Како што продолжува прославувањето на 50-годишнината, BMW M GmbH го претстави својот прв спортски SUV автомобил кој доаѓа со електрифициран погонски систем. BMW XM е на врвот во понудата на брендот и воедно првиот оригинален BMW M модел по фантастичниот BMW M1. Производството на BMW XM ќе започне во фабриката на BMW Group во Спартанбург во САД во декември 2022 година, а официјалната продажба ќе започне на пролет во 2023 година.
Погонскиот M HYBRID систем кај BMW XM испорачува вкупна моќност од 653 коњски сили (генерирана од комбинација на мотор со внатрешно согорување со 489 коњски сили и електричен погонски систем со 197 коњски сили). Основата е ново развиен V8 мотор со врвна M TwinPower Turbo технологија. Моторот со осум цилиндри во својата задача е потпомогнат од електричен мотор интегриран во осум-брзинскиот M Steptronic менувач. Погонскиот M HYBRID систем произведува максимален вртежен момент од 800 Nm во комбинација со електричниот мотор кој развива 280 Nm.
Интелигентно управуваната интеракција помеѓу двата мотори обезбедува добро решено искуство со перформанси достојно за M значката во сите ситуации на возење. BMW XM од 0 до 100 км/ч забрзува за 4.3 секунди. Копчето M Hybrid на централната конзола се користи за избор на еден од трите режими на работа, вклучително и ELECTRIC поставка за крстарење со нула емисии при брзини до 140 км/ч и со полна батерија може да се поминат од 82 до 88 километри, според WLTP тестирањата. Ова е благодарение на високонапонската литиум-јонска батерија поставена во долниот дел на автомобилот што е со капацитет од 25,7 kWh.
Моќта генерирана од погонското дуо се испорачува на патот преку M xDrive системот за погон на сите тркала. Возачите можат да изберат и 4WD Sand режим, кој е специјално замислен за возење надвор од асфалтираниот пат. Работата на диференцијалот M Sport во задната оска е исто така целосно променлива.
Надворешниот дизајн на BMW XM е изјава за ексклузивност, присуство и перформанси. Пропорциите на модерен SAV, моќните контури, динамично растегната силуета, типичните знаци на M дизајнот, преработената интерпретација на изгледот на предниот дел создаден за моделите од луксузниот сегмент на BMW и мноштвото карактеристични акценти му даваат на XM единствена екстровертна аура.
Предните светла поделени на две посебни единици, BMW бубрежна решетка со златно обоени опкружувања и континуирано контурно осветлување, како и големите доводи за воздух се клучните карактеристики на предниот дел. Движејќи се настрана, акцентната лента во златна боја потсетува на црната лента што се протега по телото на BMW M1. Дополнителни детали што потсетуваат на минатото доаѓаат во форма на логото на BMW врежани во рамното задно стакло и впечатливата структура со решетки на скулптуралните задни светла. Стандардните тркала од 21-инчи со опција за одбирање на специјални 23-инчи се тркала од лесна легура и исто така можат да се пофалат со многу препознатлив дизајн.
Експресивниот стил на надворешниот дизајн на BMW XM продолжува и во кабината. Кокпитот и предните седишта се целосно дизајнирани околу активно возење. Стандардната спецификација вклучува M мултифункционални седишта и M кожен волан специфичен за моделот, заедно со M-специфична графика, вклучувајќи менувачки светла за централнит дисплеј, како и Head-Up дисплејот.
Чувство на простор, висококвалитетни материјали и екстравагантен дизајн го трансформираат задниот дел на BMW XM во ексклузивен M Lounge. Загреаните потпирачи за грб што се протегаат на задниот простор и специјално дизајнираните перничиња им нудат на патниците луксузни нивоа на удобност. Скулптурниот покрив е прилично уникатен со својата тродимензионална призма структура и 100 LED единици за осветлување. Има избор од четири различни облоги за прилагодување на внатрешноста, како и нова Vintage кожа за горните делови на таблата со инструменти и панелите на вратите. Амбиенталното осветлување, четири-зонската автоматска контрола на климата, аудио системот Harman Kardon и системот за патување и удобност се исто така стандардни карактеристики, додека списокот со опции го вклучува аудио системот Bowers & Wilkins Diamond со моќност од 1.500 вати и четири дополнителни звучници во областа на покривот.
При крајот на 2023 година ќе биде достапна специјална BMW XM LABEL RED верзија, а тоа ќе биде и најмоќниот сериски автомобил во историјата на BMW M GmbH. Ќе има системска моќност 748 коњски сили (генерирана од комбинација на моторот со внатрешно согорување и електричен погонски систем) и максимален вртежен момент од 1000 Nm.