Официјално претставен новиот Volkswagen Golf R

Volkswagen официјално го претстави новиот Golf 8 R – ова е најмоќната изведба во спектарот на спортски хечбек модели на брендот и ќе им се придружи на неодамна лансираните GTI, GTD и GTE изведби.

Како и неговиот претходник, новиот Volkswagen Golf R користи 2.0-литарски четирицилиндричен турбо-бензински мотор, но сега е со поголема моќност. Новиот Golf R има 10 коњски сили повеќе и поголем вртежен момент за 40 Nm со што вкупната излезна моќност сега е 320 коњски сили и 420 Nm вртежен момент. Силата се пренесува до сите четири тркала преку седумстепен автоматски менувач со двојна спојка, што заедно со зголемувањето на перформансите придонесува да новиот Golf R забрзувањето од 0 до 100 км/ч го постигне за 4.7 секунди, додека максималната брзина е електронски ограничена на 250 км/ч. Сепак, купувачите можат да изберат овој лимит да биде зголемен до 270 км/ч со додавање на опционалниот R-Performance пакет. Како и кај повеќето спортски модели на Volkswagen, шасијата на Golf R е опремена со паметна технологија која е дизајнирана да ги подобри перформансите на патеката. Карактеристиките кои се за издвојување вклучуваат двостепена програма за електронска стабилност, софистициран систем за контрола на влечење и нов torque vectoring систем кој не само што може да ја дистрибуира силата на моторот помеѓу предната и задната оска, туку и помеѓу двете задни тркала.

Шасијата на Golf R доаѓа со шест различни профили на возење. Заедно со вообичаените режими Comfort, Sport, Race и Individual, сега има и плус нов специјален профил, за кој Volkswagen вели дека е конфигуриран специјално за патеката Нирбургринг. Овој профил ги омекнува амортизерите на автомобилот и го прилагодува torque vectoring системот за да овозможи Golf R да ја пренесува максималната количина на моќност до површината на патеката. Но, тоа не е се, Golf R добива и нов „Drift“ режим, за кој Volkswagen вели дека ќе ја олесни контролата на влечење и ќе испрати најголем дел од моќноста на моторот до задната оска, за да се овозможи „дрифтање“. Браво!

Сите овие електронски и софтверски подобрувања го направија новиот Golf R далеку поагилен од моделот што го заменува и за да ги направат измените што е можно поефикасни, тие се поткрепени со низа на механички надградби. Физичките подобрувања на шасијата вклучуваат поцврсти адаптивни амортизери, нов прогресивен серво управувачки систем, пошироки алуминиумски бандажи и огромни 18-инчни дискови за сопирачките на предната оска, кои ги заменуваат 17-инчните единици на стариот автомобил. Golf R вози и 20 мм пониско до земјата од стандардниот Golf за да се добие пониско тежиште и подобрено управување.

Промените на надворешноста во споредба со обичниот Golf не се преголеми, новиот Golf R добива нов сет на 18-инчни алуминиумски бандажи, поагресивни браници, пошироки странични прагови, заден дифузер, спојлер на вратата од багажникот, како и многу “R” ознаки. Најзабележителните промени во споредба со стандардната изведба се новиот издувен систем кој е со четири излези и суптилниот заден дифузер. За оние кои сакаат да бидат позабeлежителни во својот Golf R, како опција достапни се – поголем дводелен заден спојлер, 19-инчни алуминиумски бандажи и погласен (и полесен) Akrapovic издувен систем.

Ревизиите на Volkswagen во внатрешноста се малку поочигледни. Поставени се нови ултра спортски седишта, алуминиумски педали и нов спортски волан со поголеми рачки за менување на брзини. Купувачите исто така добиваат прилагодлив систем за амбиентално осветлување и „R“ лого на седиштата. Golf R го добива и истиот 10-инчен инфо-забавен систем како и дигиталните инструменти за возачот како и стандардниот Golf – сите дисплеи на системот се реконфигурирани со уникатна графика. Возачот може да избере помеѓу два различни дизајни за инструмент таблата, кои имаат или кружен или хоризонтален бројач на вртежи, а при возење во мануелен режим на инструмент таблата се појавува линија за да го потсети возачот кога треба да смени брзина.