Премиера – Volkswagen официјално го претстави новиот Tiguan

Volkswagen го претстави целосно новиот Tiguan, третата генерација на бестселерот на брендот. Volkswagen Tiguan е меѓу најуспешните модели на брендот на глобално ниво. Од неговото деби во 2007 година, повеќе од 7,6 милиони клиенти се одлучија за овој компактен SUV. Новиот модел ќе биде пуштен во продажба веќе во првиот квартал на 2024 година. Новоразвиените технологии имплементирани во рамките на платформата MQB Evo го подобруваат моделот Tiguan во речиси сите области. Теренецот е уште поекономичен од порано благодарение на новите хибридни погони со автономија од приближно 100 километри во возење без емисија и без бучава само на електрична енергија.

Компактниот SUV пристигнува со целосно нов дизајн. Предниот дел со нови и рамни LED фарови и вкрстена лента со стаклена површина е особено експресивен и впечатлив. Отворите на решетката сега се наоѓаат и на рабовите на браникот. Има и систем за воздушна завеса што го оптимизира протокот на воздух. Чисто обликуваниот нос го демонстрира намалувањето на коефициентот на аеродинамичко влечење од 0,33 на 0,28 Cd. Силуетата се карактеризира со атлетски странични површини над крилата на тркалата, кои може да имаат дијаметар до 20 инчи. Новата LED попречна лента го истакнува непогрешливиот заден дел на Tiguan.

Внатрешноста на Tiguan исто така е целосно ново осмислена и дизајнирана и се карактеризира со висококвалитетни материјали и изработка. Новата табла со инструменти е јасно и паметно распоредена и овозможува интуитивна контрола и доследно вмрежување. Меѓу неговите модули се новата дигитална инструмент табла, „Digital Cockpit“, дисплејот на инфозабавниот систем со дијагонала до 38 сантиметри (15 инчи) и целосно нова структура и графика на менито, како и нов head-up дисплеј и нов, мултифункционален избирач за возачко искуство со интегриран OLED дисплеј. Преку овој нов ротационен контролен елемент со сопствен минијатурен дисплеј, може да се постави режимот на возење, јачината на звукот на аудио системот или дури и боите на амбиенталното осветлување.

Благодарение на платформата MQB evo, Tiguan може да биде опремен со различни типови на погон. Клиентите ќе имаат избор на турбодизели (TDI), турбо бензински мотори (TSI), турбо бензински мотори дополнети со парцијален хибриден систем (eTSI) и plug-in хибридни системи (eHybrid). Сите погонски единици ќе бидат понудени исклучиво во комбинација со DSG автоматски менувач со двојна спојка. Слично на моделите на Volkswagen ID, а и на новиот Passat, функцијата на менувач ја врши рачката, која се наоѓа десно зад воланот. Со вртење на рачката нанапред во положбата „D“, автомобилот е подготвен за патување напред, со вртење назад во положбата „R“ за движење наназад, а со притискање на страна се активира рачната сопирачка. Сите верзии на Tiguan дополнително имаат лопатки зад воланот за рачно менување на брзини.

Платформата MQB evo е почетната основа за новата генерација на шасија. Покрај многуте индивидуални мерки, Volkswagen разви нова генерација на DCC адаптивна контрола на шасијата во форма на опционалниот DCC Pro систем со амортизери со два вентили. Дополнително, новиот модел е стандардно опремен со Driving Dynamics Manager – систем базиран на платформата MQB што дебитираше во актуелниот Golf GTI. Системот ги контролира функциите на електронските диференцијални брави (XDS) и поставките на адаптивните амортизери на системот DCC Pro, кои влијаат на страничната динамика. Интервенциите на сопирање на поединечните тркала и селективните промени во вкочанетоста на амортизерите ја зголемуваат удобноста и ги подобруваат спортските перформанси при динамично возење во кривини. Возачките карактеристики затоа се постабилни, поагилни и попрецизни.

Новите ergoActive Plus седишта со лумбална потпора пневматски прилагодливи во 4 насоки, а исто така и пневматски систем со 10 комори за масажа на точките под притисок одговараат на висококвалитетниот карактер на моделот Tiguan. Покрај тоа, корисниците можат да програмираат на кои надворешни температури автоматски се активираат греењето на седиштата или вентилацијата на седиштата.

Новиот Tiguan порасна во должина за околу три сантиметри. Надворешната висина, ширина и меѓуоскино растојание останаа на речиси идентично ниво на претходникот. Волуменот на багажниот простор на новата генерација го покажува одличното искористување на затворениот простор. Иако теренецот е само малку подолг, волуменот на багажниот простор е зголемен за 37 литри до сегашни 652 литри.

Tiguan е првиот модел на MQB платформата што е лансиран со ново развиените „IQ.LIGHT HD LED Matrix“ фарови. Интерактивниот систем за осветлување исто така беше развиен истовремено за моделот Touareg од повисоката класа – и двата теренци го делат основниот дизајн на фаровите. HD е кратенка за „High Definition“ – висока резолуција на извори на светлина. Во случајот на Tiguan, вкупно 38.400 LED диоди со повеќе пиксели (19.200 LED диоди со повеќе пиксели во секое предно светло) обезбедуваат сосема ново ниво на осветлување на патот и околината, што носи дополнително зголемување на удобноста и безбедноста.

Новиот Tiguan е стандардно опремен со многу системи за удобност и помош. Покрај асистентите „Side Assist“ (помошник за промена на лента), „Front Assist“ (систем за итно сопирање), „Lane Assist“ (помошник за возење во лента) и „Rear View“ (задна камера) вклучува и систем за препознавање сообраќајни знаци . Дополнително, ќе биде достапен широк опсег на опционални системи. Тие ги вклучуваат следните технологии: „Park Assist Pro“ (автоматско паркирање на автомобилот или излегување од паркинг простор, што возачот може да го контролира однадвор користејќи апликација за паметен телефон) или „Trailer Assist“ (за потпомогнато маневрирање со приколка).