Светска премиера – Ова е целосно новиот Citroën ë-C3 – автомобил кој го редефинира Б-сегментот 

Имав ексклузивна можност да бидам на светската премиера на целосно новиот ë-C3 и меѓу првите во светот одблиску да се запознаам со новиот компактен модел на брендот. Со новата четврта генерација на C3, Citroën прави една револуција во компактниот Б-сегмент. Целосно електричниот ë-C3 обезбедува најдобра удобност во својата класа, лесно електрично искуство, извонредно ниво на опрема и неверојатна вредност за парите.

Целосно новиот електричен ë-C3 гордо ја предводи линијата на четвртата генерација на најпопуларниот автомобил на Citroën, кој продаде повеќе од 5,6 милиони единици од лансирањето на првата генерација во 2002 година. C3 е најпопуларниот модел на марката и претставува 29 отсто од европскиот обем на продажба на Citroën. Во 2022 година, C3 освои 11 проценти од вкупниот број на европскиот пазар во Б-сегментот.

Значајно е што целосно новиот ë-C3 сигнализира едно ново поглавје за Citroën. Популарниот и смел бренд повторно се измислува себеси за агресивно да одговори на предизвиците за да ја направи целосно електричната мобилност достапна за сите со првиот целосно електричен Б-хечбек дизајниран од Европа и произведен во Европа. 

Четвртата генерација на Citroën ë-C3 добива комплетно нов и свеж дизајн, а наметливиот изглед кој го отелотворува новиот храбар дизајн на брендот на Citroën остава многу силен впечаток. Овој дизајнерски јазик за прв пат го видовме на концептот Citroën Oli, а јас имав можност и да го возам овој концепт автомобил – за тоа може да прочитате ТУКА. Напред, повисокиот и повертикален лик содржи големо ново овално „шеврон“ лого кое гордо е сместено во центарот и е засилено од секоја страна со сјајни црни хоризонтални решетки со привлечна и техничка интерпретација. 

Главен елемент е препознатливиот нов дизајн на предните и задните светла, кој првпат беа видени на концепт возилото Citroën Oli, и кој се одликуваат со уникатен светлосен потпис на три нивоа со една вертикална и две хоризонтални леќи кои речиси изгледаат како сечила. Кратката, висока и хоризонтална хауба се одликува со технички извајани површини, кои ја привлекуваат светлината и имаат контраст со повертикалниот преден профил, внесувајќи го поголемото, исправено ветробранско стакло кое му дава на автомобилот поголем волумен. 

Идентитетот на потписот продолжува во задниот дел со техничко вајање во долниот дел од задната врата, над кој се наоѓа хоризонтална сјајна црна декоративна лента со истата техничка шема инспирирана од шевронот што се користи на вертикалната предна страна. Новите препознатливи задни светла се втурнуваат во аглите на возилото и се состојат од две хоризонтални и една вертикална леќа кои одекнуваат на предните групи. 

Што се однесува до техничките информации и воедно најважната работа за овој автомобил – новиот ë-C3 е поставен на целосно нова платформа развиена за електрични модели. Па така, ë-C3 добива LFP (Lithium Ferro Phosphate) батерија со капацитет од 44 kWh што овозможува досег до 320 километри (според WLTP). Дополнително, оваа батерија поддржува и полнење на DC брзи полначи со моќност до 100kW, а така полнењето од 20 до 80 проценти трае само 26 минути. Стандардното полнење со наизменична струја, од 20% до 80%, трае околу 4 часа и 10 минути со користење на моќност од 7kW или 2 часа и 50 минути со користење на полнач од 11kW.

Електромоторот испорачува максимални 113 коњски сили на предните тркала преку автоматски менувач, што пак овозможува забрзување до 100 км/ч за 11 секунди и максимална брзина од 135 км/ч. Новиот ë-C3 испорачува повеќе од доволно моќ и перформанси за справување со секојдневното возење, особено во урбани и приградски средини.

Вистинска револуција и уникатност не пречекува и во внатрешноста – вакво нешто би можело да се очекува само од Citroën и ниту еден друг бренд. Пространата внатрешност е направена околу едноставни, но рафинирани површини за да им обезбеди на патниците амбиент сличен на оној во нивната домашна дневна соба или салон. Новиот ë-C3 има и нови Citroën Advanced Comfort® седишта кои се прилагодени за автомобилот и користат дополнителна пена за да обезбедат меко чувство уште од првиот контакт. 

Поставувањето на нови стандарди за внатрешен дизајн беше врвна цел за брендот. Новиот ë-C3 располага со „C-Zen Lounge“, иновативен, простран и добро опремен ентериер. Со воведувањето на C-Zen Lounge, возачот и совозачот добиваат чист поглед нанапред, благодарение на големото ветробранско стакло и хоризонталната табла што графички се протега низ целото возило и е опкружена со препознатливите вертикални отвори за воздух на Citroën. Контролната табла е поделена на две различни нивоа, со техничките елементи горе, и пријатен дел обвиен во ткаенина во долниот дел. 

Вистинска уникатност и нешто што за прв пат се појавува во сериски автомобил е недостатокот на традиционална инструмент табла. Целосно новиот ë-C3 ја гледа првата употреба на новиот Citroën Head-Up дисплеј кој ги рефлектира информациите за возилото на сјајно црн дел помеѓу горниот дел од контролната табла и долниот дел на шофершајбната. Ова паметно решение осигурува дека нема дуплирање на информации како што традиционално би имало помеѓу Head-Up дисплеј и групата на инструменти, и осигурува дека возачите можат лесно да пристапат до сите клучни информации што им се потребни без да го тргнат погледот од патот.

Во центарот на контролната табла „лебди“ 10,25-инчен екран за инфозабавниот систем, малку под агол кон возачот, додека основната верзија добива „My Citroen Play with Smartphone Station“ со посветена апликација за пристап до музика, радио, повици и навигација преку нивниот сопствен паметен телефон.

Уште една важна новост е тоа што за прв пат во историјата на C3, Citroën ја вградува својата иновативна и ексклузивна Citroën Advanced Comfort® суспензија како стандардна опрема на сите верзии на целосно новиот електричен ë-C3. Невидливо за возачот и патниците, Progressive Hydraulic Cushions® обезбедуваат патниците на возилото да уживаат во уникатно чувство на удобност на патот, благодарение на употребата на прогресивни хидраулични перничиња. 

Целосно новиот ë-C3 ќе биде достапен во рационализирана линија од само две добро опремени верзии – „You“ и „Max“. Новиот ë-C3 ќе се нуди во избор од 5 карактеристични бои – Polar White, Montecarlo Blue, Elixir Red, Mercury Grey и Perla Nera Black. Препознатливата двобојна контрастна карактеристика на покривот на Citroën ќе им биде понудена на клиентитево црна или бела боја.  

Продажбата на новиот Citroën ë-C3 ќе започне во втората половина на 2024 година и почетната цена за „You“ верзијата ќе изнесува 23.300 евра (во Франција). Дополнително, од брендот најавија дека во 2025 година ќе биде достапна уште една верзија со досег од 200 километри која ќе чини 19.990 евра.

На настанот исто така беше спомнато дека новиот C3 ќе биде достапен и со класични бензински мотори, а тоа е особено важно за нашиот пазар. Сепак, не открија премногу детали за ICE верзијата, но се претпоставува дека ќе биде достапен добро познатиот 1.2-литарски PureTech мотор.