Volkswagen неодамна го освежи моделот T-Roc, а сега новиот модел е достапен и на македонскиот пазар. T-Roc се покажа како доста популарен модел за Volkswagen, со повеќе од еден милион примероци продадени на глобално ниво од неговото лансирање во 2017 година. Volkswagen очекува дека овој освежен модел ќе ја продолжи популарноста и одличната продажба.
Надворешниот дизајн е освежен со нов преден и заден браник, ревидирани IQ LIGHT LED фарови со нова светлосна лента што се протега низ цела предна решетка, плус потемни редизајнирани задни светла со динамични трепкачи. Има и неколку нови бои за каросеријата, заедно со избор на освежени дизајни на алуминиумски бандажи кои се достапни со големина од 17 до 19-инчи.
Суптилните надворешни промени се во контраст со ажурирањата во внатрешноста, каде што се случија доста позначајни промени. Освежениот T-Roc доби целосно нов распоред на контролната табла и централната конзола, заедно со подобрени материјали низ целата кабина. Добива и нов волан, зад кој се наоѓа целосно дигитална инструмент табла од 8-инчи која сега е стандардна кај сите модели. Како опција достапна е и поголема инструмент табла со екран од 10.25-инчи. Има промени и кај инфозабавниот систем, кој сега доаѓа со целосно нов софтвер и е сместен во нова „лебдечка“ позиција, со хоризонтални отвори за климата интегрирани одоздола. Основната верзија добива екран од 6.5-инчи, додека повисоките нивоа добиваат 8-инчен екран со новиот Ready 2 Discover систем.
Исто така, поставен е и нов панел за контролите на клима уредот кој е чувствителен на допир. Горниот дел од контролната табла сега е изработен од специјален материјал од пена кој придонесува за попремиум чувство во кабината, заменувајќи ја пластиката во претходната верзија на T-Roc.
Освежениот T-Roc добива и низа нови технологии и системи за помош на возачот, вклучувајќи IQ.Drive Travel Assist – најновиот систем за помош на возачот на Volkswagen. Може да ја преземе контролата врз воланот, гаста и сопирачките на автомобилот на автопатот со брзина до 210 км/ч, обезбедувајќи возачот да го надгледува и да го држи воланот. Системите Front Assist и Lane Assist се вградени стандардно, додека адаптивниот темпомат, Side Assist и Park Assist се опционално достапни, со подобрена функционалност.
На нашиот пазар, T-Roc е достапен во три нивоа на опременост – Life, Style и R-Line. Што се однесува до моторите, достапни се два бензински – 1.5-литарскиот TSI со 150 коњски сили и 6-степен мануелен или 7-степен DSG автоматски менувач, како и 2.0-литарскиот TSI со 190 коњски сили, овој мотор е исклучуво достапен во R-Line ниво на опременост и стандардно доаѓа со DSG автоматски менувач и 4Motion погон на сите четири тркала. Кај дизелите, достапен е 2.0-литарскиот TDI со 116 и со 150 коњски сили. Послабата верзија доаѓа само со мануелен менувач, додека помоќната верзија исклучиво со DSG автоматски менувач и опционално е достапна со 4Motion погонот на сите четири тркала.
Почетната цена за Volkswagen T-Roc во Life ниво на опременост со 1.5-литарски TSI мотор изнесува 29.804 евра.
Повеќе информации за возилото може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Volkswagen.


























