Најновата петта генерација на големиот и луксузен Range Rover пристигна во салонот на Automobili Group во Скопје!
Надворешниот дизајн на новиот модел е со помодерна еволуција на стилот на Range Rover. Напред, решетката е со нов изглед, стандардните дигитални LED фарови се поостри, а повеќето сензори на автомобилот за неговите системи за помош на возачот се вградени во панел на долниот дел во браникот за да се добие помазен и почист изглед. Редукционизмот на дизајнот на Land Rover е јасен и на задниот дел, каде што може да се видат најголемите стилски промени за новиот автомобил. Задните светла и индикаторите се вградени во црн панел со цврст изглед кој е непроѕирен кога светлата не се вклучени. Во профилот, Range Rover сè уште е дефиниран со три јасни хоризонтални линии. Првата е под вратите која сега се движи нагоре кон задниот дел, втората се оддалечува од хаубата на преклопот и е поостра од претходно, додека третата линија го одвојува „пловечкиот“ покрив на автомобилот. Тоа не е единствениот дизајнерски детал што е задржан, бидејќи новиот Range Rover сè уште може да се пофали со поделена врата од багажникот, додека инсертите на вратите еволуирале во дизајн во форма на буквата U. Достапни се алуминиумски бандажи од 20 па се до 23-инчи, во зависност од спецификацијата.
Оваа петта генерација, е првиот Range Rover што нуди седум седишта. Новиот автомобил доаѓа во стандардна форма на меѓуоскино растојание со пет седишта, додека ако се одлучите за варијантата со подолго меѓуоскино растојание, можете да ставите и трет ред на седишта. Моделот LWB додава дополнителни 200 mm помеѓу оските на автомобилот, што ја олеснува новата конфигурација на седишта. Подобрената торзиона ригидност (до 50 проценти) благодарение на новата алуминиумска платформа значи дека инженерите на Land Rover успеале да ја зголемат големината на отворот на вратата, со цел да се подобри пристапот на влегување. SWB моделите доаѓаат со пет седишта, додека ако го ставите пакетот „Executive Class“, доаѓа со четири седишта. Поединечните седишта во задниот дел се достапни на SWB и LWB моделите, со што се подобрува просторот за колената за 44 мм, а има до еден метар простор за нозете кај LWB моделот со четири седишта. Овој пакет, исто така, додава контролер со екран на допир од 8-инчи во задниот дел на кабината, додека задните седишта се наведнуваат до 25 степени за да додадат уште поголема удобност и префинетост.
Новиот Range Rover доаѓа со најновиот Pivi Pro инфозабавен систем на Land Rover со нежно заоблен 13,1-инчен екран на допир. Од Land Rover велат дека 90 проценти од функциите се достапни во само два чекора од почетниот екран, а исто така има поголема поврзаност од кога било досега, со можност за over-the-air ажурирање на софтверот , интеграција на Amazon Alexa, Spotify и се разбира, Apple CarPlay и Android Auto со безжично поврзување. Пред возачот се наоѓа 13,7-инчен дигитален инстурмент кластер, додека како што би очекувале за еден врвен луксузен автомобил, купувачите можат да се одлучат за пакет кој додава уште два 11,4-инчни HD екрани на допир за патниците на задните седишта.
Што се однесува до моторите, новиот Range Rover е достапен со три дизел, три бензински и две Plug-in хибридни погони. Кај дизелите, достапен е 3.0-литарски мотор со 250, 300 и 350 коњски сили. Кај бензинците, исто така достапен е 3.0-литарски мотор со 360 и 400 коњски сили, а на врвот на понудата е 4.4-литарски V8 бензинец со 530 коњски сили. Сите овие мотори се со MHEV технологија, AWD погон на сите четири тркала и 8-степен автоматски менувач.
Двете Plug-in хибридни верзии користат 3.0-литарски бензински мотор, основната верзија е со системска моќност од 440 коњски сили, додека помоќната верзија испорачува 510 коњски сили. Батеријата што се користи кај двете верзии е со капацитет од 38.2 kWh и само на струја може да се поминат до 113 километри (според WLTP).
Стандардно сите верзии се опремени и со Terrain Response 2 технологијата на Land Rover што го приспособува погонот на различни површини, додека новиот интелигентен систем за погон на сите тркала може да ја исклучи предната оска помеѓу 35 и 160 километри на час за да се добие поголема ефикасност. Terrain Response 2 системот нуди шест различни режими за возење во теренски услови, како и Wade mode кој го подигнува телото на автомобилот и може да помине во вода која е со длабочина до 900 мм. Новата активна Dynamic Response Pro 48v технологија помага автомобилот да остане што е можно поправ и да не се навалува во свиоци, подобрувајќи ја стабилноста и удобноста на патниците, особено при голема брзина.
Конкретниот модел кој е пристигнат е во врвната Autobiography изведба и станува збор за LWB верзија, односно со подолго меѓуоскино растојание. Придвижуван е до 3.0-литарскиот дизел со 350 коњски сили (D350).
Повеќе информации за возилото може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Land Rover каде што ќе може и да го видите новиот Range Rover.














































