Renault го претстави новиот лимитиран Megane R.S. Ultime

Renault претстави нова лимитирана верзија на Megane R.S. славејќи ја богатата историја на францускиот компактен спортски хечбек. Овој колекционерски модел ја круниса сагата која започна во далечната 2003 година. Megane R.S. Ultime е последниот Megane R.S. и воедно последниот модел со логото на Renault Sport. Alpine, брендот за спортски автомобили на Renault Group ќе ги пишува следните поглавја во оваа приказна.

Ексклузивниот дизајн на Megane R.S. Ultime ги содржи визуелните белези на Renault Sport, вклучувајќи го двојниот дијамант и специфичната графика инспирирана од новото лого на Renault. Лентите се на покривот и хаубата, задниот браник, вратите и крилата. Тие се во мат црна боја за да се усогласат со четирите достапни бои на каросеријата: Star Black (која е стандардна), Pearl White има впечатлив визуелен ефект, Sirius Yellow ги враќа иконските бои на Renault Sport и Tonic Orange создава моќен контраст. Годината кога е основан Renault Sport, 1976 – е дискретно впишана во лентите од десната страна.

Каросеријата на Megane R.S. Ultime се карактеризира со 60 мм пошироки предни крила и 45 мм пошироки задни крила, странични отвори за воздух, R.S. Vision предни светла, централен издув, спојлер и заден дифузер. Многу од деталите на оваа ограничена серија сега се црни: логоата, рачките на вратите, рамките околу прозорците, тркалата (дури и капаците на навртките), задниот дифузер и сплитерот инспириран од Формула 1 на предниот браник. 

Во внатрешноста, стандардно доаѓаат Recaro спортски bucket седишта обвиени во алкантара и извезен R.S. монограм. Праговите на вратите се ексклузивни и секој модел има своја нумерирана метална плоча во близина на контролите на менувачот, на дното на конзолата. Потпишан е од Laurent Hurgon – возачот и експерт за развој кој работеше на Megane R.S. во текот на својата кариера и моментално ги држи рекордите на патеките Nürburgring, Suzuka и Spa-Francorchamps.

Стандардната опрема во Megane R.S. Ultime вклучува многу од специфичните карактеристики во Megane R.S. и Megane R.S.Trophy: 9.3-инчен инфозабавен екран со Bose Hi-Fi систем, 10-инчен дигитален кластер, R.S. Монитор за следење на телеметрија, адаптивен темпомат и систем од 360° за маневрирање. Листата на опции е ограничена на head-up дисплеј, панорамски сончев покрив и специјално дизајнираната обвивка која ќе ги воодушеви фановите кои го избраа овој типичен колекционерски автомобил.

Оваа лимитирана серија која е базирана на Megane R.S. Trophy е придвижувана од истиот 1.8-литарски четирицилиндарски турбо бензинец кој испорачува 300 коњски сили и 420 Nm вртежен момент. Стандардно е опремен со EDC автоматски менувач и Торсен механички диференцијал што овозможува забрзување од 0 до 100 км/ч за 5.7 секунди. Megane R.S. Ultime е опремен со полу-слик Bridgestone Potenza S007 пневматици специјално развиени за Megane R.S. Trophy R, споени со Fuji Light 19-инчни тркала и Brembo сопирачки со црвени шепи. Предната оска со независно потпирање, спуштената Cup шасија и 4CONTROL системот за управување со сите четири тркала  придонесуваат за врвно искуство во возењето – на тркачка патека и секаде на друго место.

Од Megane R.S. Ultime ќе бидат произведени само 1.976 нумерирани примероци – Renault Sport е основана во 1976 година и бројката на примероци е во чест на основањето на оваа спортска дивизија.