Plug-in Hybrid верзијата на KIA XCeed отсега достапна на македонскиот пазар 

KIA неодамна го освежи моделот XCeed и новиот модел веќе некое време е достапен на нашиот пазар – тестот за освежениот XCeed може да го прочитата ТУКА. Но, сега за прв пат пристигна и Plug-in Hybrid верзијата на овој модел.

Стилските промени со освежувањето се минимални и суптилни, но сепак доволни за да го одржат моделот да биде „свеж“. Во внатрешноста, исто така, не се случи никаква револуција. Одредени елементи се променети, а најважната новост тука е новиот инфозабавен систем со нов екран, како и целосно дигиталната инструмент табла со HD резолуција и екран од 12.3-инчи.

Најглавната работа кај оваа верзија е секако погонот – кој е и најекономичниот во понудата. Plug-in хибридната верзија на XCeed користи 1.6-литарски GDi четирицилиндарски атмосферски бензинец кој испорачува 105 коњски сили и 147 Nm вртежен момент. Дополнително, тој е спарен со електромотор кој испорачува дополнителни 61 коњска сила и 170 Nm вртежен момент и батерија со капацитет од 8.9 kWh. Вкупната системска моќност изнесува 141 коњски сили и 265 Nm вртежен момент.

Силата се пренесува на предните тркала преку 6-степен автоматски DCT менувач. А сето ова овозможува забрзување до 100 км/ч за 11 секунди и максимална брзина од 193 км/ч (во целосно електричен режим максималната брзина е 120 км/ч). Според официјалните податоци, само на струја XCeed може да помине до 60 километри, додека просечната потрошувачка во комбиниран режим на работа треба да биде 1.7 литри на 100 изминати километри.

Повеќе инфромации за возилото може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на KIA.