Прво Возење: Со новиот електричен BMW i4 ги возевме едни од најубавите патишта во Франција

Имав одлична можност да поминам неколку стотици километри зад воланот на новиот целосно електричен BMW i4. BMW има веќе големо искуство со целосно електрични автомобили, а најновото дополнување во понудата е токму новиот BMW i4 – кој е базиран на Серија 4 Gran Coupé, но со себе носи доста значајни промени. Отпатував во Франција, поточно во Ница, а одтаму ги возевме едни од најубавите патишта во Прованса. Па какво е чувството зад воланот на електричниот i4, дали е ова вистински BMW кога станува збор за динамичност?

i4 е поставен на модуларната CLAR платформа на BMW која се користи за Серија 3 и Серија 4, но секако направени се значајни промени бидејќи наместо класичен бензински или дизел мотор, тука имаме електромотори и литиум-јонски батерии. i4 е достапен во две верзии, односно eDrive40 и M50 и имав шанса да ги пробам и двете верзии. Најголемата разлика помеѓу двете верзии е погонот на оската и моќноста. Тие се разликуваат и по опсегот со полна батерија и се разбира по целокупното подесување на шасијата. Разликата може да се види и„на хартија“, но тоа е уште поизразено зад воланот, особено кога се возат двете верзии „една по друга“.

Во двата случаи станува збор за електричен автомобил кој ја користи петтата генерација на електричен погон на BMW. Предноста е тоа што BMW сами го развиваат целиот погон и се обидуваат да го направат погонскиот систем што е можно поеколошки. Не се користат магнети и употребата на благородни метали е намалена скоро на минимум. Исто така, нивните залихи мора да ги обезбедуваат компании кои на пример, не користат детски труд во нивното рударство. Новиот i4 eлектричните мотори ги дели со неодамна претставениот iX електричен SUV на BMW. Последната генерација на овој електричен погон има позитивен ефект не само на перформансите, туку и на опсегот. Тоа е добиено со зголемување на густината на енергијата во високонапонската батерија која е поставена во подот. Во споредба со BMW i3, зголемувањето изнесува 20%.

Тргнуваме од центарот на Ница, а патувањето го започнувам зад воланот на основната eDrive40 верзија која користи еден електричен мотор кој е задолжен за придвижување на задните тркала. Моќноста на оваа верзија изнесува 340 коњски сили и 430 Nm вртежен момент. Забрзувањето од 0 до 100 километри на час трае 5.7 секунди, додека максималната брзина е електронски ограничена на 190 километри на час. Бројкиве и перформансите се далеку од она што сме навикнати да го гледаме за „основен“ модел…Што се однесува до батеријата – и кај двете верзии е со капацитет од 83.9 kWh, односно 80.7 kWh употреблив капацитет. Основната eDrive40 верзија нуди хомологиран опсег од 590 километри со полна батерија според WLTP режимот -повеќе за батеријата и полнењето ќе зборуваме малку подоцна.

Возиме неколку километри низ градските улици во Ница, а чувството зад воланот е како да сте во нормален автомобил, за разлика од некои други електрични автомобили каде што искуството е доста различно. Прегледноста е на доста завидно ниво, освен кон задниот дел поради купеовската форма, но добивате паркинг сензори и камери кои помагаат во паркирањето. Динамичноста која ја нуди оваа „основна“ верзија е навистина за пофалба и без никаков проблем ќе ги задоволи потребите и на оние кои се малку попребирливи. Престигнувањето на кој било пат не е проблем, само притиснете ја педалата за гас и автомобилот доброволно забрзува. Плус, не е важно дали возите 50 или 150 км/ч, бидејќи подготвеноста за забрзување е практично иста. Автомобилите на BMW отсекогаш биле за степен покрути од конкурентите, истиот случај е и со i4 eDrive40, но шасијата и суспензијата се толку добро подесени што кога ќе ставите во Comfort режим, возењето е навистина комфорно и нема несакани удари или вибрации во кабината. Стигнуваме до кривулести патишта, префрлам во Sport режим, а со тоа воланот станува поцврст, педалата за гас пореспонзивна и суспензијата малку потврда. После неколку свиоци јас сум премногу изненаден од тоа како се однесува возилото при подинамично и поагресивно возење, и покрај големата тежината која изнесува нешто над 2 тони, навалувањето е сведено на минимум и возилото стои залепено за асфалтот. Управувачот е прецизен и директен, но како и со сите нови автомобили кои имаат електричен управувачки систем, недостасуваат уште малку повратни информации од подлогата.

Дополнително, BMW има работено на сопирачките и нивното подесување. Системот за сопирање е различен од конвенционалните автомобили со мотори со внатрешно согорување, но има позитивен ефект бидејќи практично нема чувство на транзиција помеѓу рекуперација и сопирање. Патем, рекуперацијата е секако прилагодлива. За жал, потребно е да се клика низ инфозабавното мени за да се промени – што не е толку лесно и едноставно, особено при возење. Сепак, зголемувањето на рекуперацијата до максимум е исто така лесно достапно со рачката од менувачот. Покрај нормалниот режим на движење во „D“, постои и режим „B“. Ова се активира со поместување на селекторот на левата страна и во тој момент автомобилот рекуперира енергија што е можно повеќе. Интересно е тоа што во „B“ режим може да ја процени ситуацијата во возењето и положбата на автомобилот на патот, што пак овозможува целосно да запре – на пример на работ на раскрсница, на семафори и слично.

Пред да се префрлиме во врната M50 изведба, ајде малку да позборуваме и за надворешниот дизајн. Гледајќи го BMW i4, на прв поглед нема да забележите ништо што би покажало дека се работи за електричен автомобил. Дизајнот е базиран на конвенционалниот BMW Серија 4 Gran Coupé, од кој само неколку детали се разликуваат на изглед. Напред, многу озборуваните бубрези немаат дупки и се целосно затворени бидејќи не е потребно ладење, а во зависност од изведбата стои ознаката „i“ или „M“. Страните немаат никакви промени во споредба со Серија 4 Gran Coupé, додека задниот дел добива нов браник со редизајниран дифузер и секако нема никакви издувни цевки. Севкупно, ми се допаѓа динамичната силуета и атрактивниот изглед на автомобилот, особено во Frozen Portimao Blue и San Remo Green боите. Огромна пофалба за BMW што не направиле драстични и футуристички измени на дизајнот во споредба со конвенционалниот Серија 4 Gran Coupé, време е и електричните автомобили да изгледаат нормално како и останатите модели со конвенционални мотори.

За разлика од eDrive40, M50 верзијата добива низа измени и на надворешноста и во внатрешноста. Однадвор, поставени се поспортски браници, понагласени странични прагови, ексклузивни 19 или 20 инчни M аеродинамични бандажи, спортски заден дифузер и мал спојлер на вратата од багажникот. Дополнително, синиот автомобил кој го возев има Carbon пакет кој вклучува ретровизори, страничните делови на предниот и задниот браник и спојлер да бидат во карбон, а сето ова му дава дополнителен спортски „шмек“ на целиот автомобил.

Внатре, i4 е прилично нормален BMW. Има одлични и удобни седишта, доволно простор и напред и назад, како и обемна опрема. Единствената разлика со Серија 4 Gran Coupé тука е новиот мултимедијален систем што вклучува два големи „curved“ екрани (како во моделот iX) – еден за возачот и еден за инфозабавниот систем кои се прекриени со двоен стаклен панел. Може да се жалите на убавината на ова решение, но не и на неговата функционалност. OLED екраните се контрастни, читливи, имаат убава графика и најмногу од сè, тие се брзи и лесни за употреба. Менито на централниот екран е со „виџети“, а сите овие елементи работат на сличен начин како и паметните телефони, па затоа контролата не е толку комплицирана и многу брзо се навикнувате. Замерка имам само за контролите на клима уредот и вклучувањето на греење на седишта – посебниот панел што го има во другите модели на брендот тука е тргнат и за да ја подесите температурата на клима уредот или споменатото греење на седишта мора да одите во посебно мени на централниот екран, па од таму да ги подесувате овие работи…

Исто и во внатрешноста, M50 верзијата добива низа измени како што се – спортски M волан, спортски „bucket“ седишта кои освен што изгледаат феноменално, нудат и многу добра странична поддршка, елементи во карбон низ целиот ентериер, сини контрастни шевови на седиштата, контролната табла и воланот и друго.

По кратката ручек-пауза, седнувам зад воланот на спортскиот i4 M50 – очекувањата за оваа верзија беа доста големи, а на крајот беа и надминати! Оваа верзија има два електромотори – еден на предната и еден на задната оска (xDrive). Предниот испорачува 258 коњски сили, додека задниот испорачува дополнителни 313 коњски сили. Вкупната системска моќност изнесува 544 коњски сили и импресивен 795 Nm вртежен момент. Забрзувањето од 0 до 100 километри на час трае „луди“ 3.9 секунди, додека максималната брзина тука е зголемена на 225 километри на час. Иако станува збор за автомобил со погон на сите четири тркала, поголемиот дел од моќноста се испраќа до задните тркала што е добра работа кога сакате малку повеќе забава во возењето. Исто така, работа што треба да се напомене е тоа дека тие 544 коњски сили се достапни само во Sport Boost режимот, додека во другите нормални режими на располагање има 476 коњски сили и 730 Nm вртежен момент. Батеријата е иста како и кај eDrive40, односно 80.7 kWh употреблив капацитет и опсег со полна батерија од 520 километри (според WLTP).

Однесувањето на автомобилот во свиоци е многу, многу импресивно и разликата во споредба со послабата верзија е веднаш очигледна. Оваа верзија е и за неколку килограми потешка, максималната тежина изнесува 2,3 тони, но освен на сопирање и на некои остри свиоци навистина не ја чувствувате тежината. Со притискање на педалата за гас „до крај“ сите органи во телото ви се поместуваат (не се шалам) и забрзувањето кое го нуди овој автомобил е не реално. Целото чувство е збогатено со звук компониран од Hans Zimmer, кој потсетува како да сте во некој научно-фантастичен филм (ако не ви се допаѓа овој звук, во менито може комплетно да го исклучите). Се разбира, сè уште го преферирам звукот на V8 мотор, но нема да кажам дека не импресионира. BMW верува дека овој поостар i4 е навистина чистокрвен „M“ и јас би се согласил со тоа – единствената работа која недостасува е звукот на трицилиндарскиот шест цилиндричен бензинец. Оваа верзија добива специфично подесена шасија со адаптивни амортизери, дополнителни засилувања во предната и задната суспензија и последно, но не и најмалку важно, малку изменета аеродинамика. Интересна е речиси идеалната распределба на тежината од 48,2 на предниот дел и 51,8% на задниот дел, како и воздушната суспензија на задната оска. А оваа карактеристика ја добива и послабата верзија.

Седите на удобно, спортско седиште, слушате музика од убав, Harman Kardon опционален аудио систем, а потоа одеднаш во ретровизорот гледате голема решетка на некоја конкурентна марка. Ја притискаш педалата за гас… и повторно може да уживаш во удобно возење, без друштво. Инженерите на овој автомобил заслужуваат огромна пофалба, трудот не бил залуден. Одличниот вртежен момент и совршената распределба на масата го прават i4 M50 да се „залепи“ на асфалтот и многу самоуверено да се справи со свиоците. Во исто време, автомобилот не е премногу крут за да биде неудобно во кабината – ова е перфектна рамнотежа помеѓу удобност во возењето и спортска ригидност. Кога станува збор за нормално возење немам никави посебни замерки, прецизното управување, работата на шасијата и одличната изолација си го прават своето. Поопуштеното возење е исто толку убаво како и динамичното возење. На автопат при брзина од 130 км/ч, во кабината е исклучително тивко и единствената бучава која се слуша (со комплетно исклучена музика) е од големите тркала, но искрено ништо страшно.

На љубителите на М дивизијата веројатно ќе им биде тешко да простат, но вистината е дека i4 M50 е фантастичен автомобил кој може да понуди екстремна забава.

На патот назад кон центарот на Ница, застанавме на кратка пауза да видиме како функционира полнењето на батериите на i4. Поточно, застанавме на станица со IONITY DC брзи полначи. Па ајде сега малку подетално за батериите и полнењето – двете верзии користат батерија со употреблив капацитет од 80.7 kWh и оваа батерија поддржува полнење до 205 kW, што значи ќе може да се искористи максималниот потенцијал на полначите. Двете верзии на i4 за 10 минутно полнење може да обезбедат опсег од околу 140-150 километри, што да бидеме реални е повеќе од доволно. На овие DC брзи полначи, батеријата да се наполни од 10% до 80% се потребни околу 30 минути, додека за полнење во домашни услови со моќност од 11 kW, според техничките податоци потребни се 8.5 часа.

Електромобилноста е иднината со која работат производителите на автомобили и на која го фокусираат својот развој, а кај BMW, може да се види многу. Новиот BMW i4 е софистициран автомобил кој не носи дивост, туку „нормалност“. За разлика од неодамна претставениот iX SUV. Достапен е во две верзии, од кои едната е особено погодна за оние кои сакаат комфорен GT со релативно голем опсег, а другата ќе импресионира со својата динамичност и стабилност. Меѓутоа, во двата случаи, автомобилите се удобни, тивки и безбедни (тие ги нудат сите безбедносни и активни системи за помош при возење како и сите други најнови модели на BMW).

Автомобилот е веќе достапен за продажба и повеќе информации за новиот BMW i4 може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на M Car.

ФОТОГРАФИИ