ПАНОРАМА: Volkswagen Golf 8

Новиот Volkswagen Golf 8 е еден од финалистите за овогодинешниот избор на Златно Тркало и се бори за Главната Награда – Најпосакуван Автомобил во Македонија за 2021 година.

Еволуцијата на Golf започна пред 45 години во Волфсбург, каде низ годините се дизајнираше и рафинираше за денес да ви ја претставиме последната, осма генерација на најуспешниот автомобил што ја дефинира и именува компактната класа. Никогаш порано новиот Golf не бил толку прогресивен. Неговата дигитализирана внатрешност овозможува нова димензија на интуитивна употреба на возилото. Системите за помош на возачот функционираат до брзина од 210 км/ч. Golf 8 е првиот Volkswagen кој користи информации од сообраќајот преку Car2X, што значи дека може да предупредува на опасности уште пред да им се приближите.

На нашиот пазар, Golf е достапен во две нивоа на опременост – Life и Style. Дел од опремата која е стандардна во првото ниво на опременост вклучува Lane Assist, темпомат со ограничувач на брзината, 16-инчни алуминиумски бандажи, асистент за долги светла Light Assist, LED предни и задни светла, амбиентално осветлување во 10 бои, 8.25-инчен дисплеј за инфозабавниот систем, дигитална инструмент табла, автоматски клима уред, предни и задни паркинг сензори и многу, многу друго.

*Моделот на фотографиите е во повисокото Style ниво на опременост

Новиот Golf е достапен со добро познатите TSI бензински и TDI дизел мотори. Понудата започнува со 1.5-литарскиот eTSI Mild-Hybrid бензински мотор кој располага со 150 коњски сили и е достапен само со 7-степен DSG автоматски менувач. Кај дизелите, достапен е 2.0-литарски TDI мотор во две верзии – со 115 и со 150 коњски сили. Послабата верзија стандардно доаѓа со 6-степен мануелен менувач, а како опција може да одберете и 7-степен DSG автоматски менувач. Појаката верзија е исклучиво достапна само со автоматскиот менувач.

Системите во Golf не само што се поврзани едни со други, туку благодарение на вградената единица за поврзување на Интернет се поврзани и со надворешниот свет. Преку eSIM се овозможува пристап на возилото до Интернет и употреба на онлајн функции и услуги „We Connect“ и „We Connect Plus“ без дополнителни трошоци во период од 1 или 3 години и со гео-зависна достапност и опфат. Новиот Golf е првиот Volkswagen што комуницира со околината преку Car2X – со помош на pWLAN технологија сигналите од сообраќајната инфраструктура и информациите од други возила опремени со Car2X и оддалечени до 800 метри се прикажуваат на дисплејот пред возачот. Golf ги споделува овие предупредувања и со другите возила опремени за Car2X.