По една година пауза, Porsche Driving Experience – Road Tour сега повторно се одржа во Македонија. Веќе неколку години по ред присуствувам на овој ексклузивен и возбудлив настан и секој пат кога од Porsche Македонија ќе пристигне поканата за овој настан со нетрпение го чекам денот да седнам зад воланот на спортските автомобили! Оваа година на располање ги имавме сите модели од гамата на брендот, а тоа се: 718 Cayman S, 718 Boxster S, 911 Carrera 4S, новиот 911 Turbo S, Panamera 4S E-Hybrid, Panamera Sport Turismo Turbo S E-Hybrid, новиот електричен Taycan 4S и Taycan Turbo S, Cayenne GTS и Cayenne Coupe GTS. Возењето беше од Porsche центарот во Скопје до Гевгелија во Казино Фламинго, а тоа се повеќе од 320 километри возење во спортските автомобили на Porsche!
Ајде да почнеме од најмалите и „најслабите“ модели во гамата на брендот, а тоа се 718 Cayman S и 718 Boxster S. Конкретно овие два модели се потполно исти во однос на мотор, суспензија и подвозје. Единствената работа по која се разликуваат е тоа што Cayman е купе и има тврд покрив, додека Boxster е кабрио верзијата и има мек покрив. Моторот што ги придвижува овие модели е 2.5-литарски четирицилиндарски турбо-боксер кој е средишно поставен и испорачува 350 коњски сили и 420 Nm вртежен момент. Силата се пренесува на задните тркала преку феноменалниот 7-степен PDK автоматски менувач кој овозможува забрзување од 0 до 100 км/ч за 4.2 секунди (со Sport Chrono пакетот) и максимална брзина од 285 км/ч.
Ретко кој спортски автомобил може да понуди толку перфектно и забавно возење како што можат Cayman и Boxster, благодарение на средишно поставениот мотор управувањето е феноменално и најмногу ми се допаѓа тоа што вие ја имате целата контрола врз автомобилот. Перформансите се навистина доволни и имам пофалба за забрзувањата и меѓу-забрзувањата за кои што голема улога има и PDK автоматскиот менувач кој инстантно реагира на секоја ваша команда. Сите оние што имаат забелешки за тоа дека овој модел има четирицилиндарски мотор би им препорачал да го пробаат возилото па потоа да дадат мислење. Секој поминат километар зад воланот на овој автомобил е нешто прекрасно!
Следен е моделот 911 (992) – оваа генерација на 911 за прв пат ја возев пред 2 години и уште тогаш кажав дека ова е еден од оние перфектни спортски автомобили, едноставно 911 е сон на секој автомобилски ентузијаст. Овој пат возев две верзии – 911 Carrera 4S и најмоќната 911 Turbo S.
Ајде прво за Carrera 4S – овој модел е придвижуван од 3.0-литарски шестцилиндарски турбо-боксер мотор кој испорачува 450 коњски сили и 530 Nm вртежен момент. Силата ја пренесува на сите четири тркала преку 8-степен PDK автоматски менувач, а ова овозможува забрзување од 0 до 100 км/ч за 3.4 секунди додека максималната брзина изнесува 305 км/ч. Управувањето е директно и многу прецизно, а перформансите на оваа верзија се доста импресивни, плус благодарение на погонот на сите четири тркала добивате екстра сигурност при возење. И не е потребно да возите премногу брзо за да уживате, дури и во нормални „поспори“ услови возењето е фантастично!
Се префрлуваме на најмоќната и „најлудата“ верзија на 911, а тоа Turbo S. Овој модел користи 3.8-литарски шестцилиндарски твин турбо боксер мотор кој испорачува 650 коњски сили и 800 Nm вртежен момент. Силата се пренесува на сите четири тркала преку перфектниот 8-степен PDK автоматски менувач. До „стотка“ се катапултира за импресивни 2.7 секунди и не застанува се до 330 км/ч. Забрзувањето кое го има овој автомобил не се опишува со зборови, едноставно не е реално, дури и јас како возач со секое притискање на педалата за гас „до крај“ се изненадував што се случува. Најинтересно е тоа што 911 Turbo S без никаков проблем може да го возите „daily“ и со префрлување во Sport/Sport+ имате тркачки автомобил „for the street“.
Еден од моделите за кои со нетрпение чекав да седнам зад воланот е новиот целосно електричен Taycan. Овој модел започнува една нова (и малку различна) ера за брендот Porsche. Сите ние автомобилски ентузијасти сме малку скептични за овие возила кои користат електрична енергија наместо гориво, но верувајте Taycan е нешто сосема различно и ги задржува сите оние спортски гени од 911 – не се шегувам!
Возев две различни верзии – првата е Taycan 4S кој има моќност од 530 коњски сили и 640 Nm вртежен момент, а батеријата на оваа верзија е 79.2 kWh и со едно полнење може да се поминат 335 – 408 километри (според WLTP). Забрзувањето од 0 до 100 км/ч трае точно 4 секунди, додека максималната брзина е 250 км/ч.
Вториот модел е всушност најмоќната верзија, Taycan Turbo S која има 761 коњски сили и „луди“ 1050 Nm вртежен момент, батеријата во оваа верзија е 93.4 kWh и со едно полнење нуди опсег од 390 – 416 километри (според WLTP). Тука забрзувањето до „стотка“ трае 2.8 секунди и максималната брзина е електронски ограничена на 260 км/ч. Благодарение на инстантната респонзивност, забрзувањето е „out of this world“. Со секое притискање на педалата за гас сите органи во стомакот ви се превртуваат – а да, мене ми летнаа и очилата за сонце од глава.
Од електричниот Taycan се префрлуваме на популарната Panamera, двете верзии кои беа достапни за возење се електрифицирани, односно Plug-in Hybrid модели. Ќе почнеме од послабата верзија, а тоа е Panamera 4S E-Hybrid која користи 2.9-литарски V6 турбо-бензински мотор плус електромотор за вкупна системска моќност од 560 коњски сили и 750 Nm вртежен момент. Силата се пренесува на сите четири тркала преку 8-степен PDK автоматски менувач. Забрзувањето од 0 до 100 км/ч трае 3.8 секунди, додека максималната брзина е 298 км/ч.
Втората верзија е всушност и најмоќната Panamera, станува збор за Turbo S E-Hybrid, а конкретниот модел е и во Sport Turismo изведба. Тука е поставен фантастичниот 4.0-литарски V8 турбо-бензинец, а заедно со електромоторот испорачува системска моќност од 700 коњски сили и 870 Nm вртежен момент. Тука забрзувањето од 0 до 100 км/ч трае 3.2 секунди, додека максималната брзина изнесува 315 км/ч. Леснотијата со која погонот го задвижува 2.3 тонскиот автомобил е изненадувачка, со секое притискање на педалата за гас едноставно се забивате во седиштето. Panamera вози како вистински спортски автомобил, само што тука добивате и задни седишта и прилично голем багажник. Кога сакате да уживате во релаксирано возење, префрлете во Normal режим на возење и опуштете се во супер-комфорните седишта. А да, и двете верзии можат да поминат околу 50 километри само на струја. Идеална лимузина/караван? – тоа е дефинитивно Panamera.
И за крај да позборуваме за најголемиот SUV модел во гамата на Porsche, а тоа е Cayenne. Исто така и од овој модел достапни беа два автомобили, односно Cayenne GTS во „обичната“ изведба и Cayenne GTS во Coupe изведба. Ова е автомобил за оние кои сакаат поголема практичност и „повисоко седење“, но сепак сакаат да уживаат во спортските возни карактеристики на брендот Porsche. GTS верзијата е едноставно sweet-spot, не е најмоќниот модел, но нуди еден комплетно различен и поспортски карактер. Друга интересна работа за овој модел е тоа што користи 4.0-литарски V8 турбо-бензинец кој испорачува 460 коњски сили и 620Nm вртежен момент. Силата се пренесува на сите четири тркала преку 8-степен Tiptronic автоматски менувач, а ова овозможува забрзување од 0 до 100 км/ч за 4.5 секунди, додека максималната брзина изнесува 270 км/ч. Иако станува збор за голем и тежок автомобил, чувството зад воланот е навистина спортски, навалувањето во свиоци е многу добро исконтролирано, а тежината се чувствува само при кочење.
Ова беше уште еден прекрасен ден исполнет со многу адреналин и фантастични спортски автомобили! #drivetastefully