ТЕСТ: Peugeot 308 GT 1.5 BlueHDi 130 EAT8

Peugeot 308 е еден од најважните модели во гамата на Peugeot, со продажба од над 7 милиони примероци во последните 15 години. Новата, трета генерација е подобра од кога било до сега и има две јасни цели – да ја продолжи традицијата, но сега таргетирајќи ја премиум конкуренцијата.

Покрај новиот дизајнерски идентитет, новиот 308 се појавува значително надграден во квалитет и во технолошки решенија. Интересно е и тоа што уште од самиот почеток е достапен со бензински (PureTech) и дизел (BlueHDi) мотори, како и за прв пат до сега во Plug-in Hybrid верзии.

Новиот 308 е поставен на еволуираната верзија на EMP2 платформата која овозможува електрификација. Должината на новиот модел изнесува 4360 мм, висината 1441 мм и ширината е 1859 мм. Во споредба со претходниот модел, добивa 110 мм во должина, губи 20 mm во висина, додека ширината не се менува. Што се однесува до меѓуоскиното растојание од 2675 мм, зголемено е за 55 мм за да понуди повеќе простор во кабината.

Предниот дел на новиот 308 ги претставува силните амбиции на автомобилот. На големата предна решетка со сјајни дезени се наоѓа новото лого на Peugeot. Интересен детал е и поставувањето на регистарската табличка која е речиси скриена на дното на браникот, а со тоа големото лого во решетката доаѓа многу повеќе до израз. На страничните делови од браникот се наоѓаат црни елементи во кој се „пресекуваат“ дневните светла во форма на лавовски заби. Погоре, поставени се нови тенки Matrix LED фарови кои играат главна улога во создавањето максимална визуелна агресивност. Кога ќе се земе во предвид висината, јасно е дека дизајнот на хаубата (мазна, спуштена во центарот и издлабена од страните) го дефинира целото ова спектакуларно предно лице. Гледан од страна, дизајнот на новиот Peugeot 308 е исто толку успешен со различни вдлабнатини кои воспоставуваат жестока филозофија. Кабината сега е поставена многу поназад од онаа на претходната верзија, па затоа и целата форма на автомобилот е комплетно различна. Дизајнерите во Peugeot работеле и на најмалите детали, а тука се и 18-инчните бандажи со аеродинамичен профил.

Задниот дел на новиот 308 е исто така динамичен и атрактивен, а може да се каже дека е и доста широк. Тука, вниманието оди кон задните светла кои се чини дека се ослободени од каросеријата – овој визуелен ефект е доста иновативен и изгледа фантастично. Светлата користат full LED технологија и се во форма на три лавовски канџи, а исто така се поврзина со црна линија која се протега по цел заден дел. Браникот има елемент со сјајно црна површина во која се имплементирани лажни отвори за издувот…единствената работа која не ми се допаѓа за надворешниот дизајн и која не можам да ја разберам зошто производителите на автомобили сеуште ја прават. Друга важна работа која треба да се напомене е аеродинамичната оптимизација – новиот 308 има коефициент на воздушен отпор од 0.28 Cd, што го прави еден од најаеродинамичниот модел во својата класа.

Конкретно тестираниот модел кој е во GT изведба добива неколку измени на надворешноста во споредба со стандардните модели, како што се поспортски браници, странични прагови и ексклузивни 18-инчни алуминиумски бандажи. На крајот, ДНК на Peugeot потпишува остра, динамична и совршено избалансирана силуета, но некои можеби ќе ја сметаат за премногу нападна. Според мене, стилот на Peugeot во последните неколку години достигна исклучителна зрелост и атрактивност, што пак го прави новиот 308 еден од најубавиот автомобил во сегментот на компактни хечбек модели.

Да се префрлиме внатре, ја отворате вратата и ве пречекува внатрешност која изгледа како да е од некој автомобил од иднината. Океј, и другите нови модели на Peugeot имаа футуристична и уникатна внатрешноста, но 308 добива комплетно нов дизајн и нов распоред во кабината. Првата работа што ќе ја приметите кога ќе седнете зад воланот е исклучително ниското седење кое дава едно спортско чувство. Дополнително на ова, спортските седишта кои се добиваат во GT и GT Pack нивоата на опременост, освен што изгледаат убаво тие нудат одлична странична поддршка и се доста удобни. Она што останува од другите модели на брендот е i-Cockpit концептот, кој искрено не е по сечиј вкус. Одредени луѓе можат лесно да најдат идеална возачка позиција, а други имаат голем проблем. Јас конкретно(висок сум 179 cm), за да можам да ја гледам цела инструмент табла требаше воланот да го поставам на најниската позиција, а така освен што ми ги допира нозете, самата позиција не е баш природна. Целата кабина на новиот 308 е толку импресивна што некако ги заборавате недостатоците. Огромна пофалба заслужува завршната обработка и изборот на материјалите, навистина ретко се наоѓа тврда и неквалитетна пластика. Ова го прави новиот 308 многу, многу блиску до премиум моделите од овој сегмент.

Мултимедијалната средина кај новиот 308 отвара едно ново поглавје. Дигиталната инструмент табла, главниот инфозабавен екран и новиот i-toggle панел под него нудат кристално чиста графика. Ајде да започнеме од дигиталната инструмент табла пред возачот – овој екран може да го конфигурирате како што сакате, не мислам само на изборот на прикажаните податоци, туку и на самиот дизајн и уредување. GT и GT Pack верзиите стандардно добиваат инструмент табла со 3D ефект која дефинитиво вреди да се види. Првите неколку километри треба да се навикнете на овој приказ бидејќи личи како индикаторите за брзина да се излезени од екранот и изгледа многу интересно.

Да се префрлиме на централниот екран за инфозабавниот систем кој е со големина од 10-инчи. Тука, можете исто така да го преуредите целото мени како што сакате. Работи со виџети слични на паметните телефони и опциите не се ништо помалку богати. Самиот систем е модерен и има инстанта респонзивност. Што се однесуво до панелот со i-toggles копчињата е особено интересен бидејќи ви овозможува да конфигурирате брз пристап до функциите што сакате да ги имате веднаш при рака. Пример, може да ставите копче за клима уредот, друго копче за исклучување на старт/стоп системот, трето за Apple CarPlay и така натаму. Штета што за подесување на температурата на клима уредот треба да одите пак во друго мени и не е веднаш достапно. Исто така, поради не знам која причина, деактивирањето на lane keeping assist системот не може да се додаде во панелот за брз пристап…Па така, после секое стартување на возилото треба да направите неколку клика низ менито за да го исклучите.

Една од главните слабости на новиот 308 во споредба со конкурентните модели е просторноста на задните седишта. По целосно отворање на задните врати, влезниот простор е прилично мал и тесен. Кога ќе седнете позади, и покрај засечениот дел на предните седишта просторот за колената е многу мал. За главата ситуацијата е подобра, но некои конкурентни модели нудат значително поголема просторност. За сместување на тројца патници воопшто не треба да размислувате, освен ако не станува збор за деца.

Со багажниот простор е малку подобро. На хартија ветува 412 литри, но 28 литри од нив всушност се простор за складирање под подот. И покрај тоа, багажникот е доста голем, особено длабок и има правилни форми. Лесно се пристапува благодарение на големиот отвор, но мора сами да го отворите и затворите бидејќи не постои опција за електрично отворање и затворање.

Новиот Peugeot 308 поради тоа што е поставен на нова платформа која поддружува електрификација, уште од самиот старт е достапен со бензински и дизел мотори, како и две Plug-in хибридни верзии. Доколку сакате бензинец, на располагање е 1.2-литарски PureTech мотор со 110 и со 130 коњски сили, првиот доаѓа само со мануелен менувач, додека вториот може да се земе и со мануелен и со автоматски менувач. Доколку сакате дизел, достапен е само еден 1.5-литарски BlueHDi со 130 коњски сили и избор на мануелен или автоматски менувач. Plug-in хибридните верзии користат 1.6-литарски PureTech мотор во комбинација со 12.4 kWh литиум-јонска батерија, првата верзија има моќност од 180 коњски сили, додека втората има моќност од 225 коњски сили (за овие верзии ќе зборуваме повеќе во наредна прилика).

„мојот“ 308 под хаубата е опремен со 1.5-литарскиот BlueHDi дизел мотор кој испорачува 130 коњски сили при 3750 вртежи во минута и 300 Nm вртежен момент од 1750 вртежи во минута. Силата ја пренесува на предните тркала преку 8-степен автоматски EAT8 менувач. Оваа комбинација овозможува забрзување од 0 до 100 км/ч за 10.6 секунди и постигнува максимална брзина од 207 км/ч. Перформансите кои ги нуди овој мотор се просечни, ништо спектакуларно. Убаво го придвижува возилото и релативно тивко работи, немам никакви посебни замерки. Но, ако сакате малку повеќе динамичност ќе треба да одберете некои од Plug-in хибридните верзии…За автоматскиот менувач имам само пофалби бидејќи работи беспрекорно, реагира брзо кога тоа ќе го побарате и нема никакви забуни за тоа во која брзина треба да биде. Ова е одличен пакет за оние кои сакаат економичен и рафиниран мотор, а перформансите и динамичноста не им се воопшто битни. За време на неколку дневното тестирање измерив просечна потрошувачка во градски услови на возење која се движеше од 5 до 6 литри, на отворен пат со возење по пропишаната брзина многу лесно се стигнува до потрошувачка од 4.5 литри.

Нека не ве лажат буквите GT во името – ова не е вистински спортски автомобил. GT верзијата има само спортска надворешна и внатрешна оптика. На ова одговара и самото управување, кое е пријатно нежно, така што автомобилот е лесен за маневрирање, на пример во тесни улички, но недостигаат повратни информации од предните тркала. Она што највеќе ме изненади (пријатно) е подесувањето на хидрауличните амортизери, кое не е верно на француската традиција, наместо мека шасија добиваме значително поригидна шасија, како и потврда суспензија, која сепак обезбедува примерен комфор при возењето, но може да ги информира возачите и за помали дупки или нерамнини на патот. Иако тестираниот модел има 18-инчни бандажи, во ни еден момент возење не е неудобно,а нема ни значителни удари во кабината. Достапни се три режими на возење: Normal, Eco и Sport – да бидам искрен, разликата помеѓу овие режими е скоро неприметлива, освен во Sport каде што воланот станува поцврст, педалата за гас е малку пореспонзивна и менувачот ги држи брзините на повисоки вртежи. При подинамично возење, новиот 308 навистина изненадува (особено во споредба со својот претходник), останува неутрален, нема склоности на подуправување и сигурно се задржува на патот, дури и ако сте на целосно совршена подлога. Најинтересното е што сето ова е добиено со торзиона суспензија на задниот дел. На автопат, автомобилот се однесува многу добро, каде покрај удобното возење, ќе ве задоволи и со одлична звучна изолација. Зголеменото аеродинамично свирење може да се забележи на брзини поголеми од 140 км/ч, односно далеку од домашната максимална брзина.

Французите веќе долго време создаваат специфични автомобили за специфични купувачи. И навистина добро им оди, продажбата расте, клиентите се задоволни, а диверзификацијата на пазарот е многу поголема.

Почетната цена за Peugeot 308 Active Pack 1.2 PureTech 110 изнесува 21.420 евра.

Цената на тестираниот модел Peugeot 308 GT 1.5 BlueHDi 130 EAT8 изнесува 34.390 евра.

ГАЛЕРИЈА ОД ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ

Повеќе инфромации за возилото може да најдете ТУКА или да ги посетите продажните салони на Peugeot.

ЗАКЛУЧОК
Третата генерација на Peugeot 308 успешно се надоврзува на својот претходник. Новиот модел е далеку поатрактивен и внатре и надвор, нудејќи посовремена технологија, вклучувајќи напредни асистенти за возење, како и докажани бензински и дизел погонски единици. Плус, веднаш достапни се и Plug-in хибридни верзии. Ова би требало да биде доста успешен модел за брендот бидејќи е меѓу најдобрите во својата класа.
Атрактивен и уникатен дизајн
Економичен и рафиниран дизел мотор
Одлични возни карактеристики
i-Cockpit сетапот нема да биде по сечиј вкус
Тесен простор на задни седишта
i-toggles панелот би можел да има плус уште неколку опции
4.5