3.8-литарски твин-турбо боксер мотор со 650 коњски сили и 800 Nm вртежен момент. До стотка (буквално) се катапултира за 2.7 секунди и не застанува се до 330 км/ч…и не е само забрзувањето од место, туку и при било која брзина доколку ја допрете педалата за гас со подот, автомобилот не уморно забрзува и забрзува.  Според мене, 911 Turbo S е перфектната „daily“ 911-ка. 

Оваа година на овој Porsche Driving Experience можеби немаше толку многу нови модели, но тоа е поради целосната обнова на понудата од Цуфенхаузен. Веќе започна со продажба новата Panamera и новиот освежен Taycan. За многу брзо време започнува со продажба новиот Macan, a на 28-ми мај ќе го видиме новиот 911 – кој за прв пат до сега доаѓа со хибриден погон. Крајот на оваа година ќе ја заокружи новата генерација на 718 Cayman/Boxster. И заклучокот од сето ова е дека следната година и следниот Porsche Driving Experience ќе биде многу, многу интересен – и за жал многу повеќе „на струја“ отколку на бензин…Тоа е новото модерно (не)време во автомобилската индустрија.