Пред гамата на 718 моделите да стане целосно електрична, Porsche ни дава автомобил што е апсолутна квинтесенција на добрите „old-school“ автомобили. Porsche 718 Spyder RS има прекрасен атмосферски мотор кој се врти до 9.000 вртежи во минута и ви овозможува да уживате во неговиот звук и способности без покрив над главата. Што повеќе би можеле да посакате?
Дебито на овој автомобил беше само прашање на време. Долго време се шпекулира дека малиот роудстер на Porsche ќе добие врвна верзија, изведена од Cayman GT4 RS. Така и се случи – Porsche 718 Spyder RS е последната реченица во историјата на овој модел и збогување со моторите со внатрешно согорување. Оние кои можат да си го дозволат овој автомобил долго ќе го паметат ова збогување. Инженерите на Weissach создадоа совршена комбинација на перформанси, возни карактеристики и забава на отворено.
Кај Porsche 718 Spyder RS најважен е моторот. Благодарение на него, „пеперутките во стомакот“ се загарантирани не само при секое палење на автомобилот, туку и по „исправување“ на десната нога. Превземен од Cayman GT4 RS, 4.0-литарскиот атмосферски мотор генерира 500 коњски сили и среќно достигнува 9.000 вртежи во минута. Овој мотор е директно изведен од 911 GT3 Cup и е суштината на инженерството на Porsche.
Моќта се испраќа до задните тркала преку PDK автоматскиот менувач кој има 7 брзини со прилично кратки односи, што влијае на перформансите. Спринтот до 100 км/ч трае само 3,4 секунди, а 200 км/ч се појавуваат на бројачот за 10,9 секунди. Максималната брзина тука е 308 км/ч.
Чудотворната „диета“ го менува ликот на овој автомобил. 718 Spyder RS, тежи само 1.410 килограми, 40 килограми помалку од верзијата 718 Spyder со PDK менувач. Со помош на јаглеродни влакна и титаниумски елементи се отфрлија непотребните килограми.
Препознатливиот покрив наречен „Bimini Top“ исто така е редизајниран. Рачно се контролира и е силно намален. Конечниот резултат е 18,3 килограми, што е за 7,6 килограми помалку од 718 Spyder и 16,5 килограми помалку од Boxster.
Покрај тоа, каросеријата е оптимизирана за аеродинамика. Капакот на багажникот напред има два NACA влеза, кои подобро го насочуваат протокот на воздух. Различната форма на браниците ја подобрува и циркулацијата на воздухот, обезбедувајќи соодветна надолна сила при возење со голема брзина.
Porsche 718 Spyder RS исто така ги има водечките решенија на брендот. Овде го наоѓаме системот за управување со активна суспензија на Porsche (PASM), кој постојано ја регулира суспензијата, како и системот PTV (Porsche Torque Vectoring), кој правилно работи со испораката на моќност до задните тркала.
Крилата околу тркалата кријат бандажи од 20 инчи поставени на централна завртка, а зад нив има прилагодлива суспензија. Овде можете да ја поставите висината, начинот на работа на стабилизаторот и камберот на тркалата. Од фабрика, Porsche 718 Spyder RS доби малку помеки поставки во споредба со Cayman GT4 RS. Сето ова за подобро да одговара на карактерот на роудстерот.
Внатрешноста е исто така преработена – овде ќе најдете, на пример, спортски bucket седишта кои се направени од пластика засилена со јаглеродни влакна (CFRP), обработени со Race-Tex тапацир. За ова, овде се користат нови украсни лајсни и неколку други детали, кои се карактеристични за моделот Spyder RS.
Пакетот Weissach е подготвен за најпребирливите клиенти. Опремен со овој пакет, Porsche 718 Spyder RS целосно го менува својот карактер. Овој пакет вклучува издувен систем со средна цевка од титаниум, бандажи од forged магнезиум и контролна табла Race-Tex без рефлексии на шофершајбната.
Колку чини овој автомобил? околу 155.000 евра – и тоа е почетна точка. Горната граница секако зависи од имагинацијата на купувачот.













