Ова е новиот Volkswagen Golf R 20 Years Edition

Новиот Volkswagen Golf R 20 Years Edition добива дополнителна моќност и специјални елементи за да одбележи две децении од лансирањето на R32 – првиот Volkswagen што ја носи значката R. Оваа изведба на Golf R ќе биде лимитирана, но не во ограничени примероци, туку ќе биде достапна за купување само една година, односно до средината на 2023 година.

Под хаубата на Golf R 20 Years се наоѓа истиот мотор како и кај стандардниот Golf R, односно 2.0-литарски TSI турбо бензинец, но тука испорачува 333 коњски сили, што е 13 коњски сили повеќе од стандардниот Golf R. Па затоа, оваа специјална верзија на Golf R е всушност најмоќниот Golf досега! Силата се пренесува на сите четири тркала преку 7-степен DSG автоматски менувач.

Овој специјален Golf добива и една нова опција, наречена Emotion Start. Кога ова е активирано, автомобилот врти до 2.500 вртежи во минута при стартување за да му даде поагресивен звук на хот хечот кој тука стандардно е опремен со Akrapovic издувен систем. Исто така, стандардно е опремен и со R-Performance пакет. Надградбите вклучуваат заден спојлер на покривот, R-Performance Torque Vectoring и дополнителни режими на возење со поставки Special и Drift.

Golf R 20 Years добива и неколку измени на надворешноста. Ретровизорите се во сина боја, освен ако клиентите не го нарачаат возилото во сина боја бидејќи тогаш доаѓаат во црна боја. Поставена е значка „20“ на Б столбот и при отклучување на возилото од предните врати се проектира логото R и 20 на подот. Добива и 19-инчни бандажи кои се во двобојна сино-црна комбинација, но ако овие не ви се допаѓаат, достапни се и целосно во црна боја.

Во внатрешноста, Golf R 20 Years има спортски седишта во Nappa кожа и сино R лого на горниот дел од потпирачот за грб. Исто така, делови од контролната табла и вратите се обложени во карбон.