ТЕСТ: Maserati Grecale GT 2.0 300 

Има три карактеристични отвори за воздух на предните крила, четири вистински(!) издувни цевки, „трозабец“ лого на Ц-столбовите и интересен саундтрак од бензинскиот мотор. Ако вака го започнев описот пред 10-15 години веројатно ќе помислите дека зборувам за префинето италијанско купе од Модена, а можеби и лимузина. Но не овој пат…Последните децении покажаа дека златното решение за финансиските проблеми се SUV моделите. Додека Maserati делумно се потпираше на ова решение пред повеќе од седум години, брендот сега достигна пониско, но потенцијално попрофитабилно ниво. Така, Италијанците конечно ја научија „лекцијата“ и го претставија сосема новиот Grecale.

Новиот Maserati Grecale пристигнува како помал брат на моделот Levante. Припаѓа на премиум SUV сегментот со средна големина, каде што сака да се натпреварува со автомобили како Porsche Macan, BMW X3 или Jaguar F-Pace. Името на новиот модел е инспирирано од медитеранскиот ветер кој започнува над островот Закинтос и буквално значи „грчки ветер“. И покрај ова, тоа нема никаква врска со тамошната култура. Техничката основа, погонската единица и технологијата во овој автомобил доаѓаат од италијанската татковина.

Grecale е насочен кон клиентелата што со години ја примами и успешно ја одржува популарниот Porsche Macan. Иако не изгледа така на фотографии и во контекст на ривалите опишани погоре, Grecale е навистина голем автомобил. Наспроти конкуренцијата со должина од околу 4,7 метри, италијанскиот новитет со 4.846 милиметри должина е значително подолг од другите модели. Меѓуоскиното растојание од 2.901 милиметри треба да обезбеди доволно простор за екипажот, додека широкиот став на автомобилот е зајакнат со ширина од 1.948 милиметри. Ако до сега мислевте дека Grecale е повеќе во конкуренција со помалите урбани кросовери, не грижете се… И јас го имав истото искуство додека не го видов автомобилот во живо.

На првата лична средба, сепак, веќе е очигледна масовноста на автомобилот. Ја забележувам долгата хауба и бавно опаѓачкиот покрив одзади, што остава впечаток на SUV-купе. Целокупниот дизајн на Grecale е далеку повесел и до некаде поинтересен од поголемиот SUV на брендот, моделот Levante. Предниот дел на автомобилот е инспириран од спортскиот MC20 автомобил со големи фарови веднаш до хаубата. Решетката е ниска и голема, а ова е веќе одамна карактеристичен дизајнерски елемент на автомобилите од Модена. Додека од страните во браникот исто така има големи отвори за воздух. Целиот преден дел изгледа навистина љуто и динамично, а тука свој удел има атрактивниот потпис на Full LED фаровите.

Сепак, линиите на новиот Grecale се дизајнирани во целосно италијански стил – сензуално, ненаметливо и со соодветен и не претеран акцент, повикувајќи се во некои аспекти на минатото. Страничниот дел на автомобилот е со класична SUV форма, а како што и споменав покривот во задниот дел малку наликува и на SUV-купе поради благо опаѓачката линија. Вреди да се забележат и вдлабнатите рачки на вратите, кои не се ни преклопуваат, ги отворате со притискање на копчето внатре во нив. Впрочем, вратата може да се отвори и одвнатре со копче. Во случај на итност, сепак, присутна е и скриена механичка опција. Околу прозорците има хромирани детали кои допринесуваат за полуксузен изглед. Додека крилата се исполнети со карактеристични алуминиумски бандажи од 20-инчи кои се надополнети со шепи на кочниците во жолта боја. 

Задниот дел на Grecale е едноставен и без претерани дизајнерски елементи и украси. Тенките и широки задни светла се всушност инспирирани од моделот 3200 GT. На вратата од багажникот со букви е испишано Maserati, додека во долниот дел од браникот се наоѓа суптилен дифузер и (фала богу) вистински четири издувни цевки. Генерално, Grecale има суптилен, но според мене убав и интересен надворешен изглед. Ми се допаѓа и сината металик боја на тестираниот примерок која во комбинација со хромираните елементи дава еден достоинствен карактер. 

Одиме внатре – а тука не пречекува кабина која го менува воспоставениот поредок на италијанскиот бренд и ја поместува својата перцепција за еден чекор погоре. Веднаш по првичното седнување зад воланот забележувам многу пријатни материјали наоколу. Пријатната кожа е придружена со елементи од дрво и детали во хром и се чини дека се е перфектно сработено до последен детал. Со ова сакам да кажам дека сѐ стои убаво и ништо не тропа или испушта други евтини звуци додека возите. Седиштата се исто така одлични. Имаат доволно странична поддршка и се удобни за подолги патувања, а тестираниот примерок беше опремен и со грееење и вентилација на предните седишта. Опсегот на поставки е навистина широк, така што тука лесно ќе може да се најде идеална возачка позиција. 

Воланот има перфектна дебелина и „правилна форма“, т.е. нема аголни или на друг начин заоблени креации. Површините на него се направени од сјајно црна пластика и имаат тактилно чувство, но не грижете се. Ова се добри „old-school“ копчиња кои нема случајно да ги допрете додека возите. Автомобилот се стартува на копче кое е поставено на долниот дел на воланот од левата страна, копчето на десната страна е за избирање на режимот на возење. Она што воопшто не ми се допаѓа е контролата на автоматскиот менувач. Во средината, помеѓу екраните се поставени четири копчиња за избирање на правецот на движење. За разлика од класичната рачка, тука мора да гледате надолу секој пат кога сакате да менувате од R во D или обратно. Покрај тоа, при мали брзини (но дури и по целосно запирање) се случува копчето да не реагира на првиот допир и инструкцијата мора да се повтори. Но, има и уште еден полесен начин на менување од D во R, а тоа е преку големите и прекрасни алуминиумски лопатки на воланот. Со левата лопатка ставате во R, додека со десната лопатка ставате во D, а доколку истовремено ги притиснете и двете менувачот се префрла во N. Да, оваа опција ја имаат автомобилите на Ferrari и ова значително го олеснува ракувањето, на пример, кога треба да се паркирате.

Не е големо изненадување што најсовремениот производ на Maserati е преработен во целосна дигитализација внатре. Возачот всушност работи со четири екрани. Главниот екран е со големина од 12,3-инчи кој го претставува мултимедијалниот систем. Под него е уште еден екран со големина од 8,8-инчи. Уште еден екран е поставен пред возачот, односно наменет за инструментите, а часовникот на горниот дел од контролната табла е исто така дигитален. Иако ова нема да ги задоволи љубителите на ретро стилот, на овој екран освен стрелките на часовникот можете да видите и други интересни информации. На пример, може да прикажува G-Force, може да прикажува колку силно ја притискате педалата за гас и педалата за кочниците или да служи како компас.

Мултимедијалниот систем работи на софтвер од Android, и покрај висококвалитетната слика, задоволува и со неговата брза работа и моменталниот одговор на притискање на избраните ставки. Целото мени е можеби малку збунувачки со премногу информации, но многу брзо ќе го научите да го ракувате. Долниот, помал екран де факто ја заменува посебната контролна табла за климатизација. Ова е подобро решение отколку да барате подесување на температурата некаде во подменито, но не е толку лесно да ги погодите малите икони при возење. Дигиталната инструмент табла има неколку различни прикази, така што можете да го прилагодите целото работно место по ваш вкус. Секако, мултимедијалниот систем има поддршка за безжично поврзување преку Apple CarPlay и Android Auto, како и можност за безжично полнење на телефонот. Во оваа прилика сакам да го пофалам и опционалниот Sonus Faber аудио систем кој го имаше тестираниот примерок – нуди фантастичен богат звук, а ова ќе го почитуваат вистинските аудиофили. 

Според производителот, Grecale би требало да биде најпространиот SUV во својот сегмент. И откако ќе седнете на задните седишта, нема причина да не верувате во тоа. Во вториот ред на седишта има навистина многу простор и патниците тука ќе седат исклучително удобно со доволен простор и за нозете и за главата. По потреба може да се сместат и тројца патници, но удобноста на седиштето во средина не е на исто ниво како на страничните седишта. Дополнително, патниците тука добиваат и засебни отвори за климатизација, како и два USB приклучоци, а како дополнителна опција достапно е и греење на задните седишта. 

Grecale стандардно е опремен со електрично отворање и затворање на багажникот. Пристапниот простор е навистина широк и во стандардната конфигурација на располагање се 535 литри багажен капацитет. Просторот е во правилна форма и може да собере навистина многу багаж бидејќи куферите може да се распределат убаво. Дополнително, во подот е достапно уште место кое може да служи за некои помали работи.

Новиот Maserati Grecale е достапен во вкупно четири верзии – GT (2.0 300КС), Modena (2.0 330КС), Trofeo (3.0 V6 530КС) и Folgore, целосно електрична верзија која испорачува 558 КС. Она што е заеднично за сите овие верзии е тоа што стандардно се опремени со AWD погон на сите четири тркала. 

„мојот“ Grecale е основната GT верзија – реално, ова е и верзијата која највеќе ќе се продава. Самиот изговор на зборот „Maserati“ буди емоции. Но, дали овие емоции можат да се најдат и во основниот Grecale GT? Под хаубата се наоѓа нов 2.0-литарски четирицилиндричен турбо бензински мотор – ова можеби и не звучи толку гордо, но Италијанците дадоа се од себе за да го направат звукот од издувниот систем незаборавен. Секако, ова не е звук што може да се спореди со V6 или V8, но ефектот исполнет со изразена спортска нота не разочарува. 

Затоа ги оставам зад себе Comfort и GT режимите на возење за да видам колкава италијанска страст има во Grecale. Под хаубата има надолжно монтиран мотор поддржан од mild-hybrid систем. Моторот  генерира 300 коњски сили и 450 Nm вртежен момент, а ова преведено во бројки значи спринт од 0 до 100 километри на час за 5,6 секунди и максимална брзина од 240 километри на час. Сосема задоволувачки. Што е најважно, максималниот вртежен момент е достапен од 2.000 вртежи во минута, но реално е достапен и многу порано. Тоа се должи на електричниот компресор, кој го поддржува главниот турбополнач при ниски вртежи, кога сè уште нема сила да „дува“. Благодарение на ова, моќта се развива рамномерно и линеарно, и што е најважно – без одложувања. Секоја промена во положбата на десната нога се рефлектира во движење на стрелката на брзинометарот.

Единицата со 300 коњски сили достапни при 5750 вртежи во минута се покажува флексибилна и полна со виталност, и иако „црвената линија“ е на нешто помалку од 6.000 вртежи во минута, не губи здив со ротационото искачување. За соработка на моторот е избран 8-степен автоматски менувач од ZF, кој остава добар впечаток и одговара на командите без непотребно одложување. Сепак, многу попријатно е да ги контролирате брзините со раце, бидејќи лопатките работат со зависнички клик што ве поттикнува да ги користите и во секојдневното нормално возење. Во однос на потрошувачката, во текот на неколку дневното возење измерив просечна потрошувачка во градски услови на возење која се движеше околу 12 литри на 100 километри. Ова е секако во услови на нормално возење, опуштете се малку повеќе со десната нога и потрошувачката расте и на повеќе од 15 литри. Од друга страна, на автопат со движење според пропишаните брзини, потрошувачката изнесува околу 9 литри. За ваков тип на автомобил, слободно можам да кажам дека ова се навистина солидни бројки. 

Како што споменав, Grecale има погон на сите четири тркала, управуван од дигитален мозок наречен VDCM, но Grecale секогаш ја фаворизира работата на задните тркала. И покрај тежината која достигнува речиси 1.900 килограми (од друга страна, за толку голем SUV тоа е добра вредност), системот успева да избегне подуправување. Шасијата се однесува предвидливо и му овозможува на автомобилот лесно да се држи под контрола, иако каросеријата покажува мала склоност кон навалување.

Инаку, она што треба да се напомене е дека Grecale ја користи Giorgio платформата позната од Alfa Romeo Giulia и Stelvio. Но, тоа е само почетокот на основата, Maserati има направено драстични промени во целиот сетап на платформата и дополнително ја има надградено за да може да се понудат што е можно подобри возни карактеристики. Со приоритет на спортските искуства пред удобноста, на хармоничното возење му недостасува поголема нота на возбуда. Знам дека имам работа со SUV модел, но неговото педигре и спортските аспирации ги зголемуваат очекувањата. За жал, воланот не дава толку многу информации колку што би очекувал. Брзината на одговор е вистинска, но на пат со многу свиоци ве остава малку незадоволни бидејќи не се добиваат никакви повратни информации. 

На Grecale GT му недостига агилност, темперамент и охрабрување уште повеќе да ја затегне линијата, да го одложи сопирањето или побрзо да стартува на излезот од свиокот. На поголемата слика  недостига и малку посилен грип кој би бил како остар трозабец кој го притиска гркланот. Фановите можеби ќе бидат малку разочарани од овој факт, но да бидеме реални колку проценти од сопствениците на Grecale GT ќе го „исцрпуваат“ автомобилот до максимум? Тоа би бил многу, многу мал процент. Па затоа, сигурен сум дека тоа нема да биде никаква пречка за потенцијалните клиенти на овој автомобил. За оние кои сакаат и бараат повеќе возбуда и подобри спортски возни карактеристики, тука е врвната Trofeo верзија на Grecale која има драстични промени и подобрувања во шасијата, суспензијата и управувачкиот систем. Новиот SUV на Maserati се чини дека е исклучително зрел во споредба со неговиот потенцијален ривал од Германија. Особено ако поагресивното возење го ставиме во втор план. Grecale е всушност „благо“ воспитан. Суспензијата достоинствено се справува со нерамнините и не им дава на патниците причина за гримаси, обезбедувајќи им навистина високо ниво на удобност. Дури и големите бандажи од 20-инчи не го попречуваат ова. Ако мислите дека комфорот со стандардната адаптивна суспензија не е доволен, можете да изберете и опционална воздушна суспензија со напреден диференцијал, која што е стандардна во врвниот Grecale Trofeo.

ГАЛЕРИЈА ОД ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ

Почетната цена за Maserati Grecale GT изнесува 88.000 евра.

Цената на тестираниот модел Maserati Grecale GT со дополнителните опции изнесува 108.600 евра.

За повеќе информации околу автомобилот може да се обратите во ReDrive каде што се наоѓа и официјалниот салон на Maserati. 

ЗАКЛУЧОК
Maserati моментално минува низ ренесанса, а Grecale треба да биде еден од првите опипливи резултати. И мора да се каже дека насоката што ја зафати брендот пред некое време e навистина успешна. Maserati му ветува на Grecale позиција на најпродаван модел на брендот, а има и зошто - нуди еден комплетен пакет за купувачите. Има модерни технологии, добра практичност и одличен погон надополнет со солидни возни карактеристики.
Флексибилен мотор
Удобна шасија
Елегантен, простран и квалитетен ентериер
Добар саундтрак од издувниот систем
Недостига експресивност и темперамент во возењето
Не толку практична контрола за менувачот
Функциите за климатизација се контролираат преку екран
4.5