Ристо Вуков од следната година ќе настапува во врвниот Porsche Mobil 1 Supercup!

Македонскиот автомобилист Ристо Вуков од следната година ќе настапува во највисокото светско натпреварување од GT трките – Porsche Supercup! Вуков минатите три сезони ги мина како возач во Porsche Carrera Cup Italia, каде што се етаблираше како возач кој континуирано освојуваше поени и беше рамо до рамо со оние кои имаат поголеми можности за тестирање и учење на патеките.

Денес во Скопје, Вуков одржа прес конференција за македонските медиуми и ги објави своите планови за 2023 година.

– Трките од Porsche Supercup се олицетворение за едно врвно натпреварување. Јас отсекогаш сум сонувал за Formula 1, а овие трки се возат заедно со нивните, веќе три децении. Многу познати возачи минале низ ова натпреварување и за мене е голема чест што сум прифатен да бидам дел од светскиот куп, бидејќи во него бројот на учесници е лимитиран. Соништата се остваруваат и се надевам дека заедно со новиот тим ќе успееме да постигнеме уште подобри резултати – изјави Вуков.

Во календарот за 2023 година предвидени се вкупно осум трки – патеките на кои ќе се возат овие трки се: Imola – Италија, Monaco, Spielberg – Австрија, Silverstone – Обединето Кралство, Budapest – Унгарија, Spa-Francorchamps – Белгија, Zandvoort – Холандија и Monza – Италија. Сезоната почнува на 21 мај во Imola, а завршува на 3 септемрви во Monza.

Огромно браво за Вуков и многу успех во следната сезона!