Volkswagen го претстави новиот Amarok

По кратката пауза, Volkswagen Amarok конечно се враќа на сцената како целосно нов модел со различен дизајн, нови технологии и нови мотори. Новиот Amarok е заеднички развиен со новиот Ford Ranger, но двата модели се изразито различни во поглед на дизајнот.

На предниот дел, Amarok има дизајн кој вклучува висока и голема решетка што се протега низ целата предница на автомобилот и има многу заеднички детали со другите SUV модели на Volkswagen. На крилата околу тркалата има големи заштитни панели, додека на задниот дел добива нови задни светла во облик на буквата C и името Amarok е втиснато во задната врата. Единствените делови што се исти кај Amarok и Ranger се централниот дел на каросеријата, од основата на шофершајбната до задниот дел на патничката кабина и шините на покривот, сè друго е различно за конкретниот модел, дури и вратите.

Во внатрешноста, дигиталната Virtual Cockpit инструмент табла и големиот централен екран на допир во портрет стил се споделени со Ranger – како и централната конзола и копчињата за прозорците. Остатокот од кабината е со сопствен дизајн на Volkswagen и добива понагласено премиум чувство. Воланот е сличен на оној што се наоѓа во патничките автомобили на Volkswagen, дополнително Amarok ќе го користи сопствениот оперативен систем на Volkswagen, кој вклучува контроли за клима уредот во големиот централен екран.

Новиот Amarok е долг 5.350 мм, широк 1.910 мм и има меѓуоскино растојание од 3.270 мм, сите овие бројки се поголеми од стариот модел, така што сега има повеќе простор и во кабината и во сандакот. Новиот Amarok ќе може да носи носивост до 1,16 тони. Volkswagen исто така, нуди електрично управувана покривка за сандакот за да ги држи предметите кои се натоварени покриени. Достапни ќе бидат две верзии, односно верзија со двојна кабина и пет седишта, како и верзија со една кабина и зголемен товарен простор.

Палетата на мотори започнува со 2.0 TDI четирицилиндричен дизел со 150 или 170 коњски сили. Од овој 2.0-литарски мотор достапна е и BiTDI верзија со 204 или 209 коњски сили, во зависност од пазарот. На врвот на понудата е 3.0-литарскиот V6 TDI кој испорачува 241 или 250 коњски сили, повторно во зависност од пазарот. Volkswagen, исто така, ќе понуди и 2.3-литарски TSI четирицилиндричен бензинец со 302 коњски сили, што е всушност ребрендирана верзија на EcoBoost моторот на Ford кој се вградува во Mustang и Focus ST/RS.

Послабите мотори ќе бидат достапни со 6-степен мануелен менувач или автоматски менувач, додека помоќните верзии стандардно се опремени со 10-степен автоматски менувач. Како и до сега, сите верзии ќе бидат опремени со 4Motion погонот на сите четири тркала.

Новиот Amarok ќе биде достапен во пет нивоа на опременост – основно ниво Amarok, потоа Life, Style, PanAmericana и Aventura. PanAmericana верзијата нуди поробустен изглед, со она што Volkswagen го нарекува „X-дизајн“ преден дел, 18-инчни црни алуминиумски тркала, roll-bar во товарниот простор и детали во црна боја на надворешноста. Aventura е верзија со не толку робустен изглед иако го носи предниот дел со X-дизајн, дополнително добива 20-инчи тркала, хромирани декорации на надворешноста и полуксузна кабина.

Стандардните безбедносни системи се значително надградени во однос на стариот Amarok, при што Volkswagen тврди дека се вградени 20 најнови системи за помош на возачот. Тие вклучуваат адаптивен темпомат со препознавање на сообраќајни знаци, LED Matrix фарови, преден мониторинг со детекција на пешаци и велосипедисти, park assist, паркинг камери со приказ од 360 степени и многу друго.