Porsche Road Tour 2022 – зад воланот на целата гама на Porsche

Porsche Driving Experience – Road Tour е настан кој веќе неколку години по ред се одржува во Македонија. Ова е еден од оние специјални денови исполнети со многу адреналин и прекрасни спортски автомобили. Исто така, оваа година имавме одличнo испланирана рута на возење каде што многу добро можевме да ги испробаме возните карактеристики на сите модели. Овој пат на располагање добивме вкупно 10 модели, а тоа се: 718 Boxster GTS 4.0, 718 Cayman GTS 4.0, 911 Carrera 4 GTS, 911 Turbo S, Taycan Cross Turismo Turbo S, Taycan Turbo S, Panamera Sport Turismo GTS, Panamera Turbo S E-Hybrid, Macan S, Cayenne E-Hybrid и Cayenne Turbo GT.

Како и секогаш, возењето започнува од Porsche центарот во Скопје. Првиот модел со кој ја започнувам турата е Panamera Sport Turismo GTS која воедно е во PTS „Brewster Green“ боја. GTS верзијата на Panamera е придвижувана од 4.0-литарски V8 бензинец кој испорачува 480 коњски сили и 620 Nm вртежен момент. Силата се пренесува на сите четири тркала преку 8-степен PDK автоматски менувач. Забрзувањето од 0 до 100 км/ч трае 3.9 секунди и максималната брзина изнесува 292 км/ч. Sport Turismo е караванската изведба на Panamera, што значи дека тука се добива дополнително зголема практичност во однос на стандардната верзија. Првите неколку километри ги поминуваме низ градските улици, автомобилот е во Normal режим на возење и едноставно возењето е комфорно и рафинирано. Полека излегуваме од градскиот метеж и ја продолжуваме нашата тура по автопат, префрлам во Sport режим на возење и веднаш добивате комплетно различен автомобил. Суспензијата станува потврда, воланот подиректен и секако издувниот систем сега е отворен што значи се добива исклучително добар, а и гласен звук. Дополнително, GTS верзиите се познати по тоа што добиваат специјално дотеран звук кој е со многу таканаречени „burbles“. Домата на Panamera е всушност автопатот, тука без никаков проблем се поминуваат стотици и стотици километри. Амбиентот во ентериерот е прекрасен, а ќе го истакнам воланот во алкантара кој е исто така заштитен знак за GTS верзиите.

Застануваме да ја направиме првата промена, мојот следен автомобил е електричниот Taycan во врвната Turbo S верзија. Ова не ми е непознат модел, минатата година беше моето прво запознавање со Taycan Turbo S. И импресиите кои ги имав тогаш, сега само се потврдија. Секој љубител на автомобили треба барем еднаш да го искуси забрзувањето кое го има Taycan Turbo S бидејќи не се споредува со ниту еден друг автомобил. Благодарение на батериите и нискиот центар на гравитација, однесувањето и стабилноста во свиоци е феноменална. Возите спортски автомобил, а единственото нешто што недостасува е звукот…уствари не е дека недостасува, но е малку различен од оној што го имаат моторите со внатрешно согорување. Инаку, Turbo S верзијата има 761 коњска сила и 1050 Nm вртежен момент. Силата секако се пренесува на сите четири тркала, а тоа овозможува забрзување до 100 км/ч за само 2.8 секунди – оваа бројка звучи лудо на хартија, а замислите во реалност. Она што е уште поимпресивно е забрзувањето од 0 до 200 км/ч за 9.6 секунди, додека максималната брзина која може да ја постигне е 260 км/ч. Батеријата е со капацитет од 93.4 kWh и со полна батерија може да се поминат од 390 до 416 километри.

Од тишина и автомобил со вештачки звук, се префрлам во врескачкиот 718 Boxster GTS 4.0. Како што кажува и самото име, од пред 2 години GTS верзиите на Boxster и Cayman добија 4.0-литарски атмосферски бензинец со 400 коњски сили и 420 Nm вртежен момент. Тука силата се пренесува само на задните тркала преку одличниот 7-степен PDK автоматски менувач (достапен е и 6-степен мануелен менувач). Забрзувањето до 100 км/ч кај оваа верзија трае рамно 4 секунди и не престанува да забрзува се до максимални 288 км/ч. Истите овие бројки и перформанси важат и за 718 Cayman GTS 4.0, а единствената разлика е во кровот, односно тоа што Boxster е кабрио верзија и може да уживате во свеж воздух и малку погласен „soundtrack“ кога покривот е отворен. Инаку, Cayman GTS ми е омилениот модел на Porsche. Средишно поставениот мотор, помалата тежина и големина го прават овој автомобил бескрајно забавен. Управувањето е ултра-прецизно, тракција е одлична во секакви ситуации и бркањето на свиоци е со еден збор перфектно. Бидејќи возев Boxster и веднаш после тоа 911, можам да кажам дека целото чувство зад воланот е комплетно различно во двата автомобили. Доколку повеќе преферирате забава и „old school“ чувство зад воланот, одберете Boxster или Cayman, а доколку преферирате брзина и секојдневна употребливост одберете 911.

Како што и споменав погоре, последното менување на автомобили пред да пристигнеме на дестинацијата за ручек, јас седнувам зад воланот на лудиот 911 Turbo S. И ова е модел кој веќе ми е добро познат бидејќи и претходно имав прилика да го возам. Верувам дека сите што го читаат ова веќе знаат дека Turbo S е најмоќната верзија на моделот 911, но ајде накратко малку бројки. Моторот што го придвижува овој автомобил е 3.8-литарски шестцилиндарски твин турбо боксер кој испорачува 650 коњски сили и 800 Nm вртежен момент. Силата се пренесува на сите четири тркала преку 8-степен PDK автоматски менувач. Со Launch Control опцијата, забрзувањето од 0 до 100 км/ч трае 2.7 секунди и постигнува максимална брзина од 330 км/ч. За моја среќа, патот кој го возев со овој модел беше полн со свиоци. Во претходни ситуации, 911 Turbo S го имам возено на автопат и на некои благи свиоци каде што не може до толку да се искусат оние малку подинамични возни карактеристики. Сега се погоди пат каков што посакував, па каков е 911 Turbo S при подинамични и брзи свицои? – многу добар, но со една „маана“ ако може да се каже така. Управувањето е фантастично и ултра прецизно, автомобилот ја следи перфектно секоја ваша команда и стабилноста и тракцијата се на многу високо ниво, а во одредени ситуации знае и задниот дел малку да поигра со што се добива поголема забава, но системите работат толку добро што веднаш го корегираат тоа. Што е мааната? – во одредени свицои поради тоа што автомобилот е брутално брз, излегувате од свиокот притискате на педалата за гас и за 2 секунди веќе постигнувате многу, многу висока брзина, па следи агресивно сопирање за следниот свиок, а ова резултира со не толку забавно возење како некои други верзии на 911. Реално и не е некоја маана, бидејќи ова е индивидуално и зависи од тоа како возач што сакате од автомобилот. Инаку, интересно е тоа што оваа верзија на 911 без никаков проблем може да ја возите секојдневно низ градските улици, а со вртење на тркалцето поставено на воланот и префрлување во Sport или Sport Plus режим добивате тркачки автомобил со луди перформанси.

По кратката презентација на винаријата Лазар и ручекот, спремни сме да тргнеме назад во Porsche центарот во Скопје. Првиот автомобил што го имам за возење сега е повторно моделот 911, но овој пат Carrera 4 GTS верзијата. Она што ја издвојува оваа верзија од другите е тоа што тука суспензијата добива комплетно различен поспортски сетап и автомобилот е понизок за 10 милиметри. Целото управување е исто така малку сменето за да се добие подобар фидбек, дел од звучната изолација е тргната за да може повеќе да се ужива во прекрасниот звук од моторот и издувниот систем. Исто така, и надворешноста има промени како што се различни браници, уникатни бандажи достапни само за оваа верзија и GTS ознаки. Додека внатре, стандардно се добива волан обложен во алкантара и спортски седишта. 911 Carrera 4 GTS е придвижуван од 3.0-литарски шестцилиндричен боксер мотор кој испорачува 480 коњски сили и 570 Nm вртежен момент. Ознаката „4“ во името значи дека конкретно овој модел е со погон на сите четири тркала, а силата се пренесува преку 8-степен PDK менувач. Сето ова значи забрзување од 0 до 100 км/ч за 3.3 секунди и максимална брзина од 309 км/ч. Накратко кажано, GTS верзијата отсекогаш е „the sweet spot“ во гамата на Porsche и е наменета за оние кои едноставно сакаат поспортско чувство зад воланот и подобра контрола врз автомобилот, а сепак да изгледот на тој автомобил да биде „понормален“. 911 Carrera 4 GTS е фантастичен автомобил за возење и во споредба со 911 Turbo S, забавата во возење кај оваа верзија е далеку поголема иако на хартија има послаби перформанси. Овој автомобил ќе сакате да го возите што е можно повеќе на некои кривулести патишта бидејќи „домот“ на оваа верзија се токму таквите патишта. Поголемата прецизност и подобрите повратни информации што ги добивате од воланот веднаш се приметуваат, а поцврстата суспензија го држи автомобилот залепен за асфалтот. Огромна пофалба и за звукот од издувниот систем, кој како и кај сите GTS верзии е „појачан“ со burbles.

Стигнуваме до автомобилот кој со нетрпение чекав да го возам, а тоа е Cayenne Coupe Turbo GT. Иако не сум фан на SUV модели, многу ме интересираше каква е за возење најлудата верзија до сега на Cayenne и воедно најбрзиот SUV модел. Придвижуван е од 4.0-литарски V8 твин-турбо мотор кој испорачува 640 коњски сили и 850 Nm вртежен момент. Силата нормално се пренесува на сите четири тркала преку 8-степен Tiptronic S автоматски менувач. Спремете се сега – од 0 до 100 км/ч забрзува за 3.3 секунди! Додека максималната брзина која може да ја постигне е рамно 300 км/ч. Овие бројки за SUV модел се навистина тотално луди, но луѓето сакаат брзи SUV модели, а Porsche во својата понуда го има токму тоа. Но забрзувањето на страна, тоа и не е до толку важно за овој модел, она што ме остави со подзината уста е однесувањето на Cayenne Coupe Turbo GT во свиоци и севкупно чувството зад воланот. Тотално не очекував автомобил кој тежи 2.7 тони да вози толку добро и да нема скоро ич навалување во свиоци – не знам како успеале од Porsche да направат нешто вакво, но момци секоја чест. Ова е првиот SUV модел за кој слободно можам да кажам дека ми се допаѓа и дека доколку би ги имал тие пари колку што кошта овој модел без размислување би го купил…

Полека се приближуваме кон Скопје, а претпоследниот автомобил кој го возев е Panamera Turbo S E-Hybrid. Оваа верзија на Panamera користи истo така 4.0-литарски V8 мотор како и Cayenne Turbo GT, но тука е дополнително спарен со електромотор и батерија од 17.9 kWh. Моќноста е 700 коњски сили и 870 Nm вртежен момент кои се пренесуваат на сите четири тркала преку 8-степен PDK менувач. Сето ова заедно овозможува овој автомобил од 0 до 100 км/ч да забрзува за 3.2 секунди и да постигне максимална брзина од 315 км/ч. Поради тоа што станува збор за Plug-in Hybrid модел, само на струја со полна батерија може да се поминат 50 километри. Би рекол дека ова е идеалниот фамилијарен автомобил, добивате задни седишта, голем багажник и прилично голема практичност. Плус, кога ќе сакате малку поадреналинско и подинамично возење го добивате токму тоа со само две вртења на тркалцето поставено на воланот и активирање на Sport режимот на возење. Како и Cayenne, така и Panamera Turbo S E-Hybrid е доста тежок автомобил (2.3 тони), но тука таа тежина уште помалку ја чувствувате. Возните карактеристики кои ги нуди Panamera се како вистински спортски автомобил, но дополнети со поголема практичност и подобра секојдневна употребливост.

И за крај, последниот автомобил што го возев на овогодинешниот Porsche Road Tour е Taycan Cross Turismo Turbo S во прекрасната Mamba Green боја. Според мене, ова е најинтересната изведба на електричниот Taycan. Но што всушност е Cross Turismo? – караван „off road“ изведба на Taycan, односно со оваа верзија на Taycan ќе може да возите и по некои патишта надвор од асфалтот благодарение на повисоката суспензија и сите оние заштитни панели кои се поставени околу целиот автомобил. Во споредба со стандардниот Taycan, возењето во оваа Cross Turismo верзија е малку покомфорно и помеко поради целосно различниот сетап на адаптивната суспензија. Што се однесува до моќноста, исто како и кај стандардниот Taycan Turbo S и тука на располагање се достапни 761 коњска сила и 1050 Nm вртежен момент. Силата се пренесува на сите четири тркала, а тоа овозможува забрзување до 100 км/ч за само 2.9 секунди и максимална брзина електронски лимитирана на 250 км/ч. Батеријата е со капацитет од 93.4 kWh и со полна батерија може да се поминат од 388 до 419 километри. Полека пристигнуваме во Скопје, а Taycan Cross Turismo Turbo S се покажа како одличен крузер при автопатски брзини, а исто така импресионира и со комфорот и леснотијата со која вози низ градските улици.

Благодарност за Porsche Македонија што ме поканија да присуствувам на овој прекрасен настан со одлична организација и одлично смислена тура за вистински да се испробаат возните карактеристики на сите модели. А сега со нетрпение го чекам следниот Porsche Road Tour!

ГАЛЕРИЈА